Промовирано завршувањето на проектот за санација на браната на Слатинското Езеро во Дебрца

Санацијата на браната на акумулацијата е реализирана со финансиска поддршка на ЕУ, имплементирана од УНДП, во рамки на поширокиот проект за надминување на последиците од поплавите во 2015 година вреден десет милиони евра.

Амбасадорот на ЕУ Самуел Жбогар, шефот на канцеларијата на УНДП во земјава, Нарин Шахакјан, министерот за земјоделство Трајан Димкоски и градоначалникот на Дебрца Зоран Ногачески денеска го промовираа завршувањето на проектот за санација на браната на Слатинското Езеро.

– Со реконструкцијата постигната е структурна стабилност на браната и отпорност од надојдени води со што се намалува ризикот од поплави. Истовремено санирањето ќе овозможи навремена достапност на вода за наводнување на обработливите површини, истакна министерот Димкоски.

Евроамбасадорот Жбогар изрази задоволство што се завршува проектот за санација на браната, нагласувајќи дека се работи за дел од активностите финансирани од ЕУ, насочени кон поголема подготвеност за справување со евентуални природни непогоди.

– Климатските промени носат непредвидловости во природата, оттаму потребата за што поголема подготвеност на такви појави. Неодамна во Охрид го отворивме Центарот за спасување на планина и на вода, сега го промовираме овој проект за санација на браната на Слатинското Езеро. Вредноста на овој проект изнесува 1,2 милиони евра, а опфаќа не само нејзина реконструкција, туку и нејзино осовременување, во насока на подобрување на нејзината отпорност на потенцијални опасности, рече Жбогар.

Тој посочи дека ЕУ во регионот финансира уште два значајни проекта: за промоција на Белчишкото блато за заштитена зона и враќање на реката Сатеска во старото корито, односно заштита на Охридското Езеро.

Амбасадорката на УНДП Нарине Шахакјан појасни дека санацијата на браната на Слатинското Езеро е само дел од поширокиот проект за реконстукција на објекти, инфраструктура оштетени од временски неприлики.

– Не станува збор тука само за проста реконтрукција. Работевме на голем број објекти, брани, мостови, објекти. Станува збор за активности при што се користат иновативни технологии, материјали, со единствена цел тие да бидат многу поотпорни на идни предизвици, временски неприлики. Мошне е важно и властите и јавните институции на сите нивоа да бидат подготвени со нив да оперираат со нив на соодветен начин, за на најдобар начин да можат да се справуваат со предизвиците, рече таа.

Шахакјан укажа на потребата активностите и проектите за заштита на природата да бидат еднакво важни при одлучувањето за сите институции по хоризонтала, за нивна што поголема одржливост.

Градоначалникот на Дебрца Ногачески се заблагодари на помошта од ЕУ и УНДП, уште повеќе поради важноста на Слатинското Езеро за кое рече дека претставува потенцијал што во иднина би бил искористен за туристичка промоција на Дебрца. Тој рече дека Општина Дебрца веќе работи на изготвување урбанистички план кој предвидува внесување повеќе туристички содржини.

– Следуваат конкретни активности, преку Швајцарската агенција за развој и соработка обезбедени се средства за изградба на пешачка патека и внасување неколку туристички содржини на Слатинското Езеро. Со изградбата на браната е направен значаен исчекор, но останува потребата од чистење на дното на акумлацијата и повторно полнење со вода, рече Ногачески изразувајќи уверување дека со помош на институциите, фондовите на ЕУ и на УНДП ќе биде целосно вратен првобитниот изглед на Слатинското Езеро.

Како последица на обилните врнежи во февруари 2013 година попушти стариот земјен насип на Слатинско Езеро, што беше изграден во средината на минатиот век. Рибниот фонд од езерото беше изловен и пренесен во други водни акумулации и реки. Водата од акумулацијата беше испуштена за да се спречи уривање на браната и загрозување на околните населени места./МИА

Точно 353 балерини го соборија рекордот во „бурè“ танц на прсти

 Танчерки во бели „пачка“ фустанчиња се собраа вчера во њујоршкиот хотел „Плаза“ за да го соборат светскиот рекорд во танцување на прстите.

Меѓу танчерките имаше девојчиња на возраст од девет до 19 години кои се натпреваруваат за стипендии, но и професионални танчерки. На музика од Петар И. Чајковски, балерините се префрлаа од едната нога на другата и обратно - на прсти и со поголема брзина. Тоа движење се нарекува „бурè“ на француски и девојките го правеа тоа цела минута.

Тина Ши, претставничка од „Гинисовата книга на рекорди“, го објави резултатот: „Имаше 353 девојки, тоа е нов Гинисов рекорд. Честитам!“.

Претставата е организирана од американската младинска програма за стипендии за балет „Јут Америка гранд при“, којашто ја прославува својата 25-годишнина со три вечерни изведби во „Линколн центарот“ за изведувачка уметност.

Артета: Арсенал имаше многу периоди на доминација, но тоа не беше доволно да го поминеме Баерн

Тренерот на Арсенал, Микел Артета објасни зошто Арсенал не успеа да го победи Баерн во Лигата на шампионите. 

- Во одреден момент игравме подобро, имавме многу периоди на доминација. Одредена искра што треба да се појави во противничкиот шеснаесетник е она што е потребно во ваквите конфронтации за победа. Нашиот клуб седум години беше без Лигата на шампионите. Прво сакаш да стигнеш овде, па потоа да стигнеш до полуфинале, финале. Сите ние навистина го сакаме тоа, но за многу тимови потребни се шест, седум години да го направат тоа. Сепак, бевме многу блиску, изјави Артета за „ТНТ Спортс“.

Баерн Минхен во полуфиналето на елитното фудбалско натпреварување ќе игра со Реал Мадрид.

Другата полуфинална двојка ја сочинуваат Борусија Дортмунд и Пари Сен-Жермен.

Јакимовски: Османи ни пропагира политика на жирафа

Претседателскиот кандидат Стевчо Јакимовски за неговиот против кандидат Бујар Османи вели дека тој во кампањата пропагира политика на жирафа.

-Не можам да го слушнам Бујар Османи во кампањата да каже нешто за животот во Македонија и за подобрување на животот на граѓаните во Македонија, туку ни пропагира политика на жирафа: Жирафата млекото да дава кај комшијата, а јаде од кај вас дома, истакна Јакимовски.

притисни ентер