Обвинение за штипјанец кој злоупотребил средства од ЕУ фондовите

 Триесет и двегодишен штипјанец е обвинет за  измама и злоупотреби средства од фондовите на Европската Унија.

Како што соопшти Јавното обвинителство, обвинението следи по сеопфатна истражната постапка водена од јавен обвинител на Основното јавно обвинителство Скопје, во која се прибрани материјални и вербални докази, по чие разгледување и анализа е утврдено дека обвинетиот искористувајќи ист траен однос со преземање на временски поврзани дејствија, во текот на временскиот период од 2015 до 2017 година ги извршил кривичните дела – злоупотреба на службена положба и овластување и измама на штета на средства на ЕУ.

Обвинетиот, како што е наведено во соопштението, кривичното дело го извршил како одговорно лице – управител на правното лице „БАЛКАН ЕКО ФРУИТ" ДОО Свети Николе, каде содружник е и правното лице „АГРОПИОНЕР" ДОО Скопје управувано од државјанин на Саудиска Арабија.

– Употребувајќи средства спротивно од одобрената намена за која се добиени од Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој, како и со искористување, пречекорување и неизвршување на своите овластувања и должности обвинетиот нанел штета на оштетеното правно лице во кое бил управител и тоа во вкупен износ од 69.825.499,00 денари, велат од Обвинителството.

Имено, обвинетиот со образложение за потреба и користење на средства од ИПАРД програмата склучил договор со Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој за користење на средствата за плаќање на 50 отсто од вредноста на опрема, со што добил парични средства во износ од 14.989.596,00 денари. Истовремено од „Стопанска Банка" АД Скопје за долгорочно финансирање мултивалутна кредитна рамка подигнал парични средства во износ од 1.600.000 евра. Но, наместо согласно договорот паричните средства од ИПАРД програмата да ги трансферира на сметката на правното лице „БАЛКАН ЕКО ФРУИТ" ДОО Свети Николе во Стопанска Банка АД Скопје согласно договорот за долгорочно финансирање заради наплата на дел од кредитот, обвинетиот без согласност на правното лице – содружник, ги трансферирал средствата на сметка на правното лице „БАЛКАН ЕКО ФРУИТ" ДОО Свети Николе во Комерцијална Банка АД Скопје од каде средствата се уплатувани на правни лица блиски до него по различни основи во вкупен износ од 6.406.206,00 денари. Остатокот од паричните средства во износ од 8.583.390,00 денари тој ги исплатил на други правни лица за тековни фактури по разни основи.

Во периодот кој бил предмет на истрага на Основното јавно обвинителство, обвинетиот во својство на управител, без согласност на содружникот правно лице, електронски одобрил и исплатил шест трансакции во вкупен износ од 13.720.147,00 денари, по што испорачувал разни материјални добра на правното лице кон други правни и физички лице во вкупен износ од 15.690.491,00 денар за кои изготвил само испратници и приемници без да преземе дејствија за наплата на побарувањата.

Обвинетиот исто така склучил и 36 договори за откуп на овошје и четири договори за деловно техничка соработка – заедничко производство на домати, притоа не вршејќи наплата на побарувањата и обврските од истите, со што нанел штета на правното лице во износ од 2.188.873,00 денари. Во истиот период , обвинетиот без согласност на содружникот, дозволил влез и производство во просториите на фабриката „БАЛКАН ЕКО ФРУИТ" ДОО на други правни лица од кои не ја наплатил закупнината, платата за вработените и останатите режиски трошоци со што нанел штета на правното лице во висина од 23.236.392,00 денари.

Со сите преземени дејствија, обвинетиот 32-годишен штипјанец, ги сторил кривичните дела за кои надлежен јавен обвинител од ОЈО Скопје поднел обвинителен акт до Основниот кривичен суд- Скопје.

Измена на КЗ, политичка одлучност и консензус за тешки реформи

Измена на КЗ, политичка одлучност и консензус за тешки реформи, во фокус на сесијата на Работната група - 4, Поглавје 24.

Измена на Кривичниот законик, визија, политичката одлучност и консензус за спроведување на тешки реформи се дел од препораките за кои се дискутираше денеска на тринаесетта сесија на Работна група – 4, Поглавје 24: Правда, слобода и безбедност.

На сесијата на тема „Темелни права, правда и слободи преку призмата на механизмот за владеење на правото на Европската Унија“ што се одржа во Скопје, Кристиан Туркаљ, правен експерт за Западен Балкан, главен преговарач во преговарачкиот тим на Република Хрватска, сподели дека за да се оди забрзано на патот кон ЕУ, потребно е да се остварат некои претпоставки, како што се одлучност и консензус за реформи.

- Според мене, клучна е визијата, одлучноста на политичката елита во Македонија, еден консензус на главните чинители тоа вистински да се сака, како би се спровеле тешки реформи. Тука доаѓа до тоа да се биде способен да донесеш тешки одлуки, односно, да не се избегнува донесувањето на одлуки. Одложувањето на одлуките само го одложува процесот и всушност гледаме дека процесот станува сѐ покомплексен, рече тој.

Во однос на прашањето дали тие тешки одлуки се уставните измени, тој одговори дека не би зборувал конкретно за Македонија, но, дека тоа било случај во Хрватска.

- Во случајот на Хрватска тоа вклучуваше, да, и измени на Уставот кои потоа овозмжија примена на Европските прописи во Република Хрватска, дополни тој.

На сесијата, Туркаљ посочи дека треба да се препознае и да се искористи шансата. Тој потенцираше дека независните тела во правосудството мора да имаат капацитет кој опфаќа доволен број на кадар, но, и способен кадар кој што знае да постапува.

Според него, стагнацијата на напредокот може да доведе до блокада и доколку нашата држава сака да оди напред, таа треба да го стави целиот интелект на овие поглавја.

Александра Деаноска Трендафилова, професорка на Правен факултет „Јустинијан први“ – Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје и координатор на работната група, на сесијата истакна дека основната порака е дека сме свесни дека состојбите на правото се под мониторинг и дека треба да се проучи механизам за владеење на правото, односно, како што рече, „околу што се врти целата оска“.

- Треба да ги читаме извештаите и директивите што ги даваат другите држави и ЕУ. Имате фиксни параметри што треба да ги исполните, тука може да земеме пример од држави кои добиваат забелешки, а се слични на нашиот систем, да видиме како се соочуваат и да стигнеме до решенија, рече таа.

Во изјава за медиуми по воведните обраќања, таа истакна дека е неопходно да ја почитуваме предлог-директива која е дел од иницијативите на Европската Комисија за зајакнување на антикорупциската рамка и борба во Унијата против корупцијата.

Образложи дека како препорака од денешната дискусија ќе произлезе надлежните министерства, конкретно Министерството за правда, да ја разгледа предлог-директивата и да предложи повторни измени на КЗ, бидејќи, како што рече, ако го чекаме донесувањето на новиот КЗ, тоа ќе потрае.

- Оваа предлог-директива борба против корупцијата, иако не е финален документ, и нас не нѐ обврзува, не треба да заборавиме дека сме во процес на евроитнеграции, усогласување на нашето законодавство со законодавството на ЕУ, па дури и она што е во фаза на предлог, бидејќи е израз на политиките на ЕУ. Во таа предлог директива, дадена е минимална листа на кривични дела на корупција кои што треба да бидат инкриминирани во кривичните законици на земјите членки на ЕУ, вклучително и делото „злоупотреба на службената положба и овластување“. Нешто што во јавноста беше предмет на дискусија дали воопшто треба да постои како дело, рече таа.

Дополни дека во поглед на предложените казни, тие се многу повисоки од оние што ние ги имаме во актуелниот Кривичен законик, и како што рече, тие особено се намалија кај делото „злоупотреба на службената положба и овластување“ со измените на КЗ од септември 2023. Предлог-директивата, како што дополни, е донесена во мај 2023 година.

Трпе Стојановски, НКЕУ-МК експерт, професор на Факултет за безбедност, УКЛО – Битола, потенцираше дека ако една држава сака да покаже перформанси, одржливост и борба против корупција мора да инвестира во квалитетна јавна администрација.

По воведните обраќања дел од сесијата е експертска анализа пос која ќе има презентација, дискусија и усвојување на препораки.

Јанчев: Кавадарци станува зелена општина

Кавадарци станува зелена општина – вели градоначалникот Митко Јанчев. 

Изминативе години реконструирано е јавното зеленило на површина од 130.000 метри квадратни, рече меѓудругото првиот човек на Општина Кавадарци.

Целата изјава на градоначалникот Јанчев, погледнете ја во видеото.

Демири и Манолева: Здравствениот дом Охрид со реновирана Служба за вакцинации ...

Здравствениот дом Охрид со реновирана Служба за вакцинации и две нови амбулантни возила - зајакнати капацитетите во изминативе години.

Министерот за здравство д-р Илир Демири и заменик министерката д-р Маја Манолева, денеска се во работна посета на Охрид, каде што ги посетуваат Здравствениот Дом во Охрид и Специјализираната болница за ортопедија и трауматологија „Св.Еразмо“–Охрид.

-Во изминатиот период, Здравствениот дом значително ги унапреди условите со реновирање на просториите во Службата за вакцинации, како и зголемување на нивото на здравствена заштита, рече министерот Демири.

Со обнова на опремата за лабораторија и медицинска апаратура се прошири делокругот на анализи кои сега се вршат во зздравствената установа.

-Како што ме информираше директорката, набавени се две амбулантни возила за Итната медицинска помош од сопствени средства, со што се изврши обнова на возниот парк, поефикасно, побрзо и навремено реализирање на здравствените услуги за пациентите, изјави заменичката Манолева.

Со цел подостоинствени услови за пациентите и вработените, потпишан е договор за поправки, санација на објектот „Маларична“ со примена на дограма, фасада, кров и партерно уредување. Исто така, спровена е постапка за санација на објектот амбуланта Белчишта во вредност од 7.665.280.00 денари од сопствени средства.

притисни ентер