Според проценките, 50 странски компании кои работат во земјава ќе бидат опфатени од глобалниот минимален данок кој ОЕЦД го наметна од први јануари годинава. Првичните истражувања на „Прајс вотерхаус куперс“ покажале дека македонскиот буџет по овој основ ќе се соочи со одлив од најмалку 30 милиони евра годишно... Од советот на странски инвестиции при стопанската комора пак велат очекувале транзициски период.
Ние како Совет уште минатата година го покренавме овој разговор и оваа дискусија со економскиот тим на Владата, и ако тогаш на еден или друг начин ни беше кажано дека барем ќе има некаков транзициски период каде што ние како држава веднаш тоа нема да го воведуваме, сепак од први јануари оваа година овој данок е воведен на глобално ниво, така да голем број на компании без разлика дали работат во или вон технолошко-индустриските развојни зони, или дали тие добиваат државна помош или не, ќе треба детално да се разгледаат сите ефекти како тоа ќе влијае врз локалните компании...
Светските компании во земјава сега плаќаат данок од 10%, а со глобалниот ќе плаќаат вкупно15% со тоа што 5% ќе одат во нивните матични земји. Според првиот човек на ТИРЗ – Јован Деспотовски нема да се отежни процесот на привлекување на странски инвестиции. Според него сегашниот данок од 10% мора да остане поради придобивките за домашната економија... Предлогот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ за намалување на данокот за компаниите на 5% за него е неекономски...
-Нема да го отежнат за нас, меѓутоа очигледно ќе го отежнат за нашите политички опоненти, бидејќи ВМРО-ДПМНЕ заговара нова стратегија на привлекување на странски инвестиции кои што се базираат на намалување на данокот на добивка што е „нонсенс“. Ние како држава сега треба да бидеме паметни, да ги спречиме негативните ефекти врз домашната економија, тоа значи да не се залетаме и да го воведеме тој данок од 15%. Исто така и не треба да бидеме глупави па да одиме со политиката од 10% на 5%, знаејќи дека компаниите кои плаќаат сега 10% ќе треба разликата до 15% да ја доплатат некаде на друго место,- -Јован Деспотовски – Директор на ТИРЗ.
Според наведеното, ОЕЦД со глобалниот данок сака да стави крај на трката со даночни ослободувања или олеснувања да се привлечат што е можно повеќе инвеститори од страна на земјите. Нивната иницијатива ја подржаа 140 земји, а тоа ги засега над 8.000 светски мултионационални компании со консолидирана добивка од над 750 милиони евра...