ДКСК: Фирма што е во сопственост на лицето Нефи Усеини не може да воспостави деловни односи со општина Охрид

Експресно по укажувањето на Антикорупциска комисија дека фирмата на советникот во Општина Охрид, Нефи Усеини не смее да учествува на тендерот на општината за рушење на дивоградбите, тој се откажа од учеството на тендерот.

 Во телефонски разговор за Канал 5. Усеини, ја потврди оваа информација, иако вели претходната година учестувал и го добил истиот тендер.

Од Антикорупциска укажуваат  дека, е противзаконско Општината да склучува деловни односи со фирми на Усеини или негови блиски лица.

-Општината може да најде и друг начин да го спроведе решението за рушење, но не со оваа фирма која е во сопственост на советник во општината. Не смее да склучува деловен однос, тоа е спротивно на законот.

Фирмата на Усеини е една од двете кои се пријавиле на тендерот. По откажувањето на Усеини извесно е дека останува само една фирма.

Советникот во општина Охрид од редовите на ДУИ, неодамна свечено отвори пицерија кај чинарот, иако објектот официјално е прогласен за дивоградба и за него постои решение за рушење уште од март. По пријавувањето на тендерот од страна на Усеини,  се отвори прашањето дали тој ќе си ја руши и својата дивоградба.

Ако толку сака да руши, може сам да си руши не мора на тендер да се јавува, но Општината треба да го дисквалификува, бидејќи е во судир на интерес.

Канал 5 се обиде да стапи во контакт со градоначалникот на Охрид, Константин Георгиевски, но тој не беше достапен на својот телефон.

Антикорупционерите собираат материјали за сите дивоградби во Охрид. Ивановска не ја отфрли можноста под лупа на Комисијата да се најдат и сите тендери на фирмата на Усеини. 

Одбраната бара прекин на „Титаник" до разјаснување на ситуацијата со Јанева

Прекин на пастапката до разрешување на состојбата со специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, побара на денешното рочиште одбраната на обвинетите за изборни нерегуларности во случајот „Титаник".

Претседателот на судечкиот совет Осман Шабани, даде половина час пауза, по што Судот ќе се произнесе по барањето.

Пред почетокот на рочиштето, адвокатот Димитар Дангов побара прекин на главната расправа поради, како што рече, одредениот притвор на Јанева за предметот „Рекет".

– Според Законот за СЈО, Катица Јанева преку својството кое го има е единствено надлежна да го застапува секој, па и овој предмет. Од наведените причини мора да кажам дека обвинителката Лиле Стефанова нема право да го застапува овој предмет. Конечно Стефанова не може да има повеќе право на застапување од правото што Јанева го нема во овој момент. Предлагам главната расправа да се прекине, изјави Дангов.

Обвинетиот Илија Димовски на судот му посочи дека согласно случувањата, може да смета дека постапката за разгледување на работата на СЈО е започната.

– Предлагам судот да донесе решение до завршување на постапката на Советот на јавни обвинители и Собранието, и доколку одлуките бидат негативни по Катица Јанева, судот да ја прекине расправата, изјави Димовски.

Предлагам, посочи Димовски, овој предмет во интерес на сите во постапката да ја почека разврската.

Процесот го води судијата Осман Шабани, а застапник на обвинението е Лиле Стефанова од СЈО.

Случајот се наоѓа во доказна постапка и досега се изведени околу 4.700 од вкупно 5.900 материјални докази предложени од СЈО.

Освен поранешниот премиер Никола Груевски кој е во бегство, во „Титаник" обвинети се и Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска, Билјана Бришкоска Бошковски, Илија Димовски, Мунир Пепиќ, Едмонд Темелко, Леко Ристоски, Кирил Тодоровски, Катерина Веловска, Станко Коруновски, Коста Марковски, Драгче Драгчески, Марјан Накевски, Гоце Јаневски, Џезми Ахмет, Роберт Давитков, Далибор Алешковиќ и Ленка Рашјаковска.

Тие се осомничени за злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за финансирање изборна кампања./МИА.

Рејчел Галовеј: Политичките партии интересот на земјата мора да го стават пред сè

Ефективноста и интегритетот на целокупното правосудство е предуслов за национална стабилност и просперитет.

 Реформите во обвинителството се дел од пошироките реформи поврзани со владеењето на правото што се приоритетни за ЕУ, за НАТО и за граѓаните на Македонија, па затоа политичките партии мора да го стават интересот на земјата пред сè, вели британската амбасадорка во Скопје, Рејчел Галовеј во интервју за МИА, во однос на потребата од донесување нов закон за Јавно обвинителство и спојувањето на сегашното СЈО со Основното јавно обвинителство за организиран криминал.

– Ефективноста и интегритетот на целокупното правосудство е предуслов за национална стабилност и просперитет, вели Галовеј, нагласувајќи дека Советот на ЕУ отсекогаш бил јасен дека треба да се утврди правна одговорност за сторените противзаконски дејства за кои јавноста дозна од прислушуваните разговори од 2015 година.

Според неа, квалитетните законски рамки се важни, но владеењето на правото се заснова на нивната примена, па затоа случајот „Рекет" е можност да се покаже делотворно, навремено и неселективно спроведување на законите.

– Најважно е граѓаните да видат дека владеењето на правото подеднакво важи за сите, потенцира Галовеј

Таа нагласува и дека Велика Британија ја поддржува евроатлантската интеграција на Северна Македонија и се надева дека Европскиот совет на самитот во октомври на земјата ќе и даде датумот за почеток на преговорите за членство во ЕУ.

–  Македонија покажа лидерство и храброст во пристапот кон проблемот со името и постигна значаен напредок со бројни реформи. Општиот правец е позитивен, но за вистински промени треба време и постојани напори од сите учесници во општеството. Процесот на влегување во ЕУ треба да ги засили овие реформи, вели Галовеј .

Во врска со односите на Лондон со земјите од Западен Балкан по Брегзит, предвиден за 31 октомври, амбасадорката Галовеј истакнува дека и по напуштањето на ЕУ, Велика Британија ќе остане истата држава „поврзана со  Македонија и поширокиот балкански регион.

– Јасно е дека Западниот Балкан му е важен на Обединетото Кралство, како што покажавме со нашата четирикратно зголемена програмска поддршка, поброен кадар, како и со посетата на поранешната премиерка Тереза Меј во Скопје и посетата на министерот за надворешни работи Никола Димитров во Обединетото Кралство пред еден месец. Верувам дека нашите и онака цврсти билатерални односи ќе продолжат да се продлабочуваат и во иднина, потенцира Галовеј./МИА.

Поранешни вработени од „ОХИС" повторно на протест во Скопје

Поранешни вработени во скопската фабрика „Охис", која е во стечај, денеска повторно протестираат низ улиците во Скопје. 

Протестираат пред Парламентот по што, според најавите, ќе се движат кон Министерството за правда и кон Владата.

Бараат исплата на побарувањата од стечајната постапка за 24 неисплатени плати и придонеси од плата за 16 месеци. Имаат неисплатени осум плати од 2008 година и 16 плати од 2012 и 2013 година.

– Има нешто исплата но тоа се ситни пари. Недостигаат три до четири милиони евра за да се обештетат луѓето. Свесни сме дека граѓаните се нервозни, но не ни преостанува ништо друго освен да протестираме, велат вработените од „Охис".

Според нив, државата е должна да им ги исплати платите бидејќи имала доминантен општетствен капитал во фабриката.

Досега, повеќепати протестираа пред надлежните институции и имаа средби со владини претставници. За денеска, како што велат, немаат најави за средба со некој од институциите. /МИА.

притисни ентер