10 000 луѓе евакуирани на островот Паг поради голем пожар

Околу 10.000 лица се евакуирани откако избил голем пожар на хрватскиот остров Паг, огнот избувнал околу  еден часот по полноќ, во боровата шума на плажа во близина на градот  Новаља.

На оваа локација се одржувал традиционален музички фестивал, така што околу 10.000 луѓе биле евакуирани, соопшти полицијата.

Огнената стихија е под контрола, а акција за гаснење се уште е во тек. Како што пренесуваат хрватските медиуми, отежнувачка околност е силниот ветер кој дополнително го разгорува и го разнесува огнот.

Во операцијата за гаснење биле  вклучени три авиони и голем број пожарникари. Засега нема информации за повредени

Голем интерес за Купи куќа – купи стан, изготвен и нов прирачник

Министерството за финансии изготви прирачник за проектот „Купи куќа, купи стан", што е поставен на веб-страницата на Министерството.

За неполни три месеци откако стапија во сила новите услови, интересот кај граѓаните е голем, соопшти денеска Министерството за финансии.

– Намалените каматни стапки, новиот модел Купи стан за млади, како и дополнителната едногодишна субвенција на месечната рата за секое новородено или посвоено дете, е причината за големиот интерес, стои во соопштението.

Согласно новите услови, каматната стапка за моделот „субвенција на рата" за првите три години изнесува 2,9 проценти, а за третата и за четвртата година 3,9 проценти. Намалена е и каматната стапка за моделот „субвенција на учество" и таа сега изнесува четири проценти за цело времетраење од исплатата на кредитот зголемена за шестмесечен еурибор.

За младите до и со наполнети 35 години, потсетуваат, е воведен нов модел „Купи стан за млади". Притоа, корисниците што ќе го одберат моделот „субвенција на рата", од државата ќе добијат субвенции во висина од 70 проценти од ратата во првите пет години од отплатата на станбениот кредит.

– Така на пример, за кредит од 50.000 евра вкупниот износ на субвенцијата изнесува 11.900 евра. Оние, пак, што ќе го одберат моделот за помош при отплата на учеството, од државата ќе добијат субвенција во висина од 70 проценти од учеството за станот. За кредит од 50 илјади евра, државата ќе субвенционира 8.750 евра. Дополнително, корисниците на субвенциониран станбен кредит, за секое новородено или посвоено дете ќе добијат дополнителна едногодишна субвенција на месечната рата во висина од 30 проценти, појаснува Министерството.

Новина има и кај моделот „Купи куќа за возраст над 35 години". Сега оние што ќе аплицираат за овој модел ќе добијат поголема субвенција. Лицата над 35 години ќе добијат субвенции од 80 отсто од месечната рата во првите пет години за изградба или купување нова куќа, или 80 проценти од учеството при купување или изградба на куќа. 

Алкалоид инвестира 11 милиони евра во проширување на производните капацитети

Новите производни одделенија ќе се простираат на површина од 7.000 м² и ќе создадат услови за реализирање на околу 200 нови вработувања.

Посветеноста на перманентниот раст и развој, следењето на трендовите и најновите достигнувања во сферата на фармацијата, се главните причини поради кои во изминативе дваесет години „Алкалоид АД Скопје“ се задржа на курсот за континуирано инвестирање вложувајќи преку 200 милиони евра, алоцирани воглавно во сегментот Фармација. Инвестициските потфати во производствени капацитети и опрема, лаборатории, институт за истражување и развој, центар за контрола на квалитетот, модерен SAP софтвер, технологија и добро обучен персонал – менаџментот на „Алкалоид“ ги смета за неопходни предуслови за зголемување на пласманите и интензивирано глобално позиционирање на производите на брендот „Алкалоид“. Во таа насока, се инвестициите во новите производни одделенија чиј износ ќе достигне 11 милиони евра и кои како и останатите, ќе се изведуваат во согласност со строгите барања за Добра производствена практика (GMP).

Од планираните 11 милиони евра, 3,5 милиони ќе бидат наменети за целосно технолошко подготвување на одделението „Пакување на цврсти форми“, со површина од 2.000м². За потребите на одделението, нарачана е техничко-технолошка опрема во вредност од 5,2 милиони евра, вклучувајќи две автоматски линии за пакување. 2,3 милиони евра ќе бидат инвестирани за изградба на два нови ката наменети за производство на цврсти фармацевтски форми и придружен простор за техничко-технолошка опрема со вкупна површина од 5.000 м².

Сето ова ќе овозможи зголемување на капацитетите за производство за најмалку 50%, односно од сегашниот капацитет од речиси 2 милијарди таблети и капсули годишно, на повеќе од 3 милијарди парчиња цврсти фармацевтски форми.

„Согласно стратегијата за развој и долгорочниот план за капитални вложувања, ‘Алкалоид’ иницира нова фаза во инвестициските активности која има за цел зголемување на производните капацитети на компанијата. Планираната инвестиција е во склад со политиката на компанијата за вложување во капитални проекти, а со оглед на тројното зголемување на консолидираните приходи од продажби во изминативе 15 години, ваквиот потфат беше неопходен за овозможување на уште поинтензивни пласмани и континуиран раст“ – изјави г. Живко Мукаетов, Генерален директор и Претседател на Управниот одбор на компанијата.

Комплетирањето на оваа инвестиција, планирано за првата половина од 2020 година, ќе создаде услови за реализирање на околу 200 нови вработувања во сегментот Фармација.

Стоилковски: Изгледа постои личен мотив кај Костадинов за така отворено да лаже за случајот „Рекет"

Мотивот на Заев за заштита на криминалот од „Рекет“ го знаеме. Сомнежите се дека тој и неговите структури се силно вплеткани во оваа криминална - октопод мрежа која што тој сака да ја заштити.

Но постои и дополнителен мотив, по се изгледа личен мотив кај портпаролот на СДСМ, Костадин Костадинов за да така отворено лаже и да манипулира за овој случај. Освен можен финансиски бенефит во прашање е морален хазард. Затоа прашуваме:

 Дали има, и доколку има нека одговори какви се фотографии, материјали и тонски записи постојат од портпаролот на СДСМ, Костадин Костадинов во еден од телефоните на осомничените во случајот „Рекет“?

 Зошто Костадин Костадинов е толку исплашен од неговиот довчерашен најдобар пријател Бојан Јовановски?

          Дали е точно дека има инкриминирачки материјали на Костадинов снимени во странство?

          Дали на овие материјали освен овие двајца се вклучени и други лица, политичари со потекло од една странска земја?

          Дали е точно дека Костадинов е и чест посетител на скапите, развратни забави организирани од еден од осомничените во „Рекет“, пред неколку месеци во два големи града во една соседна држава?

          Дали Костадинов на овие луксузни забави трошел и народни пари?

          Ако ова е точно тогаш нека одговори Костадинов што точно правел на тие забави со Бојан Јовановски?

          Ако стравот на Заев е дознавањето на адресата каде е однесен куферот со пари, дали стравот на Костадин Костадинов е дознавањето за инкриминирачките материјали со неморална содржина најдени во телефонот на еден од осомничените за случајот „Рекет“?

          Дали стравот кај Костадинов е дознавањето за неговиот неморален карактер?

          Дали СДСМ е партија која што е претворена во дувло на развратот во изминативе неколку години?

          Дали Костадинов го дели истиот став како и Зоран Заев за Бојан Јовановски кажан при неговата изјава?

           

Наум Стоилковски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ

притисни ентер