Ловците од Виничко пуштија 400 нови фазани во ловиштата, се најавува нов Закон за ловство

 Пред почетокот на ловната сезона на прелетен дивеч членовите на ловечкото здружение „Бел камен" од Виница пуштија 400 нови фазани во ловиштата во општината.

Птиците се набавени од сопствени средства на здружението и беа пуштени во ловните терени кај селото Драгобраште и во околината на Виница. Се работи за редовна акција чија цел е да се обнови и збогати ловниот фонд во регионот.

-Токму на Илинден почнува овогодишната сезона на прелетен дивеч, поради што пуштањето на подмладок и повозрасни фазани ќе им овозможи подобри шанси за улов на нашите членови. Исто така, се подоготвуваме и за почетокот на главната ловна сезона чиј старт традиционално е во октомври. Во моментот имаме околу 200 активни ловци, од кои поголем дел се вклучени во одржувањето на ловниот фонд на нашето подрачје, истакна Лазар Коцев, претседател на здружението „Бел камен".

Ловното здружение од Виница веќе деветта година е концесионер на две ловишта за крупен дивеч на период од дваесет години, како и на две ловишта за ситен дивеч на десет години.

На пуштањето на фазаните во Виничко присуствуваше и претседателот на Ловечката федерација на Македонија, Влатко Алексовски кој рече дека се подготвуваат нови законски одредби за ловството.

– Веќе разговаравме со надлежните во ресорното министерство и заеднички заклучивме дека се потребни итни измени на одредени решенија во законите за оружје и за ловство што се актуелни во моментот. Наша крајна цел е да се подготви целосно нов Закон за ловство, почнуваме од понеделник и за еден и пол месец очекувам да биде донесен законот. Еден од приоритетите е укинување на електронската аукција при доделување на концесиите, затоа што се предвидува повеќе од 70 отсто од ловиштата за ситен дивеч се опфатени со аукцијата, па сметаме дека ќе настане класично разграбување на ловните терени од страна на поединци кои имаат поголема финансиска моќ. Со измените во Законот ќе овозможиме нов модел, при што предност ќе имаат старите концесионери, истакна Алексовски.

Во државата во моментот има 74 концесионери на вкупно 276 ловишта, од кои четири се државни, а едно е факултетско и кај сите е забележан брз пораст на бројот на диви свињи, поради што од Министерството за земјоделство ќе се бара да се зголеми квотата за нивен отстрел./МИА.

Саудиска Арабија за прв пат учествува на изборот за Мис Универзум

Саудиска Арабија ќе учествува на изборот за Мис Универзум 2024 за прв пат во историјата на изборот.

Руми Алкахтани, 27-годишна манекенка и инфлуенсер родена во Ријад, ќе ја претставува Саудиска Арабија на изборот за убавина.

- Чест е да се учествува на изборот за Мис Универзум 2024. Ова е прво учество на Кралството Саудиска Арабија на изборот за Мис Универзум - објави таа на својот Инстаграм профил.

Освен што е крунисана за Мис Саудиска Арабија, Алкахтани ги носи и титулите Мис на Блискиот Исток, Мис на Арапскиот свет за мир 2021 година и Мис жена на Саудиска Арабија.

Таа претходно ја претставуваше Саудиска Арабија на неколку меѓународни натпревари, меѓу кои и оној за Мис Азија, кој се одржа во Малезија, пишува Index.hr.

Сончево и топло до крајот на неделава со температури до 27 степени

Следува период на сончево и топло време со пораст на температурата кон викендот.

Утринските температури ќе бидат постојано над нулата, а поголемо наоблачување со услови за појава на дожд се очекува на почетокот на следната недела и ќе биде проследено со умерено спуштање на температурата, соопшти УХМР.

Минималните утрински температури ќе бидат во интервал од 4 до 12, а максималните дневни ќе достигнат до 27 степени.

Струмичката болница обезбеди модерна ендоскопска и лапароскопска опрема за хируршки зафати

Струмичката болница обезбеди и започна со работа со нова модерна ендоскопска и лапароскопска опрема за потребите на одделот хирургија, информираа од оваа здравствена установа.

Како што соопштија оттаму, со лапароскопска хирургија се овозможува полесен третман на пациентите со минимални инвазивни третмани, помал губиток на крв, помал ризик од инфекции, полесно заздравување и пократок престој на пациентите во болница за разлика од отворените хирушки интервенции.

-Тимот на хирурзи, хирурзи на абдоминална хирургија, во болницата веќе подолго време работат лапароскопски операции, а во наредниот период ќе се работи на проширување на експертизата, доедукација на лекарите во лапароскопска хирургија, како и во гинекологија за проширување на видот на оперативните третмани кои досега се работеа во нашата болница со класични отворени хирушки методи, велат од ЈЗУ „Општа болница Струмица“.

Инаку, лани се направени вкупно 1.400 операции, од кои околу 300 лапароскопски хирушки интервенции.

притисни ентер