Нема подолги задржувања за излез на ГП „Богородица", слаб пропуст на возила на грчка страна

На граничниот премин „Богородица" за влез и излез од нашата држава нема подолги задржувања, но пропустот на возила од грчка страна е со послаба динамика, информираат од дежурната служба на ГП „Богородица".

– Од наша страна нема застој, возилата се пропуштаат за пет до десет минути, меѓутоа од грчка страна има застој. Колоната возила е речиси до нашата граница, информираат од дежурната служба на ГП „Богородица".

Посочуваат дека пропустот на возила од грчка страна е со слаба динамика, но засега немаат никакво официјално соопштение за евентуални проблеми.

Од АМСМ информираат дека на граничните премини има зголемена фреквенција, но нема подолги задржувања за влез и излез од државата, додека интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е зголемен.

Вонредна летна крводарителска акција во Куманово

Дваесет и четири крводарители од Куманово, од кои четворица повеќекратни денеска даруваа крв на вонредната, втора по ред летна крводарителска акција која се одржа во кумановскиот Центар за култура.

Крводарителската акција е во организација на Црвениот Крст – Куманово и Институтот за трансфузиона медицина – Скопје.

– И оваа акција е успешна, оцени стручниот соработник за крводарителство, Ива Младеновска.

Во првите шест месеци од годинава од јануари до јуни се одржале 25 крводарителски акции на кои крв дарувале 1.324 крводарители, од кои 1.053 мажи и 270 жени./МИА

Димковски: Ако отстрелот биде задоволителен, војската нема да се активира

Министерот за земјоделство Трајан Димковски ќе ги следи најавените акции за отстрел на диви свињи викендов.

За Канал 5 вели дека ако ловџиите го исполнат голем дел од предвидената квота, има простор да се ревидира рокот.

 Со министерот Димковски  колегата Игор Манасиевски разговараше и за откупните цени и распределбата на картички за зелената нафта.

Во видеото погледнете го целиот разговор.

Проштална средба на министерот Никола Димитров со амбасадорот на Кралството Шведска, Матс Стафансон

Министерот за надворешни работи Никола Димитров, денеска го прими во проштална средба амбасадорот на Кралството Шведска, Матс Стафансон, пред завршување на неговиот мандат и заминување од земјата.

Министерот Димитров се заблагодари за исклучителниот придонес на амбасадорот Стафансон во развивањето на македонско-шведското пријателство, за што министерот Димитров му врачи и благодарница за неговиот плоден ангажман и искрена, отворена и конструктивна поддршка кон демократската трансформација и европските аспирации на нашата земја.

„Вашата мудрост, добронамерни и пријателски совети, како и професионалниот пристап во работата, оставија силен печат во нашето општество, а воедно и меѓу дипломатскиот кор како доајен. Особено ми претставува задоволство што меѓу другото, за време на Вашиот мандат беше интензивирана и размената на посети на високо ниво, а притоа беше усвоена и Декларација за соработка меѓу нашите две земји во 2017 година. Кралството Шведска продолжува да служи како наш модел и инспирација при преземање на реформските чекори во духот на европските вредности, а притоа уверен сум дека и Вашиот наследник ќе продолжи со иста динамика да го негува позитивниот тренд на билатерални односи.", рече Димитров на прошталната средба со амбасадорот.

притисни ентер