Почнува 46-тата Галичка свадба

Културно-туристичката манифестација „Галичка свадба" ќе започне вечерва во 19:30 часот со изведување на првите свадбени обичаи. Во куќата на зетот ќе се накити бајракот, а потоа со три истрели ќе се означи почетокот еден своевиден фестивал на мијачк

На годинашното издание во центарот на вниманието ќе бидат зетот Огнен Караѓозовски и невестата Марина Петровска. Марина има потекло од Крива Паланка, но одамна е преселена, а Огнен има потекло од едно големо галичко семејство. Тој во повеќе наврати бил вклучен во органзацијата на претходните свадби и учествувал како статист.

Лајв стрим и над 200 луѓе за посилен впечаток

Свадбарските обичаи ќе започнат со поставување на свадбарското знаме, а судбоносното „да" младенците ќе го кажат в недела, 14 јули, во храмот „Св. Апостол Петар и Павле". Посетителите ќе можат да проследат над 30 обичаи. За успешен тек на манифестацијата ќе бидат ангажирани стотина статисти облечени во автентични галички носии. Традционалните ора и игри ќе бидат задолжение на триесетина членови на КУД „Фолклорни бисери". Особено атрактивна е коњицата со коњаниците кои во неколку наврати ќе ги бодињаат коњите по тесните галички сокаци. За да се одвива сé според сценариото ќе има и техничка поддршка, односно годинава за свадбата работно ќе биде за над 250 луѓе. За време на викендот, во Галичник ќе биде воспоставен и специјален сообраќаен режим, за полесно следење на фестивалот.

Новината што минатата година се покажа како исклучително атрактивна, годинава ќе биде унапредена. Лајв стрим (видео пренос) од целиот настан ќе има над 12 часови. Програмата, освен на голем лед екран поставен на платото, ќе може да се следи и преку интернет и други телевизиски платформи.

Традиционалната културно-сценска манифестација „Галичка свадба" годинава се одржува три дена од 12 до 14 јули, а покровител на годинешната „Галичка свадба" е претседателот Стево Пендаровски, кој по татко е галичанец.

Традиционалните обичаи како атракција

За време на манифестацијата, посетителите можат да проследат автентични свадбарски обичаи и ритуали проследени со изворни свадбарски песни карактеристични за овој крај и за Мијаците. Традиционално, почетокот на свадбата се означува во сабота со китењето на свадбарскиот бајрак со горско цвеќе и симболичниот чин на „фрлање" три пушки од куќата на зетот (вила „Доста"). Мајката на зетот ги дочекува семејството и роднините со домашен леб и со ќуп во рацете, по што го поведува „Свекрвиното оро".

Во саботата навечер симболично ќе се тераат демоните што би можеле да го следат младиот пар. Зетот, кумот и други пријатели носат запалени факели до куќата на младата. Свитата со факелите го осветлува патот до трите чешми, каде младата за последен пат како немажена ги полни бокалите со вода.

Свадбата продолжува во недела, завршува со венчавка

Утредента се изведува еден оригинален обичај „канење на мртвите", па бричењето на зетот и потстрижување. Во неговата потстрижена коса се става дукат, како симбол на богатство и потомство.

По овие обичаи следува одењето до куќата на младата. Таа облечена во традиционална га­лич­ка носија, го дочекува младенецот на балконот од нејзината куќа. Тогаш таа изговара, гледајќи низ прстенот: „Низ прстен те гледам во срце да ти влезам". Качена на коњ младата заминува во куќата на нејзиниот иден маж. Свекрвата со сито, погача и бокал со вино ја дочекува невестата, која слегува од коњ и по постелената литовина влегува дома. По венчавањето во црквата „Св.Петар и Павле", невестата се носи на вода на чешмата „Упија", потоа се изведува невестинското оро, ги дарува најблиските, се крши „шутката" и по завршувањето на свадбарските обича и тапаните и зурлите ги испраќаат најблиските роднини.

Особено впечатлив белег на целата манифестација претставуваат колоритните носии на сите учесници во свадбената свеченост. Посебна атракција е и невестинската носија која сама по себе е уникатна. На неа преовладуваат белата, жолтата и црвената боја и доминантен е богатиот вез распореден на ракавите и на предниот дел од кошулата. Составен дел од невестинската носија е и филигранскиот накит со уникатни златни и сребрени елементи. Сиот комплет може да тежи и до 30 килограми.

Венчавката на Марина и Огнен во недела околу пладне ќе ја извршат јеромонасите од Бигорското монашко братство, а претходно во црквата „Св Петар и Павле" ќе се служи света литургија за празникот Петровден.

Покрај официјалниот дел, вечер настап ќе има и групата „Бенд Оф", а угостителските објекти ќе понудат нивни програми./МИА

Во Баварија уапсени двајца руски шпиони

Федералните обвинители уапсија вчера двајца осомничени руски шпиони во Баварија под сомнение дека шпионирале и планирале напади врз воени цели за да ја поткопаат поддршката за Украина, пишува денеска „Еурактив“.

Двајцата мажи се осомничени дека работеле за странска разузнавачка служба во „особено тежок случај“, соопшти обвинителството. Едниот е обвинет и за планирање на напади, пред се против воена инфраструктура и индустриски капацитети во Германија.

- Нашите безбедносни власти спречија можни експлозивни напади за да ја поткопаат нашата воена помош за Украина. Ова е сериозен случај на сомнителна активност на агент на криминалниот режим на Путин, изјави за новинарите министерката за внатрешни работи Ненси Фезер.

Според обвинителството, главниот обвинет бил во контакт со лице поврзано со руската тајна служба од октомври 2023 година.

Двајцата мажи, исто така, се вели дека извидувале неколку потенцијални цели, вклучително и американски бази, каде што собирале информации поврзани со нападот. /МИА

Словенија: Покрај изборите за ЕП на 9 јуни, можно е да се одржат и три референдум

Надлежните комисии на Државниот збор (Парламентот) на Словенија треба да одлучат дали на денот на изборите за Европскиот парламент во Словенија, 9 јуни, ќе се одржат истовремено три референдуми.

Но, не постои единство во владејачката коалиција за ваквиот предлог. Претставниците на Движењето за слобода се „за“, Левицата е рамнодушна, а Социјалдемократите (СД), Словенечката демократска партија (СДС) и Нова Словенија (НСи) се против.

В петок матичните комисии на Државниот збор ќе подготват уредби за распишување три советодавни референдуми, иако коалицијата се уште не се договорила за датумот на нивното спроведување. Во Движењето за слобода бараат референдуми да се одржат на денот на европските избори.

По процедуралните компликации на вонредната седница на Парламентот во средата, претставниците сепак ги прифатија предлозите за распишување три советодавни референдуми.

Така, гласачите ќе го кажат својот збор на референдумите за регулирање на правото на помош при доброволно завршување на животот, за воведување преференцијално гласање на изборите за Државниот збор и за одгледување, преработка и употреба на канабис.

Датумот на нивното спроведување сè уште не е целосно дефиниран, кој се носи заедно со уредбата за распишување референдум. Иако датумот се уште не е договорен ниту во коалицијата, претставниците веќе в петок во матичните работни тела ќе почнат да ги подготвуваат одлуките за распишување на сите три референдуми.

Во работните материјали за состаноците на матичните комисии на 6 мај се посочува на предлозите за одлуки за распишување на советодавнен референдум и датумот на распишување на референдумот, од кој почнуваат да течат роковите за негово спроведување, а недела, 9 јуни, како ден на гласање./МИА

Израел нема да преземе одговорност за синоќешниот напад врз Иран, објави „Џерузалем пост“.

Израел нема да преземе одговорност за нападот синоќа врз објект во централниот дел на Иран, објави израелскиот весник „Џерусалем пост“.

Извори од израелската служба за безбедност и од Владата на Израел за весникот рекоа дека причините за тоа се „стратешки“.

Весникот ги цитира зборовите на своите извори: „Око за око, заб за заб. Израел одговори таму, од каде беше нападнат“.

Според извори на весникот, Иран говори за „експлозија во фабрика“, а не за ракетен напад, бидејќи сака да избегне ескалација на тензиите. За доушниците на „Џерусалем пост“ не е јасно зошто Пентагон им открил на американските медиуми дека Израел бил вмешан во нападот - според нив, од САД можеле да молчат, со што би го зачувале достоинството на Иран, а и самите Американци ќе избегнат ескалација на тензиите.

Во информацијата на „Џерусалим пост“ се вели дека во следните 24 часа премиерот на Израел и Бенјамин Нетанјаху, целото раководство од областа на безбедноста и дипломатијата биле во воената база „Кирја“ во Тел Авив, каде договарале дејствија со партнерите од регионот Јордан, Египет и Саудиска Арабија.

Весникот пишува дека земјите од регионот објавиле пред Израел дека доколку Иран нападне, тие се подготвени да помогнат. Според информациите на „Џерусалем пост“, Израел ги информирал САД за нападот. /МИА

притисни ентер