Државен инспекторат за земјоделство: Откупната цена на пченицата е од девет до 10,5 денари

Компаниите кои вршат откуп и преработка на пченица имаат објавено откупна цена за реколтата 2019 и таа се движи од девет до 10,5 денари за килограм во зависност од класите дали е прва, втора или трета класа.

Соопшти денеска Државниот инспекторат за земјоделство по спроведените контроли во шест откупни компании во Велес, Свети Николе, Кочани, Кривогаштани и Битола.

Како што се наведува во соопштението, инспекциските контроли од страна на државните инспектори за земјоделство ќе продолжат со контроли континуирано и во следниот период, и доколку се констатираат неправилности ќе бидат преземени казнени мерки согласно Законските прописи по кои постапува Државниот инспекторат за земјоделство.

Според податоците од Агенцијата за поттикнување и анализите спроведени од Одделението за сметководствени податоци при МЗШВ, во различни региони производната цена на пченицата, базирана врз основа на производните трошоци е различна. Во битолскиот регион производните просечни трошоци за килограм пченица изнесуваат 9,33 денари, во штипскиот регион 6,92 денари за килограм а во кумановскиот 8,03 денари за килограм.

Според првичните податоци од подрачните единици на Министерството за земјоделство шумарство и водостопанство жетвата на житните култури е во полн ек. Јачменот во 2019 година е засеан на околу 60.000 хектари. До денеска, се околу 90 % од површините при што е остварен просечен принос од околу 3,5 тони/ха. Пченицата беше засеана на околу 70.500 хектари и до денеска се ожнеани околу 40 проценти од засеаните површини со остварен просечен принос од околу 3,6 тони/ха во зависност од регионот.

Оваа година се очекува производството од пченица да се движи од 240.000 до 250.000 тони или за околу четири отсто поголемо производство од 2017 година.

Од Државниот инспекторат за земјодлество потсетуваат дека пред почетокот на жетвата во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, беа одржни состаноци на Потсекторската работна група за жита во којашто членуваат претставници од стопанските комори, земјоделски здруженија и од секторите од Министерството. Агенцијата за стокови резерви, се додава, минатата недела го објавила јавниот оглас за набавка на 7.165 тони меркантилна пченица за обнова на потребите на стоковите резерви, што, се посочува, во овој период ќе влијае позитивно на пазарот на пченица во делот на зголемување на откупната цена. 

Познат составот на меѓупарламентарната делегација ЕУ

 Европскиот Парламент го одобри составот на 44 меѓупарламентарнит делегации кои ги одржуваат парламентарните односи со други држави, региони и организации, меѓу нив и делегацијата за односи со  Македонија.

Делегацијата брои 13 членови и 13 заменици.

Од групата на Европските народни партии членови се: Александер Александров Јорданов (Бугарија), Владимир Билчик (Словачка) и Марион Валсман (Германија), а заменици од оваа политичка група се Јан Олбришт (Полска) и Мариа Спираки (Грција).

Од редовите на Социјалистите и демократите членови на делегацијата се Кати Пири (Холандија) и Андреас Шнејдер (Австрија), а заменици  Билјана Борзан (Хрвастка), Пина Пичерино (Италија) и Михаи Тудосе (Романија), едно членско место се уште не е пополнето.

Од групата на поранешните либерлаи, сега  Обновена Европа членови на делегацијата се Атие Алиева-Вели (Бугарија) и Ирена Јовева (Словенија), заменици Каталин Чех (Унгарија) и Клаудиа Гамон (Австрија).

Членови на делегацијата од редовите на Зелените/Европска слободна алијанса се Тинек Стрик (Холандија) и заменик Патрик Бејер (Германија).

Од групата Идентитет и демократија член е Масимо Казанова (Италија), додека заменикот не е назначен се уште.

Членови од групата на Европските конзервативци и Реформисти е Ангел Џамбазки (Бугарија) и како заменик Богдан Ржонца (Полска).

Од независните европратеници во ниту една група се Лефтерис Николау-Алаванос (Грција, комуинист) и Анунзиата Мари Рис-Мог (Велика Британија, Брегзит партија, двајцата заменици доаѓаат исто така од Велика Британија од Брегзит партијата Џонатан Булок и Матејо Ричар Патен.

Меѓупарламентарните делегации работат на одржување на односите и размената на информации со пратениците од Собранието на Република Северна Македонија, за промоција на основните вредности на ЕУ: слободата, демократијата, почитувањето на човековите права и основните слободи и владеењето на правото.

Одобрувањето на составот на делегацијата на пленарната сесија на Европскиот парламент, се прави врз основа на внатрешните одлуки на политичките групи и независните членови на ЕП. Во составот на делегацијата мора да се обезбеди правична застапеност на земјите-членки, политички мислења и родовата припадност.

Претседателот и потпретседателот на делегацијата ќе бидат избрани на основачкиот состанок на делегацијата, што треба да се одржи во септември, јави дописникот на МИА од Стразбур.

На УКИМ слободни 10 665 места за нови студенти, првиот рок за упис на 29 и 30 август

На Универзитетот „Св. Кирил и Методиј"-Скопје за упис во прва година додипломски студии во учебната 2019/2020 година слободни се вкупно 10 665 места.

Според Конкурсот на УКИМ, во квотата за редовни студенти слободни се 5387 места, за редовни со кофинансирање на студиите има 4248 места и за вонредни студенти слободни се 1030 места.

Како и во минатите години, надоместот што го плаќаат редовните е 200 евра, а за тие што ќе се запишат во квотата за кофинансирање или за вонредни ќе плаќаат по 400 евра.

Првиот уписен рок е на 29 и 30 август, вториот на 12 и 13 септември и третиот рок на факултетите каде што ќе има слободни места е на 25 септември.

За да конкурираат за студии, кандидатите треба да имаат положено државна матура. Критериумите и условите за упис се содражни во Конкурсот објавен на веб-страницата на УКИМ.

Согласно со Закон за високото образование донесен минатиот мај,  почетокот на учебната година за студентите е на 1 октомври. х

Димитров за МИА: Европеизацијата на Македонија ќе биде позитивно и за Грција

 Од ова што сега произлегува, фокусот е на имплементација, што е добро, бидејќи тоа е во интерес и на двете држави. 

 Учеството на министерот за надворешни работи Никола Димитров на конференцијата на „Економист" во Атина беше прва можност да оствари контакт со членови на новата грчка влада, но и да ги чуе нивните ставови за европската перспектива на Балканот, како и за Договорот од Преспа.

Димитров, заедно со алтернативниот шеф на грчката дипломатија Милитиадис Варвициотис и министерот за одбрана на Грција, Никос Панајотопулос, учествуваше на панел дискусија на која грчките министри акцентот го ставија на имплементацијата на договорот како можност за подобра иднина и корист за двете земји.

За впечатоците од првото патување во Атина по изборите во Грција, но и за впечатоците од првите контакти со членовите на новата грчка влада, министерот за надворешни работи на  Македонија, Никола Димитров говори за МИА, на само неколку часа пред да замине за Скопје по целодневните активности, контакти и средби за време на конференцијата на „Економист".

Во разговор со дописничката на МИА од Атина вели дека ќе биде потребно да се работи на градење доверба, изразува надеж дека започнатиот ритам на средби со претходната, ќе продолжи и со новата влада, коментира дека не би требало да го блокира почетокот на пристапни преговори на Северна Македонија со ЕУ, туку напротив да го поддржи и потенцира дека европеизацијата на нашата земја ќе има позитивни ефекти и за Грција.

Господине Министре, за време на конференцијата на „Економист" во Атина имавте прв контакт со новата грчка влада, какви се впечатоците?

– Од ова што сега произлегува, фокусот е на имплементација, што е добро, бидејќи тоа е во интерес и на двете држави. Од трите елементи, едниот е дека договорот е дел од меѓународно право, двете држави имаат интерес да се почитува меѓународното право, меѓународното поздравување и фалење на договорот исто така прави извесна вредност, голем кредит стекнаа двете држави и Грција како земја што допринесува кон решение и може да биде лидер за регионот и пошироко. Мислам дека во смисла на влог и инвестиција во зближување и градење на односи на пријателство и доверба, на тоа ќе треба да се работи што е многу природно бидејќи имаме нови луѓе, треба да ги запознаеме, треба да нѐ запознаат и мислам дека нашата мисија во овој период треба да биде, да покажеме, преку имплементација на договорот и однос кон нашиот сосед дека Преспанскиот договор е можност и шанса, а не е товар. Такви беа и моите пораки овде на конференцијата на „Економист".

Пораките и од алтернативниот министер за надворешни работи на Грција и од министерот за одбрана за време на нивните обраќања на конференцијата беа позитивни. Мислам дека дури и грчките колеги, новинари на некој начин беа изненадени од ставовите. Очекувавте вакви пораки или можеби очекувавте да бидат повоздржани?

– Договорот е мост кон пријателство, па и стратешко партнерство. Суштински е во интерес и на Грција не само во интерес на Македонија. Во таа смисла, јас секогаш сум внимателен во однос на очекувањата, бидејќи не сакам да бидам изненаден, но мојот главен впечаток е дека главната порака беше сега треба да се фокусираме на имплементација. Мислам дека како ќе се зголемува довербата и блискоста и со новите одлучувачи во Атина, така и кај нив ќе станува јасно тоа што е добро за нас е добро и за Атина. Како што нас сега ни е јасно дека една политички стабилна и економски успешна Грција, е добро за нас како сосед и мислам дека тука ќе треба да вложуваме и да се гледаме често.

Очекувате да се гледате често? Претходната влада на СИРИЗА беше отворена за средби, за посети. Очекувате да се задржи овој ритам и понатаму? Со Дендиас не се видовте бидејќи е во САД…

– Ние кога се слушнавме му спомнав дека сум поканет на конференцијата и дека ќе дојдам и заедно констатиравме дека ќе биде убаво и да се видиме. Тој беше дали еден час во канцеларијата, не си го знаеше распоредот, меѓутоа сега е на средби во Вашингтон и не е во земјата. Но, убеден сум дека ќе имаме набрзо нови прилики, можеби веќе на 29 август на „Гимних" состанокот во Финска. Така што, сега не можам да претскажам со каква динамика ќе одат контактите и средбите, но како соседи мислам дека ќе има прилики и ќе има потреба од контакти, средби и посети.

Вниманието за европската перспектива на земјава е насочено кон октомври. Какви се Вашите очекување во однос на ставот на Грција? Пред да дојде Нова демократија на власт постоеја стравувања дека е можно да блокира, меѓутоа сега, пораките се некако поразлични, позитивни. Очекувате поддршка од Атина?

– Завчера имаше изјава од портпаролот на владата тука, изјава што беше коректна и позитивна во однос на почетокот на пристапните преговори и одлуката што ја очекуваме од ЕУ во октомври. Мислам дека ако го направиме тоа што досега го зборувавме, не само што нема да треба да се плашиме од блокади, туку можеби ќе имаме право да очекуваме и помош и поддршка, бидејќи нема ништо поприродно од поддршката на соседот. Тие се во ЕУ ние не сме, сакаме да го почнеме тоа важно патување …

Имаат искуство…

– Имаат искуство и Грција ќе има многу погодности и позитивни ефекти од европеизацијата на нашиот бизнис, на силината на нашата економија, на една предвидлива пријателска европска демократија на нивните граници. Јас се надевам дека Грција ќе биде поддржувач на нашата европска иднина и ќе работам во тој правец./МИА

притисни ентер