Во Кавадарци изложба на фотографии поврзани со скопскиот земјотрес од јули 1963 година

Во Кавадарци денеска беше отворена изложба на фотографии поврзани со скопскиот земјотрес од 26 јули 1963 година, во организација на Музеј на град Скопје и во соработка со локалната музеј галерија и кавадаречката локална самоуправа.

Директорката на кавадаречкиот Музеј, Весна Ѓорѓиева појасни дека се презентираат стотина фотографии и разгледници на 30 паноа, на 56-годишнината од катастрофалниот земјотрес. Ова е една од четирите изложби на Музејот на град Скопје посветени токму на земјотресот и е насловена ,,Скршениот град".

Куратори на изложбата се Јасминка Намичева, кустос-советник и архитект и Зоја Богданоска, историчар при Музеј на град Скопје. Намичева потсети дека проектот ,,Museum link" досега има донесено неколку изложби во Кавадарци, заедно со локалната музеј галерија. Таа изрази благодарност за соработката и рече дека така ќе продолжи и во иднина со интересни содржини.

– Музејот на град Скопје е всушност споменик на земјотресот. Секој 26 јули ние подготвуваме нова концепција за некоја нова изложбена тема. Изложбава е составена од принтови од оригинални разгледници кои биле отпечатени по земјотресот, рече таа.

Идејата била да се прикаже што значи културната меморија која сите ја носиме за одредени нешта и колку е таа значајна за градењето на сликата за еден град.

– Затоа што градовите можат да бидат убави или грди, согласно на тоа какви спомени за нив носиме, односно со какви спомени се соочуваме од нашите средби, со нашите драги луѓе во тој град, истакна Намичева./МИА

Мицкоски на Самитот на ЕПП : Македонија припаѓа во ЕУ и затоа барам да ја извршите својата улога во ширењето на оваа порака

Претседателот на ВМРО – ДПМНЕ , Христијан Мицкоски денеска се обрати на Самитот на Европските народни партии (ЕПП) , што се одржува во Загреб, Хрватска.

,,Живееме во период кога нашите политички противници се борат со нас на политичката сцена со сите алатки коишто им се на располагање, исклучувајќи ги принципите и вредностите, и верувам дека ова е еден од најсериозните политички предизвици со коишто се соочува нашето политичко семејство  ЕПП . Ние сме силни кога станува збор за здрави економски и социјални политики. Ние сме силни кога се работи за исполнување на нашиот збор. Но, за жал, нашите противници не го гледаат вака конвенционалното политичко дејствување.

Во последните три години нашата нација ја води социјалдемократскиот премиер, чија влада е синоним за раширена корупција. Дневните активности на оваа влада вклучуваат непочитување на владеењето на правото, целовкупната политизација на нашето општество и неспособност да се создадат економски и социјални промени за 21-от век. Сепак, тие се фалат секојдневно за тоа колку се транспарентни. Се согласувам  дека не сум видел потранспарентно корумпирана влада на  било кое место во светот. Тие не ја негираат корупцијата, туку се надеваат дека ќе добијат дополнителен ден од нивниот мандат за да ја продолжат.

Нашата улога како опозициска партија е да донесеме значителна и опиплива промена за нашите граѓани, а по изборите на 12-ти април имаме за цел да формираме стабилна влада, ориентирана кон Европската унија, влада којашто ќе го постигне сето ова.

Новата влада којашто ќе ја предводи ВМРО-ДМНЕ се обврзува да работи со силен морален и етички кодекс, но и да направи севкупни реформи коишто ќе овозможат функционална правда, но и исполнување на критериумите за евроинтегрирање и пред се да ги промени критериумите за тоа што значи да се биде политичар во македонското општество. Ние како Македонци припаѓаме на Европското семејство и ги споделуваме европските вредности.

Со поддршка на нашето ЕПП семејство ќе го стопираме егзодусот на нашите најбрилијантни млади луѓе;  ќе се справиме со екстремните нивоа на загадување;  ќе ги намалиме даноците, ќе ја стимулираме економијата и ќе го поттикнеме претприемништвото. Ние мора да го европеизираме нашето општество одвнатре – затоа што ова е единствениот начин да ја поставиме нашата нација на брз пат кон членството во Европската унија.

Македонија припаѓа во Европската унија и затоа барам од вас да ја извршите својата улога во ширењето на оваа порака. Нашата сегашна социјалдемократска влада не заслужува позитивен стимул од европските метрополи и Брисел, но нашите граѓани  го  заслужуваат тоа. После 12-ти април, бидете уверени дека проевропската влада ќе ги поттикне реформите и трансформативните промени во нашето општество. Ќе побарам од вас, како моја последна упатена порака, ЕПП како најсилно политичко семејство во Европската унија,  да биде носителот на Македонија на патот кон членството во Европската Унија.  Заедно сме посилни!" , рече Мицкоски. 

Грција ги затвора преполните мигрантски кампови на островите

Грчката влада денеска соопшти дека планира постепено да ги затвори трите најголеми бегалски кампови на егејските острови и да ги замени со затворени центри за прием.

Целта е да се намали притисокот врз овие пренатрупани кампови и да се забрза враќањето на илегалните имигранти.

,,Камповите на Лезбос, Самос и Хиос ќе бидат заменети со „центри за поаѓање и идентификација“, изјави владиниот портпарол Стелиос Петас.

Новите кампови ќе бидат наменети за мигрантите кои немаат никаква перспектива да добијат азил во ЕУ.

Сите што се сметаат за вистински бегалци ќе бидат префрлени во камповите на копно.

Бегалските кампови се отворени за одвојување на бегалците од економските мигранти, во согласност со договорот на ЕУ за мигрантите во 2016 година.

Но, тие станаа пренатрупани, предизвикувајќи тензии со локалното население, дури и насилство.

Петте кампови се наменети за 6.200 лица и сега во нив има 36.000 луѓе.

Владата започна да преселува мигранти, особено семејства и малолетни лица на фериботи кон копното за да го намали притисокот.

Собраниската расправа по законот за гаранција за заем за доизградба на автопатот Кичево-Охрид продолжува утре

Пратениците во попладневниот дел од 116. седница ја продолжија расправата по Предлог-законот за гаранција од државата за  Договор за заем од 179 милиони долари за дополнително финансирање на автопат Кичево – Охрид.

Министерот за транспорт и врски Горан Сугаревски истакна дека проценетата вредност на дополнителните финансиски средства за проектот за кој лани беше изгласан анекс на договорот од страна на Собранието, е вкупно  179.694.572 долари. Заемот ќе биде доделен со рок на отплата од 20 години и вклучен грејс период од пет години. Каматна стапка е фиксна и ќе изнесува два проценти на годишно ниво за целото времетраење на заемот.

Пратениците од власта и од опозицијата со меѓусебни обвинувања за криминал во однос на договорите за овој проект со кои средствата биле обезбедени со кредити.

Димитар Стевананџија од ВМРО-ДПМНЕ, вели убеден е во криминалноста на овој договор за задолжувањето од, како што рече, 198 милиони евра, и оти ниту министерот за транспорт и врски не е убеден дека ова е добар договор.

-Кои беа вашите тези во 2011 година – Владата е криминална затоа што се задолжува за тогаш 505 милиони долари за два автопата, кинеската Сине хидро е криминална. По седум години што дојде сега. Сега не е министер Миле Јанакиески, туку Горан Сугарески. Кинезите – тие се криминалците и тогаш и сега, ако сте биле во право. Јас сум убеден дека такви луѓе не постојат, но вие ги етикетиравте. Кинезите им давале проценти на Владата на ВМРО-ДПМНЕ, сега Вас не знам што ви даваат. Тогаш Сине хидро не чинеше бидејќи во Србија некој направил за многу помалку пари повеќе автопат. Сега на тие пари вие додавате уште 200 милиони со анекс во пазарна економија. Зарем нема некоја фирма која би рекла – да, јас овие клучки овие траси ќе ги поправам за 50 милиони. Каде се видело во Европа анекс од 200 милиони, праша Стевананџија.

Според парламентарното мнозинство криминал бил направен со првиот догор за автопатот во вредност од 505 милииони долари, бидејќи во него не биле предвидени клучни и други позиции. Со овој анекс – договор велат се обезбедуваат пари за тоа, а цените на многу ставки се пониски во однос 1:3.

-Вие го направивте основниот проект, но заборавивте дека треба и клучки. Кога видовте дека треба клучки направивте нов проект за клучки и видовте дека нема пари обезбедени. Со овие пари кои сега се земаат ќе се направат и клучките и другите споредни патишта што треба да се направат. А во делот во кој велите дека сте работеле добро и сте зеле 500 милиони долари, нека слушне јавноста дека за патот Крупиште – Кочани, изработка на тампон слој од дробен камен 30 см оваа Влада ја договорила за 573 денари вашата Миладиновци – Св. Николе – Штип за 2.202 денари…Е ова е пљачка што сте го правеле вие, рече Самка Ибраимовски од Партијата за целосна еманципација на Ромите.

Диме Велковски од СДСМ кажа дека сумата која е предвидена со анекс договорот ја бараат надзорните институции Градежниот институт и се темелат на анализа за непредвидени и нетендерирани финансиски средства кои се потребни за завршување на проектот. При тоа, рече, само за тунелот и за санација на свлечишта се предвидени 63, односно 68 милиони долари, а за осум свлечишта и алтернативен пат 26 милиони долари.

-Овие средства се потребни за да го завршиме автопатот до 2021 година. Да смогнеме сили да се обезбедат, оти тоа го бараат стручните служби, рече Велковски.

Пратениците во рамки на 116. седница ги донесоа Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот градење, Предлог-законот за изменување на Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа и Предлог-законот за изменување на Законот за спортот, сите по скратена постапка.

Собранието утре ќе продолжи со расправата по законот за гаранција за заем за доизградба на автопатот Кичево-Охрид. /MИА

притисни ентер