УЈП: Апликацијата „МОЈДДВ“ од денеска достапна и за корисниците на „IOS“ системите

Апликацијата МојДДВ од денеска е достапна и за корисниците на IOS системите, информираат од УЈП.

-Доколку некој сеуште не е регистриран на системот е-Персонален данок да се регистрира и дека со тоа сопствената е-пошта и лозинка ќе може да ги користи како најава во апликацијата Мој ДДВ. Преземете ја апликацијата, скенирајте фискални сметки и остварете го правото на 15% поврат од пресметаниот ДДВ, стои во соопштението од УЈП. До вчера граѓаните скенирале околу два милиони сметки а апликацијата ја користеле околу 120 илјади граѓани . вкупно остварениот промет на овие сметки бил околу 169 милиони евра а повратот на ддв е околу 265 илјади евра ,информираат од УЈП.

Грција ги затвора преполните мигрантски кампови на островите

Грчката влада денеска соопшти дека планира постепено да ги затвори трите најголеми бегалски кампови на егејските острови и да ги замени со затворени центри за прием.

Целта е да се намали притисокот врз овие пренатрупани кампови и да се забрза враќањето на илегалните имигранти.

,,Камповите на Лезбос, Самос и Хиос ќе бидат заменети со „центри за поаѓање и идентификација“, изјави владиниот портпарол Стелиос Петас.

Новите кампови ќе бидат наменети за мигрантите кои немаат никаква перспектива да добијат азил во ЕУ.

Сите што се сметаат за вистински бегалци ќе бидат префрлени во камповите на копно.

Бегалските кампови се отворени за одвојување на бегалците од економските мигранти, во согласност со договорот на ЕУ за мигрантите во 2016 година.

Но, тие станаа пренатрупани, предизвикувајќи тензии со локалното население, дури и насилство.

Петте кампови се наменети за 6.200 лица и сега во нив има 36.000 луѓе.

Владата започна да преселува мигранти, особено семејства и малолетни лица на фериботи кон копното за да го намали притисокот.

Собраниската расправа по законот за гаранција за заем за доизградба на автопатот Кичево-Охрид продолжува утре

Пратениците во попладневниот дел од 116. седница ја продолжија расправата по Предлог-законот за гаранција од државата за  Договор за заем од 179 милиони долари за дополнително финансирање на автопат Кичево – Охрид.

Министерот за транспорт и врски Горан Сугаревски истакна дека проценетата вредност на дополнителните финансиски средства за проектот за кој лани беше изгласан анекс на договорот од страна на Собранието, е вкупно  179.694.572 долари. Заемот ќе биде доделен со рок на отплата од 20 години и вклучен грејс период од пет години. Каматна стапка е фиксна и ќе изнесува два проценти на годишно ниво за целото времетраење на заемот.

Пратениците од власта и од опозицијата со меѓусебни обвинувања за криминал во однос на договорите за овој проект со кои средствата биле обезбедени со кредити.

Димитар Стевананџија од ВМРО-ДПМНЕ, вели убеден е во криминалноста на овој договор за задолжувањето од, како што рече, 198 милиони евра, и оти ниту министерот за транспорт и врски не е убеден дека ова е добар договор.

-Кои беа вашите тези во 2011 година – Владата е криминална затоа што се задолжува за тогаш 505 милиони долари за два автопата, кинеската Сине хидро е криминална. По седум години што дојде сега. Сега не е министер Миле Јанакиески, туку Горан Сугарески. Кинезите – тие се криминалците и тогаш и сега, ако сте биле во право. Јас сум убеден дека такви луѓе не постојат, но вие ги етикетиравте. Кинезите им давале проценти на Владата на ВМРО-ДПМНЕ, сега Вас не знам што ви даваат. Тогаш Сине хидро не чинеше бидејќи во Србија некој направил за многу помалку пари повеќе автопат. Сега на тие пари вие додавате уште 200 милиони со анекс во пазарна економија. Зарем нема некоја фирма која би рекла – да, јас овие клучки овие траси ќе ги поправам за 50 милиони. Каде се видело во Европа анекс од 200 милиони, праша Стевананџија.

Според парламентарното мнозинство криминал бил направен со првиот догор за автопатот во вредност од 505 милииони долари, бидејќи во него не биле предвидени клучни и други позиции. Со овој анекс – договор велат се обезбедуваат пари за тоа, а цените на многу ставки се пониски во однос 1:3.

-Вие го направивте основниот проект, но заборавивте дека треба и клучки. Кога видовте дека треба клучки направивте нов проект за клучки и видовте дека нема пари обезбедени. Со овие пари кои сега се земаат ќе се направат и клучките и другите споредни патишта што треба да се направат. А во делот во кој велите дека сте работеле добро и сте зеле 500 милиони долари, нека слушне јавноста дека за патот Крупиште – Кочани, изработка на тампон слој од дробен камен 30 см оваа Влада ја договорила за 573 денари вашата Миладиновци – Св. Николе – Штип за 2.202 денари…Е ова е пљачка што сте го правеле вие, рече Самка Ибраимовски од Партијата за целосна еманципација на Ромите.

Диме Велковски од СДСМ кажа дека сумата која е предвидена со анекс договорот ја бараат надзорните институции Градежниот институт и се темелат на анализа за непредвидени и нетендерирани финансиски средства кои се потребни за завршување на проектот. При тоа, рече, само за тунелот и за санација на свлечишта се предвидени 63, односно 68 милиони долари, а за осум свлечишта и алтернативен пат 26 милиони долари.

-Овие средства се потребни за да го завршиме автопатот до 2021 година. Да смогнеме сили да се обезбедат, оти тоа го бараат стручните служби, рече Велковски.

Пратениците во рамки на 116. седница ги донесоа Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот градење, Предлог-законот за изменување на Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа и Предлог-законот за изменување на Законот за спортот, сите по скратена постапка.

Собранието утре ќе продолжи со расправата по законот за гаранција за заем за доизградба на автопатот Кичево-Охрид. /MИА

Иранскиот престседател прогласи победа , убиени над сто демонстранти

Претседателот на Иран, Хасан Рохани денеска прогласи победа над демонстрантите, обвинувајќи ги странските сили за предизвикување протести поради цената на горивата.

Во исто време,  ирански официјален претставник ги отфрли како „шпекулативни“ обвинувањата за над 100 мртви демонстранти.

Илјадници луѓе денеска учествуваа на антивладините демонстрации, јавуваат иранските државни медиуми.

Ирански двојни државјани се меѓу уапсените демонстранти во северната провинција Алборц, според полу-официјалната новинска агенција Фарс.

Цитирајќи безбедносни извори, Фарс наведува дека германски, турски и авганистански државјани кои имаат и иранско државјанство се затворени и дека биле обучени и платени од странски служби за уништување на иранската инфраструктура и поттикнување граѓански немири.

Според Фарс, овие лица имале специјална опрема за саботажа.

„Иранскиот народ повторно успешно го положи испитот по историја и покажа дека нема да им дозволи на непријателите да профитираат од оваа ситуација, иако може да имаат забелешки за управување со земјата“, рече Рохани, објави државна телевизија ИРИБ на својата веб-страница.

Иранската мисија во ООН ги отфрли извештаите за над стотина мртви демонстранти, нарекувајќи ги „шпекулативни и несигурни“ освен ако не бидат потврдени од владата на Техеран.

„Неоснованите обвинувања и фабрикуваните бројки од пристрасни западни организации нема да ја разнишаат решеноста на владата да донесе прудентни економски одлуки, почитувајќи ги човековите права, вклучително и правото на мирен протест“, напиша портпаролот на Мисијата во ООН , Алиреза Мирјусефи на Твитер.

Техеран ги обвини странските непријатели - САД, Израел и Саудиска Арабија за предизвикување немири, што започнаа во петокот, откако цените на горивата се зголемија за најмалку 50 проценти и беше воведена рационализација.

Протестите наскоро станаа политички, при што Амнести Интернешнл тврдеше дека во 21 град биле убиени најмалку 106 лица.

притисни ентер