Наместо со пофалби,инспекторот Илиевски се соочува со дисциплинска постапка

Инспекторот Ѓорѓи Илиевски кој ги откри унапредувањата на министрите на Тетовскиот Универзитет, доби дисциплинска постапка на барање на неговите претпоставени од инспекторатот. 

Според Илиевски, на овој начин се прикриваат незаконски стекнати звања и преку институциите се обидуваат него да го замолчат.

-За да излезам во јавност треба да го прашам директорот. Во конкретнава ситуација, директорот ми забранува да излезат во јавност сите овие неправилности. Ако јас тоа го сокријам, правам криминално дело и сум соучесник во криминал, а јас тоа не сакам да бидам,изјави – Ѓорѓи Илиевски -  просветен инспектор.

Барањето за дисциплинска одговорност е потпишано од директорот на државниот просветен инспекторат Томе Спировски, кој што за Канал 5 тврди дека обвинувањата од неговиот колега Илиевски се неосновани. Директорот Спировски вели дека покренатата дисциплинска е поради изнесување на детали од предмети кои не се завршени и за кои нема се уште утврдено вина, а со тоа Илиевски преудицира незаконитости.

Илиевски пак тврди дека имал и притисоци и закани од функционерите бидејќи јавно говорел за деталите кои ги затекнал при надзорот во Универзитетот. Ги повика Народниот правобранител и Хелсиншкиот комитет за човекови права да присуствуваат кога дисциплинската комисија ќе расправа за неговиот случај.

За унапредувањата на министерот  за образование Арбр Адеми во доцент и заменик министерот за внатрешни Агим Нухиу и директорот на Државниот завод за индустриска сопственост, Сафет Емрули во вонредни професори, Антикорупциска комисија отвори предмет - но оттаму велат дека постапката е се уште во тек.

притисни ентер