Азилантот Груевски на бизнис забава со унгарскиот џет сет

Поранешниот премиер Никола Груевски на бизнис забавата во Будимпешта која се одржа минатиот месец, пристигнал во присуство на унгарскиот бизнисмен од  турско потекло Ахмет Фират.

 Токму со него, дел од унгарските медиуми пренесоа дека екс премиерот го поминал и најголемиот дел од вечерта.

Станува збор за сопственик на фирмата Харпут КФТ,  компанија која продава половни возила, а името на Фират, дел од унгарските медиуми го поврзуваат и со неколку фирми за градежништво, и со сопствеништво на една од најпознатите сали за вежбање во Будимпешта – Гоу Актив.

На фотографијата од настанот веднаш до него е и организаторот на настанот Алесандро Фарина и прв човек на ИТЛ групацијата – консултантска фирма која како што стои на веб сајтот им нуди помош на унгарските компании. Настанот се организира годишно, а до неодамна бил поддржан и од државата.

-Ова се одржува со години, имаат една забава секоја година, ова е во главно настан за бизнис поврзување, а организирано е Италијанец кој живее во Будимпешта и кој е бизнис консултант, мислам дека тоа е само дел од неговата работа. Има околу 1.000 гости. Целта е да се поврзат бизнисмените меѓу себе, но многу странски бизнисмени доаѓаат на настанот, и унгарската државна банка до неодамна го поддржуваше овој настан.

Во јавноста лавина од реакции предизвика придружничката на сликата со Груевски. Станува збор за плејбој зајачицата на руското издание на Плејбој, Вивиен Чене. По професија е економистка, но е позната како инфлуенсерка и модел фриленсер. На нејзиниот инстаграм профил, каде објавува професионални фотографии од неа и рекламира производи, има над 35.000 следбеници.

На забавата, покрај со Груевски, може да се забележи дека се сликала и со голем број од останатите гости.

Иранскиот престседател прогласи победа , убиени над сто демонстранти

Претседателот на Иран, Хасан Рохани денеска прогласи победа над демонстрантите, обвинувајќи ги странските сили за предизвикување протести поради цената на горивата.

Во исто време,  ирански официјален претставник ги отфрли како „шпекулативни“ обвинувањата за над 100 мртви демонстранти.

Илјадници луѓе денеска учествуваа на антивладините демонстрации, јавуваат иранските државни медиуми.

Ирански двојни државјани се меѓу уапсените демонстранти во северната провинција Алборц, според полу-официјалната новинска агенција Фарс.

Цитирајќи безбедносни извори, Фарс наведува дека германски, турски и авганистански државјани кои имаат и иранско државјанство се затворени и дека биле обучени и платени од странски служби за уништување на иранската инфраструктура и поттикнување граѓански немири.

Според Фарс, овие лица имале специјална опрема за саботажа.

„Иранскиот народ повторно успешно го положи испитот по историја и покажа дека нема да им дозволи на непријателите да профитираат од оваа ситуација, иако може да имаат забелешки за управување со земјата“, рече Рохани, објави државна телевизија ИРИБ на својата веб-страница.

Иранската мисија во ООН ги отфрли извештаите за над стотина мртви демонстранти, нарекувајќи ги „шпекулативни и несигурни“ освен ако не бидат потврдени од владата на Техеран.

„Неоснованите обвинувања и фабрикуваните бројки од пристрасни западни организации нема да ја разнишаат решеноста на владата да донесе прудентни економски одлуки, почитувајќи ги човековите права, вклучително и правото на мирен протест“, напиша портпаролот на Мисијата во ООН , Алиреза Мирјусефи на Твитер.

Техеран ги обвини странските непријатели - САД, Израел и Саудиска Арабија за предизвикување немири, што започнаа во петокот, откако цените на горивата се зголемија за најмалку 50 проценти и беше воведена рационализација.

Протестите наскоро станаа политички, при што Амнести Интернешнл тврдеше дека во 21 град биле убиени најмалку 106 лица.

Судијката Димишкова на распит кај Русковска за „Рекет“

Обвинителката Вилма Рускоска денеска ја продолжи истрагата за случајот Рекет, во Обвинителството повикана беше судијката Весна Димишкова, која беше споменувана во објавените аудио снимки од разговорите на Орце Камчев и Бојан Јовановски.

Неколкучасовното сослушување за случајот „Рекет“ на судијката од Кривичниот суд, Весна Димишкова, во Обвинителството за организиран криминал, заврши без да се дознаат голем број информации.

Ниту Димишкова, ниту Обвинителството предводено од Вилма Русковска не соопштија детали, па оттаму засега не е познато во кое својство судијката била повикана на распит и каква е нејзината поврзаност со аферата „Рекет“, односно нема одговор дали е сведок или пак осомничена. Таа утринава кај Русковска пристигнала околу 10 часот и иако распитот траел три часа, ниту една новинарска екипа, не успеа да ја регистрира како ја напушта зградата на Обвинителството до крајот на работното време, од каде пак не потврдуваат дали се шири истрагата за „Рекет“.

Инаку, името на Димишкова, можеше да се чуе во дел од разговорите меѓу првоосомничениот во делото Бојан Јовановски и бизнисменот Орце Камчев, кои ги објави италијанскиот медиум „Ла Верита“. Во случајот, според објавите во медиуми кои се повикуваат на записници од истрагата, улога имал братот на судијката, адвокатот Васил Димишков.

Интересно е што пред да пристигне во канцелариите на шефицата на Обвинителството за организиран криминал, токму Димишкова, како судија во претходна постапка од Основниот суд, ја потпишала одлуката да се одбие барањето на двајцата обвинети во случајот „Империја“, Орце Камчев и Цветан Панделевски, за издавање времен пасош.

Судијката, како што соопштија од Кривичен, при одлучувањето го ценела мислењето на обвинителот во „Империја“, односно Лиле Стефанова, која препорачала да се одбие барањето на Камчев. Стефанова остана надлежна за случајот и покрај тоа што оваa истрага, која ја започна во СЈО, премина во рацете на Обвинителството за организиран криминал.

Без струја утре дел од општините Чучер Сандево и Бутел

Без електрична енергија утре ќе бидат корисниците од дел од општините Чучер Сандево и Бутел.

Во периодот од 09:00 до 15:00 часот, без струја ќе останат корисниците од дел од селата Побожје и Бродец, како и селата Брест, Танушевци и Малино, а од 10:00 до 13:00 часот корисниците од дел од улицата „Хо Ши Мин".

Како што соопштува Центарот за управување со кризи, прекинот е заради технички зафати во дистрибутивната електро мрежа.

притисни ентер