И Рамуш Харадинај наседнат од руските пранкери

Руските комичари двапати му телефонирале и на премиерот на Косово, Рамуш Харадинај, еднаш во јануари и еднаш во април.

Во разговорот што го објави руската телевизија „Русија 24“, комичарите исто како и во разговорот со Заев, се претставуваат како украинскиот претседател, Петро Порошенко.

Во овој телефонски разговор, Харадинај му ветува поддршка на лажниот „Порошенко”, велејќи му дека јавно ќе го поддржува преку неговата сметка на твитер.

Дали големиот број на амандмани се прв сериозен тест на коалицијата ДУИ – СДСМ?

Ќе се распадне ли предизборно коалицијата СДСМ-ДУИ? За закони, препораки и избор на државни функционери, владините партнери не можат да најдат заеднички јазик. 

За премиерот Заев нормално е за некои прашања да имаат различни ставови, но последните пораки од ДУИ со илјадниците амандмани за Изборниот законик се најава за коалициска конфронтација. Тој вели дека на ниво на Влада функционираат без проблеми, верува дека ќе најдат решение за спроведување на забелешките за Законот за јазици, но изборот на државниот ревизор кој доби поддршка од ДУИ и ВМРО ДПМНЕ, според премиерот, е дел од себични предизборни одлуки.

И за дел од аналитичарите на повидок е “развод” меѓу СДСМ и ДУИ. Според аналитичарот Петар Арсовски, не може да се предвиди како ќе завршат несогласувањата меѓу двете страни, но сепак ДУИ ја зацврстува својата позиција во пресрет на изборите кај албанското гласачко тело.

До крајот на годината се очекува да биде познат составот на   техничката Влада. Кој ќе го замени Заев на  3ти јануари  од партијата се уште не откриваат, но неофицијално како фаворити се споменуваат министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и министерката за труд и социјала Мила Царовска,кои треба да ги напуштат сегашните фукнции. 

Дане Талески е предлогот за нов амбасадор во НАТО

МНР денеска и официјално го предложи Дане Талески за нов амбасадор на НАТО. Владата освен него усвои уште 18 предлози за назначување амбасадори.

Освен за Алијансата, ќе се пополнат испразнетите амбасадорски места во најголем дел од земјите од регионот. Нов амбасадор ќе има во Атина, Белград, Тирана, Приштина и Загреб. Во Европа, нови амбасадори ќе има во Чешка, Италија, Ватикан, Белгија, Холандија, Данска и Русија. Освен таму, Македонија ќе има нов амбасадор во уште една земја членка на Советот за безбедност – Кина. Во Азија се пополнуваат местата и во Индија, Израел, Катар. Освен во билатерала, Македонија свои претставници ќе добие и во Советот на Европа во Стразбур и Обединетите нации во Женева.

Владата не ги открива имињата додека не го поминат последниот филтер кај шефот на државата Пендаровски. Колку од нив се професионалци а колку се политички именувани останува непознато. Ова веројатно ќе биде последната група именувања во која предност се дава на политичките предлози.

Новиот Закон за надворешни работи, кој денеска беше ставен на јавна расправа, предвидува најмалку 80 отсто од амбасадорите да бидат дипломати по кариера.

За Македонскиот дипломатски синдикат една четвртина од предлог-законот е спорен. Оттаму велат дека е катастрофално нестручен, неефикасен и содржи несоодветни временски рокови за обука и стекнување дипломатско звање. 

По најавите дека ќе се укинуваат повеќе дипломатско-конзуларни претставништва, се уште не се открива кои ќе бидат тие и кога ќе се затворат.

Според надлежните, целта е да останат амбасадите кои се од круцијално значење за трговската и економската соработка со земјава.

БАН: Македонскиот јазик не постои

Неколку месечните политички превирања на релација Скопје-Софија, добија ново бурно продолжение, сега од највиската научна институција во Бугарија.

Македонскиот јазик не постои, зашто е писмено-регионален стандард на бугарскиот, се вели во реакцијата на Бугарската академија на науките.

Контроверзниот став е своевиден одговор на Повелбата на македонските колеги, усвоена пред 10 дена од МАНУ, во која се изнесени научно признаени факти за македонскиот јазик, а во насока на зацврстување на потребата за научно истражување на македонскиот јазик и дијалекти.

За бугарската академија таквиот документ е неприфатлив и неточен, а дека македонскиот е бугарски јазик напишан на српска машина. Дека научната мисла во Бугарија нема намера да отстапи од таквиот став демонстрираа и академиците во гостување за бугарската национална телевизија.

-Јазикот во С.Македонија, т.н македонски јазик, кој ние го сметаме и кој е писмено-регионална форма на бугарскиот јазик, всушност е политички производ. Од стенограмите утврдивме дека бугарскиот книжевен јазик е подложен на прекодификација во Македонија од трите јазични комисии од 1944-та година. Еден од учесниците, Георѓи Киселинчев, вели немаме време да чекаме да стане јазик, Ана Кочева од Институтот за бугарски јазик во БАН

-Државата си има право на јазик, тоа никој не го спори, но не може да се смета онака како што е во документот од трети декември, каде што всушност дека  јазикот е самостоен, како да паднал од небо, Васил Николов, заменик-претседател на БАН. 

Со остра реакција се огласи и Институтот за македонска литература, кој смета дека таквиот став е негирање и на македонскиот национален идентитет и повреда на меѓународното право за себеидентификување. Професорката Симона Груевска – Маџовска од Институтот за македонски за Канал 5 вели дека се работи за срамна реакција на бугарските колеги.

Премиерот Заев најави дека ќе следува соодветна реакција до официјална Софија, зашто негирањето на јазикот не е начин за надминување на преостанатите спорни прашања.

Од владата пред неколку дена најавија  дека Заев по нова година ќе замине на средба со Борисов во Софија во обид да се релаксираат односите по неуспехот и во македонско-бугарската мешовита комисија.  

Ставот на бугарските академици за македонскиот јазик се безмалку идентичен со оној во декларацијата усвоена пред неколку месеци во бугарското собрание.

притисни ентер