Од утре посвежо време и пообилни врнежи од дожд

Нови врнежи, наместа пообилни, а во источните делови над 20 литри на метар квадратен, најавува за утре попладне, во текот на ноќта и недела претпладне Управата за хидрометеоролошки работи.

Како што соопшти УХМР, следува период на променливо и посвежо време со локални врнежи од дожд кои повремено ќе бидат проследени со грмежи, засилен ветер и ќе има услови за појава на град.

Според УХМР, денеска попладне претежно во западните делови ќе има појава на локален дожд и ретки грмежи. Максималната температура ќе биде во интервал од 23 до 31 степен. Во Скопје сончево со мала до умерена облачност, попладне со услови за краткотраен локален дожд.

Утре максималните температури ќе бидат во интервал од  21 до 32, а задутре од 20 до 29 степени./МИА

Запленет глисерот на Зоран Ќичеец

Глисерот на второ осомничениот во случајот “Рекет” -  Зоки Кичеец доцна синоќа бил запленет од обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.

Заплената е во рамки на истрагата која обвинителството ја отвори минатата недела против Боки 13 и Зоран Милески познат како Кичеец, кои се осомничени за рекет врз бизнисмени. Иако во јавноста се ширеа информации за заплена и на други предмети како џипови, мотори и скутери на вода, од обвинителството велат дека до овој момент запленет е само глисерот.

По налог на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција до овој момент е запленет глисер во сопственост на второосомничениот во случајот „Рекет". Глисерот е запленет синоќа.

Велат од Обвинителството. Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ пак и денеска прашуваат кој се крие зад идентитетот на “Кики” и “Фрики”. Од таму велат и дека се уште го анализираат предлог-законот  за спојување на СЈО во редовното обвинителство, и остануваат на ставот дека се противат на предлогот Вилма Рускоска да раководи со новото обвинителство.

За тоа кој се крие зад идентитетот на фамозните “Кики” и “Фрики”, новинарот Бранко Геровски кој изминатиот период пишуваше за случајот рекет, најави дека ќе ги открие во текот на утрешниот ден.

Рекордно високи температури во САД

Екстремно топлото време предизвикува и проблеми во Соединетите Американски Државни.

Најмалку шест лица го загубиле својот живот поради рекордно високите температури во САД. Според властите, жртвите се од сојузните држави Мериленд, Аризона и Арканзас.

Националната метеоролошка служба предупреди од „опасен топлотен бран“, кој во комбинација со зголемена влажност во земјата може да доведе до топлотен удар, доколку не се преземат соодветни мерки. Голем број настани во САД, од фестивали и концерти до спортски средби, се одложени поради невообичаените високи температури. Медиумот потсетува дека за време на топлотниот бран во јули 1995 година загинаа повеќе од 700 луѓе во Чикаго, каде температурите надминуваа 36 степени Целзиусови.

Големи пожари во Португалија, осум повредени, наредена евакуација

Во екот на туристичката сезона Португалија мака мачи со пожарите.

Осум лица се повредени во пожарите кои од синоќа беснеат во централниот дел Португалија. Во гасењето учествуваат преку 1.000 пожарникари, а на помош пристигнала и војската.

Повредени се седум пожарникари. Еден од нив има изгореници од прв и втор степен и пренесен е во болница. наредена е делумна евакуација на села во околината на пожарот. Силниот ветер ги отежнува работите на пожарникарите.

притисни ентер