Галичка свадба 2019: Круна на љубовта и традицијата

Со тивка песна и громогласни три истрели во подножејот на Бистра овој викенд ќе се најави традицијата на мијачките свадби.

 И оваа година во Галичник средиштето на мијачијата така ќе  се означи почетокот на уште едно издание на културно-туристичката манифестација „Галичка свадба" . Акцентот ќе падне на љубовта која ќе биде мотив за сватовите да заиграат на ритамот од старата, повеќевековна свадбарска езгија.

На 46-тото издание во центарот на вниманието ќе бидат зетот Огнен Караѓозовски и Марина Петровска. Токму на оваа двојка од уште две други, Советот на месна заедница Галичник први им рекоа: Нека ви е со среќа.

Марина и Огнен на годинешната Галичка свадба, ДА ќе речат, узда ќе стават, леб ќе замесат и коњ ќе јавнат.

За годинешните младенци се знае дека нивната љубов започнала кога заедно работеле во хотелиерство и сега живеат во Скопје. Марина има потекло од Крива Паланка, но одамна е преселена, а Огнен има потекло од едно големо галичко семејство. Тој во повеќе наврати бил вклучен во органзиацијата на претходните свадби и учествувал како статист.

Над 200 луѓе за посилен впечаток

За одржувањето на оваа манифестација која е инспирирана од желбата на жителите на Галичник да ги сочуваат од заборав обичаите карактеристични за мијаците веќе се направени сите подготовки. Свадбарските обичаи ќе започнат со поставување на свадбарското знаме, а судбоносното „да" младенците ќе го кажат в недела, 14 јули, во храмот „Св. Апостол Петар и Павле". Посетителите ќе можат да проследат над 30 обичаи кои што ќе се изведуваат за време на свадбарските денови (сабота од 19:30 и во недела од 8:30 часот.

На манифестацијата ќе бидат ангажирани стотина статисти облечени во автентични галички носии.  За изведување на традционалните ора и игри ќе бидат задолжени триесетина членови на КУД „Фолклорни бисери". Предвидена е и коњица со коњаници, луѓе кои ќе бидат техничката поддршка, односно вкупно околу 250 луѓе. За време на викендот, во Галичник ќе биде воспоставен и специјален сообраќаен режим, за полесно следење на фестивалот.

Новината која минатата година се покажа како исклучително атрактивна, годинава ќе биде унапредена. Од месната заедница ќе овозможат лајв-стрим од целиот настан. Прогрмата од околу 12 часови, освен на голем лед екран поставен на платото, ќе може да се следи и преку интернет и други телевизиски платформи.

Традиционалната културно-сценска манифестација Галичка свадба годинава се одржува три дена од 12 до 14 јули, а покровител на годинешната Галичка свадба е претседателот Стево Пендаровски кој по татко е галичанец.

Традиционалните обичаи станаа атракција

За време на манифестацијата, посетителите можат да проследат автентични свадбарски обичаи и ритуали проследени со изворни свадбарски песни карактеристични за овој крај од Македонија и за мијаците.

Традиционално, почетокот на свадбата се означува во сабота со китењето на свадбарскикот бајрак со горско цвеќе и симболичниот чин на „фрлање" три пушки од куќата на зетот (вила „Доста"). За ова време се пее стара песна со овие стихови:

„Стани моме да би не станало

по ридови с'лнце огреало.

По чардаци крстати бајраци,

по дворови китени сватови

по прикледи шарени ковчези

а пред кледи млада зетелина

и во кледи свршена девојка!"

Од другиот крај на селото треба да грмнат тапаните и ѕурлите, а мајката на зетот ги дочекува семејството и роднините со домашен леб и со ќуп во рацете, по што го поведува „Свекрвиното оро".

Една од највпечатливите слики и е посебна атракција е поврзана со обичајот за симболичното терањето на демоните што би можеле да ја следат младата двојка. Зетот, кумот и други пријатели носат запалени факели до куќата на младата. Свитата со факелите го осветлува патот до трите чешми, каде младата за последен пат како немажена ги полни бокалите со вода.

Утредента се изведува еден оригинален обичај „канење на мртвите". Токму за овој обичај еден од најпознатите македонски литерати Петре М. Андреески ќе запише...Животот никогаш не смее да биде слава само на живите, зашто и мртвите некогаш биле живи, зашто и живите еднаш ќе бидат мртви и голем грев е нивната врска да се прекине.

Од гробиштата, се оди до куќата на кумот од кого младенецот бара благослов. Највпечатлив обичај е бричењето на зетот што означува не­гова трансформација од момче во човек. Потоа следува потстрижување. Во неговата потстрижена коса се става дукат, како симбол на богатство и потомство.

По овие обичаи следува одењето до куќата на младата. Таа облечена во традиционална га­лич­ка носија, го дочекува младенецот на балконот од нејзината куќа. Тогаш таа изговара, гледајќи низ прстенот: „Низ прстен те гледам во срце да ти влезам".

Качена на коњ младата заминува во куќата на нејзиниот иден маж. Свекрвата со сито,погача и бокал со вино ја дочекува невестата, која слегува од коњ и по прострената литовина влегува дома. По венчавањето во црквата „Св.Петар и Павле", невестата се носи на вода на чешмата „Упија", потоа се изведува невестинското оро, ги дарува најблиските, се крши „шутката" и по завршувањето на свадбарските обичаи тапаните и зурлите ги испраќаат најблиските роднини.

Особено впечатлив белег на целата манифестација претставуваат колоритните носии на сите учесници во свадбената свеченост. Учесниците го имаат само тој услов, да бидат облечени во автентична галичка носија за учество во „Галичка свадба".

Посебна атракција е и невестинската носија која сама по себе е уникатна. На неа преовладуваат белата, жолтата и црвената боја и доминантен е богатиот вез распореден на ракавите и на предниот дел од кошулата. Составен дел од невестинската носија е и филигранскиот накит со уникатни златни и сребрени елементи. Сиот комплет може да тежи и до 30 килограми.

„Галичка свадба" меѓу деветте фестивали во Европа кои мора да се видат

Со ваков наслов влијателниот „Њујорк тајмс" минатата годинава ја препорача Галичката свадба. Кадри од овој анстан можат да се видат на многу телевизиски канали. Токму заради значењето и оригиналност напишани се многу текстови, објавени фотографии во светски магазини, видео записи, специјални емисии. На свадбата постојано доаѓаат странски дипломати, државници и познати личности. Така ќе биде и годинава и според најавите, ќе има и многу туристи од странство и новински екипи.

Интересот за годинешното издание на свадбата е големо, а тоа го потврдува и податокот што сместувачките капацитети во мавровскиот регион се полни и речиси да нема слободен кревет за претстојниот викенд.

На тоа се должи и програмата која ќе биде во неформалниот дел и ќе биде во функција да ги анимира посетителите. Членови на македонската филхармонија, здружението на џез музичари и дирегентот Емин Џијан денеска ќе приредат концерт на платото, а во утре вечер ќе настапат и „Бенд Оф".

Печалбарството како судбина

Галичката свадба и нејзиното одржувањето е инспирирана од желбата на галичани да ги сочуваат од заборав обичаите карактеристични за мијаците. Традиционалисти по природа, тие со векови биле поврзани со православниот празник „Петровден”. Токму на овој празник се случувало и повеќе десетици двојки да се венчаат во ист ден. Причината за одржување на толку венчавки во кус период е во доаѓањето на мажите од печалба. Неретко се случувало, мажите да направат свадба и кусо време да напуштат своите сакани. Овој период се користел и за свршувачки, по што отпочнувале подготовките за свадба.

Одговорот на прашањето како почнале петровденските свадби во Галичник можеби е најточен токму во стиховите на една песна која галичани често ја пеат.

Нарочува бело Менде, порочува:

„Како знојеш, аџи Павле да си дојеш".

Да си доеш, аџи Павле пред Петровден,

пред Петровден, аџи Павле, две недели.

Ако не доеш, аџи Павле, пред Петровден,

ќа го најеш бело Менде оможено.

Овие стихови воведуваат во традицијата на заедница која со векови опстојувала во планинските предели на западот од Македонија. Самата свадба и обичаите биле предмет на многу истражувања, како култоролошки така и етнолошки и отсликува еден дел од животот на мијаците.

Над половина век традиција

Манифестацијата „Галичка свадба" има традиција од 56 години, поточно првата се одржала во 1963 година. По одржаните две, има прекин сé до 1973 година од кога се одржува редовно. Во 2001 година за време на вооружениот конфликт, пред чешмата „Упија" е изгирано само „тешкото" заради актуелната состојба во земјата.

Во разговор со хроничарот Киро Кипровски (галичанец по потекло) се навраќаме повеќе од половина век наназад до покренувањето на иницијативата за ваква манифестација. Впрочем во неговото капитално дело „Галичник за секогаш" тој издвојува поголем дел токму за свдбата. Тој е едниствениот новинар што ги забележал сите изданија на „галичката свадба" и добро ги памети почетоците.

– Оваа идеја почнува во време кога иселувањето зело драматични размери. Тогаш, група галичани фанатично вљубени во родното место се организираат за го вратат духот и животот. Во 1962 година беше формиран иницијативен одбор, кој осмислува туристичка културна манифестација која ги негува и на јавноста да ѝ ги презентира изворните народни песни, ора, свадбарските обичаи и ритуали и рачно работената носија. Со еден збор, сé што е вредно, автентично да им се пренесе на младите генерации, вели Кипровски.

Како дел од традицијата, Кипровски го наведува и еден детаљ што бил посебно атрактивен меѓу младите галичани за петровденското празнување. Меѓусебе правеле трки со коњи низ селото, а победникот го земал „мушчулукот" од семејстото на момчето кое ќе решело да се жени. Особено биле масовни и прославите на „Св Петка" и "Преображение" кои се случувале надвор од селото во месноста стара црква.

Свадбата го спаси митскиот Галичник од заборав

Одржувањето на првата свадба ќе биде забалежано од тогашните медиуми. Еден од насловите по одржаната „свадба" гласи „Спектакуларни ритуали", бидејќи тогаш биле изведени оригиналните обичаи што се правеле отсекогаш, а на поголемата јавност не и биле познати.

Во аналите на хроничарите стои дека на првата свадба имало над 4.000 гости кои одблизу ги виделе свадбарските обичаи на мијаците. На второто издание дошле многу помалку, со оглед дека на 12 јули 1964 година, времето не било наклонето и врнел пороен дожд. Малата посетеност  била условена и од лошиот пат низ Бистра. Од тие причини, нагласува Кипровски, организаторот решил да прави пауза во одржувањето на манифестацијата сé додека не се асфалтира патот Маврово – Галичник.

По пауза од десет години, во 1973 година откако асфалтот стигнал до селото „Галичка свадба” е обновена.

Заради иделошките разлики и влијанието тогашните власти, венчавки не се одржувале, па така галичкиот „зет" и невеста" биле само статисти.

Вистинска свадба со венчавка се одржува по прв пат во 1991 година. На 21-то издание на „Галичка свадба”, тогашниот повардарски митрополит г. Михаил ги венча Антонио Пендаровски и Весна Мицевска во црквата „Св. Петар и Павле”.

Иако некогаш моќно село со над 700 куќи, кино, водовод, жителите по Втората светска војна го напуштаат. На тоа влијаат условите за живот и национализрањето на имотот. Селото било пред колапс на прагот до нвото време.

– Токму асфалтниот пат и струјата ја означија новата ера за Галичник. Ако не се преземеше нешто, Галичник ќе потонеше во амбисот. Еве сега преку викенди има луѓе, доаѓаат и туристи. Живее селото, и преку зима и лете, вели Кипровски кој и самиот ги користи приликите да дојде на дедовото огниште.

Таму ќе биде и оваа година со фотографскиот апарат, ќе лови кадри, ќе се забавува со роднините. Очекува убав викенд исполент со празнична атмосфера и на младенците ќе им посака: Да се ќердосаат!//МИА.

Базените – можност за разладување за скопјани

Жителите на главниот град кои летово нема да заминат на одмор ќе можат да се разладуваат во Олимпискиот базен „Центар", Аквапаркот, базенот во СЦ „Борис Трајковски", Воениот базен во Аеродром и базенот „Расадник".

Надлежните од базените велат дека водата е најчиста, најквалитетна и најбезбедна по сите светски стандарди и оти има интерес од посетителите. Во ниеден од базените не е дозволено внесување храна, вода, пијалаци, затоа граѓаните треба со себе да си понесат дополнително повеќе пари. Во некои базени задолжитечно е носење капа за пливање.

Олимписки базен „Центар"

Раководителот на Олимпискиот базен „Центар", Мартин Маневски, за МИА изјави дека овој базен е со најдолго искуство во пливачките спортови во нашата држава.

– Базенот работи преку целата година со константна температура на водата согласно правилниците на Светската пливачка федерација и Европската пливачка федерација за да овозможиме најдобри услови за нашите посетители. Работното време преку целата година е секој ден освен понеделник. Во летниот период работиме од 7:00 до 17:00 за рекреација (утринска и дневна), од 17:00 до 20:30 со школи за пливање и пливачки клубови и од 20:30 до 23:00 рекреација – ноќно капење, изјави Маневски.

За време на дневната рекреација, која е популарна опција за граѓаните да се разладат во овие жешки скопски денови, работи и терасата, каде што имаме бесплатни лежалки и чадори за посетителите, а работи и шанкот со ладни пијалаци, сокови и храна.

Маневски посочи дека ноќната рекреација е традиција за Олимпискиот базен „Центар" и е еден од ретките можеби и единствен што ја има оваа опција со одлични услови за нашите посетители.

– Во летниот период работат и школите за пливање во нашите клубови со најдолго искуство во државата (Вардар, Работнички, Орион, Младост, Студент, Пингвин, Звезда, Лириа, Ноти, Вардар 2018, Делфин…) и се посетени најмногу од најмалите кои сакаат да научат правилно да пливаат и да почнат да градат здрави навики преку спортот, да се дружат, да развиваат натпреварувачки дух и правилно да се развиваат од најрана возраст, но имаме и групи за возрасни. Целата листа на клубови е достапна на www.olimpiskibazen.com.mk/skoli.html, додава Маневски.

Тој нагласи дека квалитетот на водата е на највисоко можно ниво и таа е филтрирана електронски 24/7. Квалитетот се проверува секоја недела од страна на Центарот за јавно здравје „Скопје", а подовите на базенот се чистат со подводни роботи специјализирани за таа намена.

– Хигиената се држи на највисок степен и претставува приоритет за нас, потенцира Маневски.

Цената за дневна рекреативна влезница е 250 денари, а има и месечни припејд-картички, на пример пет влеза – 1.000 денари, осум влеза – 1.300 денари, 12 влеза – 1.600 денари и слично.

Сите цени се достапни на www.olimpiskibazen.com.mk/info.html

Аквапарк

Аквапаркот оваа година повторно нуди интересни содржини за сите возрасти: десет атрактивни тобогани, базен со бранови, бумеранг, детски базен, како и ново детско катче за забава во песок.

Тина Мицковска, одговорна за односи со јавност во Спортскиот центар „Борис Трајковски", за МИА изјави дека новитет е и полудневната карта, која ќе може да ја користат сите кои во текот на денот се на работа, а сакаат да се релаксираат во попладневните часови.

– Водата во сите базени е збогатена со калциум хипохлорит, што ја прави најчиста, најквалитетна и најбезбедна по сите светски стандарди и е единствена од таков тип во нашата држава. Првпат годинава има и детско катче – базенче исполнето со песок и реквизити за играње и забавување на плажа. Полудневните билети важат само преку недела, од понеделник до петок, додека, пак, за викенди картата е 300 денари, изјави Мицковска.

Покрај стандардните содржини за капење и уживање, во текот на вечерните часови ќе се организираат и забави, а просторот ќе може да се изнајмува и за родендени, момински и ергенски вечери.  Во рамки на Аквапаркот има и неколку шанкови, каде што посетителите можат да се освежат со пијалаци или, пак, да ручаат или да вечераат во ресторанот над Аквапаркот.

Базен „Карпош"

На базенот „Карпош" рекреативниот период е од 07:00 до 17:00 и од 21:00 до 23:00 часот од понеделник до петок. Во сабота и недела, пак, базените за рекреација работат од 07:00 до 23:00 часот. Во детскиот базен може да се прослави и спортско-рекреативен роденден за деца, со тренер и аниматори.

Дневниот билет чини 200 денари, а месечниот 1.200 денари за период од 07:00 до 12:00. Пакетите за базен може да се комбинираат и со сауна, вежбалница и аеробик. Во рамки на базенот и тениските терени има кафуле, каде што посетителите можат да се освежуваат. 

Базенот „Карпош" поради големиот интерес летово ќе може да се користи секојдневно за рекреативно пливање од 8:00 до 23:00 часот. Задолжително е носење капа за пливање.

Базен „Аеродром" 

Скопјани можат да се разладуваат и во базенот „Аеродром", односно во малиот и големиот базен. Посетителите можат да купат кафе или други пијалаци на барот покрај базенот или да одиграат партија одбојка на песок…

На веб-страницата на базенот се наведува дека целиот комплекс е комплетно реновиран пред почетокот на летото во 2013 година. Воведен е систем за прецизно филтрирање на водата, а во рамки на базенот работи и стручен спасувач, кој се грижи за безбедноста на сите посетители… Базенот работи секој ден од 10 до 18 часот. На фејсбук-страницата на базенот е најавено дека поради високите температури се продолжува работното време до 19:30 часот.

Ќе се градат 14 пливачки базени 

Граѓаните очекуваат изградба на 14 пливачки базени. Одлуката за градба на базените беше донесена на владина седница во април годинава, за што се обезбедени средства во износ од 30.000.000 денари.

Базени ќе се градат во Чаир, Карпош, Аеродром, Ѓорче Петров, Кисела Вода, Штип, Струмица, Велес, Неготино, Прилеп, Битола, Гостивар, Тетово, Кичево, а општините треба да предложат локација и да обезбедат одобрение за градба.

Повеќе можности за разладување 

Граѓаните исто така имаат можност да посетат повеќе скопски населби и села каде што се лоцирани угостителски објекти што имаат базени и нудат разладување за своите гости. Оние што можат да си дозволат, можат да набават базени за своите дворови со различни димензии.

Во центарот на градот, спасот од горештините децата Ромчиња често го гледат во градските фонтани. Оваа слика за нас станува секојдневие, додека туристите застануваат и гледаат со неверување.

Оние што сакаат природа можат да уживаат во сенките на Градскиот парк, да ја посетат Матка, езерото „Треска", парк-шумата „Гази Баба", да одат на Водно. Што и да изберат граѓаните, неопходно е да ги почитуваат препораките од надлежните за заштита од топлото време./МИА

На „Струмица опен фестивал" друштвени игри и традиционален концерт на лицата со телесен инвалидитет

Синоќа во рамките на годинешното издание на „Струмица опен фестивал" се организираше играње друштвени игри, насловено како „Board Games Day".

Поголем број граѓани, меѓу кои и градоначалникот Коста Јаневски и членови на Советот на општината, се натпреваруваа во шах, табла, рубикови коцки, IQ сложувалки, меѓу кои и најпопуларните „Istanbul" и „Ticket to Ride" и многу други.

На настанот беше промовирана и новата македонска игра „Meet The Manchers" на „DeVanchi Games".

Во рамките на фестивалската понуда се одржаа и 25-те Традиционални музички средби на лицата со телесен инвалидитет „Мобилност", на која пејачи и музичари со телесен инвалидитет се натпреваруваа за најдобро исполнета песна.

Настанот беше отворен со перформанс „После дождот" во изведба на групата „Надеж" од Завод за заштита и рехабилитација „Бања Банско" со ученичката Ева Стојковска и Центарот за балетска уметност „Reverence" на Оле Илиева. /МИА

Дневен хороскоп за 21. јули 2019 година

Дневен хороскоп за недела , 21. јули 2019 година. 

Рак 22.6-22.7.

Љубов

Мирот со кој што ќе зрачите ќе и влева сигурниост на другата страна. Уште повеќе ќе ви се приврзе.

Кариера

Излегуваат на виделина добрите финансиски резултати. Задоволни сте и контактирате со соработниците за нови проекти.

Здравје и совет

Во добра форма сте.

Лав 23.7-22.8.

Љубов

Освен добра забава и богат друштвен живот , веројатно ќе испробате некои нови јадења во друштво со саканата личност.

Кариера

Денеска лесно ги решавате повеќето работи. Атмосферата на работното место ќе биде делумно хаотична , но вие ќе се снајдете.

Здравје и совет

Помогнете им на колегите.

Девица 23.8.-23.9.

Љубов

Ќе бидете способни да читате меѓу редови , па ќе откривате она што е наскриено во односот со личноста што ви е мила.

Кариера

Ќе се обидете со понежен пристап и со креативни варијанти да ги придобиете другите за своите проекти. Ќе бидете убедливи.

Здравје и совет

Можно е да се напиете во поголемо друштво.

Вага 24.9.-23.10

Љубов

Со фантазија и креативност ќе ги надминете фрустрациите што се испречуваат меѓу вас и саканата личност.

Кариера

Во работата со млади би можело да дојде до нејасна ситуација. Држете се до поставените критериуми и се ќе се разјасни.

Здравје и совет

Нека ве води интуицијата.

Шкорпија 24.10-22.11.

Љубов

Некои од вашите пријатели би можел несакајќи да го поремети вашиот љубовен план , што го подготвувате за излегување во друштво.

Кариера

Обидете се да бидете повеќе креативни без оглед што тоа не му се допаѓа на некој од соработниците. Единствен критериум нека биде професионалноста.

Здравје и совет

Опуштете се со убава музика.

Стрелец 23.11.-21.12.

Љубов

Како што ќе минува денот , ќе ви биде се појасно дека не може ништо да се среди со сила. Ќе најдете утеха кај пријател.

Кариера

Барањата на работното место се се поголеми , но вие сте подготвени за такви предизвици. Можеби не е според вашиот план , но секако не е лошо.

Здравје и совет

Не се замарајте со ситници.

Јарец 22.12.-20.1.

Љубов

Веројатно ќе излезете со добри пријатели , на кои ќе им ги доверите вашите љубоцвни проблеми и очекувања.

Кариера

Ќе напредувате според барањата на други. Ќе успеете да го избалансирате она што би сакале и она што се случува.

Здравје и совет

Созревате.

Водолија 21.1.-19.2.

Љубов

Површните приказни ќе бидат забавни. Ќе ги шармирате сите околу себе. Сепак, во душата ќе чувствувате мала празнина. Треба трпение.

Кариера

Во деловната кореспонденција , што е интензивна , би можело да дојде до мал хаос. Јасно поставувајте ги прашањата и исто така одговарајте.

Здравје и совет

Немојте да се напиете.

Риби 20.2.- 20.3.

Љубов

Оние кои се решени да се додворуваат , денеска ќе добијат посебна инспирација за вистински поетски зборови. Ќе биде интересно да се слушаат.

Кариера

Доколку одите на службен пат, проверете ја состојбаста на автомобилот. Видете дали сте целосно подготвени и дали резервациите се во ред.

Здравје и совет

Минливо недоразбирање со роднините.

Овен 21.3-20.4.

Љубов

Вашиот љубовен живот се развива добро , а денеска ќе си дозволите мало опуштање и конзумирање алкохол.

Кариера

За разлика од вас , денеска вашите надредени нема да знаат што сакаат. Ќе се потпрат на вашето стручно знаење. Помогнете им.

Здравје и совет

Не претерувајте со пиењето.

Бик 21.4- 20.5.

Љубов

Малиот дисбаланс на емотивен план ќе биде поврзан со потребата за доминација. Но тоа е минливо , а вашата врска е силна.

Кариера

Добро ќе ви одат сите дејности каде ќе можете да го покажете своето стручно занење. Некои конечно ќе добијат шанса да се изразат.

Здравје и совет

Мали емоционални фрустрации.

Близнаци 21.5.-21.6.

Љубов

Веројатно малку ќе се надмудрувате со саканата личност , за тоа кој е главен во врската. Не е страшно , но ќе ви одземе енергија.

Кариера

Со мали чекори може да напредувате исто како и со големи. Разликата е во тоа што нема сензација и потребно е трпение.

Здравје и совет

Немојте да бидете тврдоглави.

притисни ентер