Мицкоски на 11-годишнината од основањето на ПОДЕМ

Во име на членовите на ВМРО-ДПМНЕ да ви ја честитам 11 годишнината од основањето на Партијата на обединети демократи на Македонија ПОДЕМ.

Почитуван претседателе на Партијата на обединети демократи на Македонија ПОДЕМ д-р Живко Јанкулоски

Почитувани членови, почитувани поддржувачи,

Почитувани гости и присутни,

Велат ако нешто трае повеќе од една година значи дека ветува дека може да се постигне многу, кога тоа нештото трае 5 години значи дека може да опстои на сите турбуленции и предизвици, а она што трае повеќе од 10 години, веќе прераснува во традиција која мора да се почитува. Затоа дозволете ми во мое име и во име на членовите на ВМРО-ДПМНЕ да ви ја честитам 11 годишнината од основањето на Партијата на обединети демократи на Македонија ПОДЕМ, партија која што од основањето до денес активно придонесува во демократскиот живот и политичката сцена на Република Македонија.

Големината на една партија е во големината на љубовта кон Татковината, но и мноштвото на идеи за подобра иднина на своите сонародници во земјата и надвор од неа.

Токму затоа можам да кажам дека ПОДЕМ е многу поголема партија од партии кои денес егизистираат на власт бидејќи и со примери и со дела покажале и докажале дека Македонија е нивниот идеал и дека демократските вредности, напредокот и подобрата иднина се нивната водилка низ ова 11 годишното функционирање.

Партија која покажува во овие времиња дека има кичма да се спротивстави и да каже НЕ на погрешните политики на власта, и тоа во периоди кога тоа е нималку лесно да се направи и за што знам дека наместо комформизмот и сладострастието на власта, го одбравте правилниот пат и застанавте со народот.

Токму поради ова со полна сигурност можам да кажам дека ПОДЕМ е нашиот верен сојузник и партнер во нашата борба за подобра иднина, борба која трае и ќе заврши кога катастрофата наречена Зоран Заев и СДСМ ќе замине во темната историја во Македонија.

И вие како и сите граѓани на Македонија чувствувате дека Заев ја турка Македонија кон амбисот, кон амбисот со целиот економски колапс кој што го предизвикува, осиромашувањето на народот на сметка на личното богатење, рушењето на достоинството на граѓаните и континуираното уништување на угледот и позициите на државата. Македонија во време на изгубениот Зоран Заев станува загубена држава и затоа наша должност е да застанеме на овој пат на разнебитување на нашата земја. Заедно мораме да ги сплотиме силите, да ги збиеме редовите и да се спротивставиме на непогодата наречена Зоран Заев. Тој е веќе на колена и го покажува целиот свој очај и немоќ. Неговото блескање кое само тој го гледаше се претвори во беда и срам. Неговиот систем евро за вицето целосно ги замени европските вредности. Неговите квази реформи во судството и администрацијата се претворија во лична амнестија за криминалите и максимално партизирање и приватизирање на институциите. Правото се претвори неправда, а правната држава во полициска држава за прогон на политички неистомисленици.

Свесни сме дека си имаме работа со однародена власт која се одлепила од реалноста, а истовремено заглавена до гуша во скандали, корупција и криминал, па станува се понервозна и пожестока кон својот народ. Но колку повеќе удираат, толку повеќе народот се обединува во нашата борба.

И кога ќе ми речат лошо е, одговорот е, полошо е од најлошото. Кога ќе помислите дека е пробиено дното, Власта не демантира дека има ново уште поголемо дно. Така е и во економијата. Нема пари, а буџетот се троши само за социјални трансфери и купување на социјален мир. И тоа може да функционира година две, но не може така вечно. УЈП има дупка во прибирањето на даноци, и тоа е така зошто народот нема пари, бизнисот трпи, а граѓаните влегуваат во уште поголема сиромаштија.

Ќе потсетам дека ветуваа 5% раст, а ќе бидеме среќни доколку се посигне половина од тоа. Земјоделците мака мачат со откупот, а во здравството само успех има во наместените тендери. Се останато тоне. И онаа малку надеж што беше, а се однесуваше на брз напредок во преговорите со ЕУ гледаме дека се претвори во нов неуспех. Датум за преговори нема зошто Европската Унија констатираше отсуство на реформи и постоење на корупција. Нема одење во Европа со градоначалник кој физички се пресметува во својот кабинет а обвинителството спие. Со генерален секретар на влада кој не чувствува одговорност за скандалот во кој е вовлечен. Нема во Европа со наместени тендери во здравството за опрема која сега се плаќа два или повеќе пати поскапа. Нема во Европа со премиер кој договара мито од 100 илјади евра за Вартоломеј, и се впушта во криминал за 5 секунди. Нема во Европа со прогон кон опонентите. Македонците стануваат граѓани од втора категорија во својата земја. Сменето име, историја која Заев ја прекројува како ќе му текне само за да остане на власт.

Почитувани пријатели,

Имам една добра и една лоша вест. Лошата вест е дека Зоран Заев создава изгубена и упропастена држава. Добрата вест е дека ќе ги победиме. И ќе ги победиме силно.

Ова мора да престане затоа што е премногу. Затоа мојата, нашата борба е за Македонија која вистински ќе оди напред.

Мојата визија е за Македонија која ќе биде членка на Европската Унија, држава која сериозно ќе се бори против криминалот, корупцијата и неправдите. Овој канцер кој ја гуши земјава десетици години мора да биде победен.

Мојата визија е за Македонија која ќе биде технолошки тигар на Балканот, со развиена економија и која ќе биде место каде ќе се случува технолошка и економска експанзија.

Мојата визија и нашата борба е за Македонија која ќе има квалитетно здравство и образование. Која ќе нуди поддршка на земјоделците преку загарантиран откуп.

Мојата визија и нашата заедничка битка мора да биде да го сочуваме достоинството на секој еден граѓанин. Затоа ни е потребна обнова. Обнова во секој еден руиниран сегмент во општеството.

Доаѓа ново време кога политиката мора да биде работа на принципи, разум и труд. Многу работа и чесност.

Јас во мојот живот немам заработено нечесно ниту едно пенкало, имам принципи на кои ме учеле од мал, моите родители. Тоа го барам од секој еден мој соработник.

Оваа обнова за која зборувам може да ја донесе оваа нова генерација на политичари која мора да ги победи старите ликови од транзицијата. Тоа е можно и тоа заедно ќе го направиме. Сметам на Подем, верувам на нејзината сила и Подем е еден од нашите најверни коалициони партнери.

Ништо во животот не е лесно и не е брзо, но подобро да победиме во тежок и исцрпувачки маратон, отколку да бидеме поразени на краток и молскавичен спринт.

Нека ви е честит роденденот и посакувам уште многу години опстојба на македонското политичко небо.

Ви благодарам да сте живи и здрави.

Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ

Мицкоски на Самитот на ЕПП : Македонија припаѓа во ЕУ и затоа барам да ја извршите својата улога во ширењето на оваа порака

Претседателот на ВМРО – ДПМНЕ , Христијан Мицкоски денеска се обрати на Самитот на Европските народни партии (ЕПП) , што се одржува во Загреб, Хрватска.

,,Живееме во период кога нашите политички противници се борат со нас на политичката сцена со сите алатки коишто им се на располагање, исклучувајќи ги принципите и вредностите, и верувам дека ова е еден од најсериозните политички предизвици со коишто се соочува нашето политичко семејство  ЕПП . Ние сме силни кога станува збор за здрави економски и социјални политики. Ние сме силни кога се работи за исполнување на нашиот збор. Но, за жал, нашите противници не го гледаат вака конвенционалното политичко дејствување.

Во последните три години нашата нација ја води социјалдемократскиот премиер, чија влада е синоним за раширена корупција. Дневните активности на оваа влада вклучуваат непочитување на владеењето на правото, целовкупната политизација на нашето општество и неспособност да се создадат економски и социјални промени за 21-от век. Сепак, тие се фалат секојдневно за тоа колку се транспарентни. Се согласувам  дека не сум видел потранспарентно корумпирана влада на  било кое место во светот. Тие не ја негираат корупцијата, туку се надеваат дека ќе добијат дополнителен ден од нивниот мандат за да ја продолжат.

Нашата улога како опозициска партија е да донесеме значителна и опиплива промена за нашите граѓани, а по изборите на 12-ти април имаме за цел да формираме стабилна влада, ориентирана кон Европската унија, влада којашто ќе го постигне сето ова.

Новата влада којашто ќе ја предводи ВМРО-ДМНЕ се обврзува да работи со силен морален и етички кодекс, но и да направи севкупни реформи коишто ќе овозможат функционална правда, но и исполнување на критериумите за евроинтегрирање и пред се да ги промени критериумите за тоа што значи да се биде политичар во македонското општество. Ние како Македонци припаѓаме на Европското семејство и ги споделуваме европските вредности.

Со поддршка на нашето ЕПП семејство ќе го стопираме егзодусот на нашите најбрилијантни млади луѓе;  ќе се справиме со екстремните нивоа на загадување;  ќе ги намалиме даноците, ќе ја стимулираме економијата и ќе го поттикнеме претприемништвото. Ние мора да го европеизираме нашето општество одвнатре – затоа што ова е единствениот начин да ја поставиме нашата нација на брз пат кон членството во Европската унија.

Македонија припаѓа во Европската унија и затоа барам од вас да ја извршите својата улога во ширењето на оваа порака. Нашата сегашна социјалдемократска влада не заслужува позитивен стимул од европските метрополи и Брисел, но нашите граѓани  го  заслужуваат тоа. После 12-ти април, бидете уверени дека проевропската влада ќе ги поттикне реформите и трансформативните промени во нашето општество. Ќе побарам од вас, како моја последна упатена порака, ЕПП како најсилно политичко семејство во Европската унија,  да биде носителот на Македонија на патот кон членството во Европската Унија.  Заедно сме посилни!" , рече Мицкоски. 

Грција ги затвора преполните мигрантски кампови на островите

Грчката влада денеска соопшти дека планира постепено да ги затвори трите најголеми бегалски кампови на егејските острови и да ги замени со затворени центри за прием.

Целта е да се намали притисокот врз овие пренатрупани кампови и да се забрза враќањето на илегалните имигранти.

,,Камповите на Лезбос, Самос и Хиос ќе бидат заменети со „центри за поаѓање и идентификација“, изјави владиниот портпарол Стелиос Петас.

Новите кампови ќе бидат наменети за мигрантите кои немаат никаква перспектива да добијат азил во ЕУ.

Сите што се сметаат за вистински бегалци ќе бидат префрлени во камповите на копно.

Бегалските кампови се отворени за одвојување на бегалците од економските мигранти, во согласност со договорот на ЕУ за мигрантите во 2016 година.

Но, тие станаа пренатрупани, предизвикувајќи тензии со локалното население, дури и насилство.

Петте кампови се наменети за 6.200 лица и сега во нив има 36.000 луѓе.

Владата започна да преселува мигранти, особено семејства и малолетни лица на фериботи кон копното за да го намали притисокот.

Собраниската расправа по законот за гаранција за заем за доизградба на автопатот Кичево-Охрид продолжува утре

Пратениците во попладневниот дел од 116. седница ја продолжија расправата по Предлог-законот за гаранција од државата за  Договор за заем од 179 милиони долари за дополнително финансирање на автопат Кичево – Охрид.

Министерот за транспорт и врски Горан Сугаревски истакна дека проценетата вредност на дополнителните финансиски средства за проектот за кој лани беше изгласан анекс на договорот од страна на Собранието, е вкупно  179.694.572 долари. Заемот ќе биде доделен со рок на отплата од 20 години и вклучен грејс период од пет години. Каматна стапка е фиксна и ќе изнесува два проценти на годишно ниво за целото времетраење на заемот.

Пратениците од власта и од опозицијата со меѓусебни обвинувања за криминал во однос на договорите за овој проект со кои средствата биле обезбедени со кредити.

Димитар Стевананџија од ВМРО-ДПМНЕ, вели убеден е во криминалноста на овој договор за задолжувањето од, како што рече, 198 милиони евра, и оти ниту министерот за транспорт и врски не е убеден дека ова е добар договор.

-Кои беа вашите тези во 2011 година – Владата е криминална затоа што се задолжува за тогаш 505 милиони долари за два автопата, кинеската Сине хидро е криминална. По седум години што дојде сега. Сега не е министер Миле Јанакиески, туку Горан Сугарески. Кинезите – тие се криминалците и тогаш и сега, ако сте биле во право. Јас сум убеден дека такви луѓе не постојат, но вие ги етикетиравте. Кинезите им давале проценти на Владата на ВМРО-ДПМНЕ, сега Вас не знам што ви даваат. Тогаш Сине хидро не чинеше бидејќи во Србија некој направил за многу помалку пари повеќе автопат. Сега на тие пари вие додавате уште 200 милиони со анекс во пазарна економија. Зарем нема некоја фирма која би рекла – да, јас овие клучки овие траси ќе ги поправам за 50 милиони. Каде се видело во Европа анекс од 200 милиони, праша Стевананџија.

Според парламентарното мнозинство криминал бил направен со првиот догор за автопатот во вредност од 505 милииони долари, бидејќи во него не биле предвидени клучни и други позиции. Со овој анекс – договор велат се обезбедуваат пари за тоа, а цените на многу ставки се пониски во однос 1:3.

-Вие го направивте основниот проект, но заборавивте дека треба и клучки. Кога видовте дека треба клучки направивте нов проект за клучки и видовте дека нема пари обезбедени. Со овие пари кои сега се земаат ќе се направат и клучките и другите споредни патишта што треба да се направат. А во делот во кој велите дека сте работеле добро и сте зеле 500 милиони долари, нека слушне јавноста дека за патот Крупиште – Кочани, изработка на тампон слој од дробен камен 30 см оваа Влада ја договорила за 573 денари вашата Миладиновци – Св. Николе – Штип за 2.202 денари…Е ова е пљачка што сте го правеле вие, рече Самка Ибраимовски од Партијата за целосна еманципација на Ромите.

Диме Велковски од СДСМ кажа дека сумата која е предвидена со анекс договорот ја бараат надзорните институции Градежниот институт и се темелат на анализа за непредвидени и нетендерирани финансиски средства кои се потребни за завршување на проектот. При тоа, рече, само за тунелот и за санација на свлечишта се предвидени 63, односно 68 милиони долари, а за осум свлечишта и алтернативен пат 26 милиони долари.

-Овие средства се потребни за да го завршиме автопатот до 2021 година. Да смогнеме сили да се обезбедат, оти тоа го бараат стручните служби, рече Велковски.

Пратениците во рамки на 116. седница ги донесоа Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот градење, Предлог-законот за изменување на Законот за финансирање на единиците на локалната самоуправа и Предлог-законот за изменување на Законот за спортот, сите по скратена постапка.

Собранието утре ќе продолжи со расправата по законот за гаранција за заем за доизградба на автопатот Кичево-Охрид. /MИА

притисни ентер