Времето денеска:Сончево со умерена облачност

Времето денеска ќе биде сончево со умерена облачност, попладне со појава на локален дожд.

Утринската температура ќе биде од 7 до 15, а дневната од 19 до 31 степен. Во Скопје и околината слично време.

 Утринската температура ќе биде околу 13, а дневната ќе достигне до 26 степени.

Дали е закочен дијалогот власт – опозиција?

Можен ли е почеток на политичка криза во земјава како резултат на последните случувања?

По последниот скандал кој се поврзува со Катица Јанева и формирањето на ново обвинителство, се отвори прашањето дали власта и опозицијата ќе успеат да се договорат за Законот за јавно обвинителство на чекор до ветениот датум за преговори со ЕУ во октомври или пак уште повеќе ќе се продлабочат несогласувањата. Реформскиот закон кој е еден од најважните услови кој се уште е под знак прашалник, според дел од аналитичарите може да донесе политичка криза во време кога очекуваме важен процес за земјава.

Од ВМРО ДПМНЕ велат дека единствен виновник за евентуална политичка криза или недобивање на датум за почеток на преговори, ќе биде премиерот Заев.

Иако од опозициската партија бараат на лидерска средба да се разговара единствено за предвремени парламентарни избори, од СДСМ освен за новиот предложен закон за ЈО, велат дека дијалог е потребен за повеќе прашања, како спроведувањето на пописот и предлогот за измена на изборниот законик.

Запленет глисерот на Зоран Кичеец

Глисерот на второ осомничениот во случајот “Рекет” -  Зоки Кичеец доцна синоќа бил запленет од обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.

Заплената е во рамки на истрагата која обвинителството ја отвори минатата недела против Боки 13 и Зоран Милески познат како Кичеец, кои се осомничени за рекет врз бизнисмени. Иако во јавноста се ширеа информации за заплена и на други предмети како џипови, мотори и скутери на вода, од обвинителството велат дека до овој момент запленет е само глисерот.

По налог на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција до овој момент е запленет глисер во сопственост на второосомничениот во случајот „Рекет". Глисерот е запленет синоќа.

Велат од Обвинителството. Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ пак и денеска прашуваат кој се крие зад идентитетот на “Кики” и “Фрики”. Од таму велат и дека се уште го анализираат предлог-законот  за спојување на СЈО во редовното обвинителство, и остануваат на ставот дека се противат на предлогот Вилма Рускоска да раководи со новото обвинителство.

За тоа кој се крие зад идентитетот на фамозните “Кики” и “Фрики”, новинарот Бранко Геровски кој изминатиот период пишуваше за случајот рекет, најави дека ќе ги открие во текот на утрешниот ден.

Рекордно високи температури во САД

Екстремно топлото време предизвикува и проблеми во Соединетите Американски Државни.

Најмалку шест лица го загубиле својот живот поради рекордно високите температури во САД. Според властите, жртвите се од сојузните држави Мериленд, Аризона и Арканзас.

Националната метеоролошка служба предупреди од „опасен топлотен бран“, кој во комбинација со зголемена влажност во земјата може да доведе до топлотен удар, доколку не се преземат соодветни мерки. Голем број настани во САД, од фестивали и концерти до спортски средби, се одложени поради невообичаените високи температури. Медиумот потсетува дека за време на топлотниот бран во јули 1995 година загинаа повеќе од 700 луѓе во Чикаго, каде температурите надминуваа 36 степени Целзиусови.

притисни ентер