Пентагон со воена придружба за бродовите во Персискиот залив

Пентагон соопшти дека ќе покрене систем на воена придружба за бродовите во Персискиот залив.

Откако официјален Лондон обелодени дека ирански вооружени чамци се обиделе да запленат британски танкер.

Вашингтон го обвинува Иран за серијата напади врз бродови во една од најважните нафтени транзитни рути.

Техеран ги отфрла ваквите обвинувања.

Османи-Рот: За една недела Бундестагот ќе даде зелено светло за старт на преговорите

Германскиот Бундестаг за една недела ќе даде зелено светло за почеток на преговорите за членство на  Македонија во ЕУ. 

Вицепремиерот задолжен за европски прашања Бујар Османи на денешната средба во Берлин со државниот министер за Европа и претставник на Германија во ЕУ, Михаел Рот, добил потврда дека германската Влада во целост ги поддржува европските интеграции на Македонија и дека цврсто ќе застане за време на сесијата на Бундестагот во одбрана на позициите за старт на пристапните преговори во октомври.

– Доаѓам на само една недела пред седницата на Бундестагот кога ќе се отвори точката за поддршка на европските интеграции на Република Македонија, да ја пренесам благодарноста на Владата за вашите несебични напори да ѝ обезбедите на мојата земја зелено светло за старт на преговорите, истакна Османи на средбата, изразувајќи и лична благодарност до Рот, за неговиот пријателски однос и  личен придонес во успехот на европските интеграции на земјава.

Османи реферираше и за последните актуелности во земјава, нагласувајќи дека Владата е истрајна и посветена во отстранувањето на сите формални и неформални забелешки кои можат да претставуваат предизвик за одлуката во октомври.

– Остваривме напредок во сите посочени области од страна на Европскиот Совет, и во континуитет остваруваме солиден „трек-рекорд", успешна имплементација на донесените реформи", истакна Османи.

Од Берлин, Османи патува за Варшава, каде што ќе има средба со државниот секретар за европски прашања при Министерството за надворешни работи на Полска, Конрад Шимански, а ќе разговара и со шефот на полската дипломатија Јацек Чапутович.

Посетите на Берлин и Варшава се дел од европската турнеја на вицепремиерот Османи низ европските метрополи, а во пресрет на октомвриските состаноци на Советот на ЕУ, соопштуваат од СЕП.

Центарот на Скопје кај „Рекорд" попладнево од 18:00 ќе биде пешачка зона

 Во рамки на одбележувањето на Европската недела на мобилност 2019, попладнево во центарот на Скопје ќе се одржи Велофиеста на улицата „Димитрија Чуповски", кај „Рекорд", која од 18:00 часот ќе биде затворена за сообраќај.

Како што информира Град Скопје, на коловозот на улицата „Димитрија Чуповски" од 19 часот ќе се организира дружење и забава на отворено, со освежување и содржини за деца.

– Дојдете заедно да го почувствуваме отворениот простор и да видиме како ќе изгледа Малиот Ринг во иднина, ослободен од моторизиран сообраќај. Донесете ги и своите деца, ќе има многу забавни содржини и за нив и за возрасните, повикува градоначалникот Шилегов.

Активностите на Европската недела на мобилност 2019, кои се посветени на алтернативните форми на транспорт, се организираат под мотото „Пешачи со нас". Партнер на Градот Скопје во реализацијата на овој проект е здружението на граѓани „Македонски зелен центар", а во организирањето на многубројните активности ќе учествуваат и Делегацијата на Европската Унија, Министерството за животна средина и просторно планирање, неколку скопски општини, средните училишта и центрите на култура на Град Скопје, ГИЗ, Црвен крст, МВР, ЈСП, Републички совет за безбедност во сообраќајот, Македонска велосипедска федерација, Цементарница Титан, како и повеќе здруженија на граѓани, меѓу кои Прв до врв, Еко свест, Еко логик, Go green, Смарт Ап, Електромобилност и други. 

ДС поднесе предлог-закон за една изборна единица

Демократскиот соjуз до Собранието денеска достави Предлог-закон за изменување на изборниот законик, со кој се бара промени на изборниот модел, при што најважна промена е државата да биде една изборна единица при избор на пратеници.

Со промените, како што посочи во изјава за медиуми претседателот на Демократскиот сојуз Павле Трајанов, ќе се демонтира „еднопартискиот систем", ќе се создадат услови за суштински и системски промени во начинот на владеење, ќе се зголеми одговорноста на извршната власт, посебно на премиерот и министрите, а Парламентот ќе биде реален одраз на волјата на граѓаните кои ќе имаат можност на избор.

– Досега на секои парламентарни избори од 100 до 150 илјади гласови, согласно Донтовиот модел се прелеваа кај поголемите партии, се создаваа услови за авторитарно владеење и наместо владеење на правото имаме целосна партизација на државните институции, за се одлучуваат партиите на власт и целосна зависност на законодавната и судската власт од партиите, рече Трајанов.

Освен околу бројот на изборните единици, Трајанов наведе дека измени се неопходни и во врска со финансирање на изборната кампања, финансирање на редовната активност на партиите, медиумското преставување, редоследот на партиите на гласачкото ливче итн.

– Со промените на Изборниот законик треба да се создадат еднакви шанси за сите политички партии, додаде Трајанов.

притисни ентер