Нова дива депонија на патот од Тетово кон Фалише

Група граѓани кои имаат домови и фирми долж патот од Тетово кон Фалише реагираат дека се создава нова дива депонија. Поради складираниот смет на една оградена локација тие половина час го блокираа сообраќајот.

– Штетно е по здравје да имаш толку многу смет. Има многу погони и населба со нови куќи. Миризбата и чадот не дозволуваат нормално да се живее. Тука има над 10 погони со околу 200 лица кои работат, рекоа граѓаните.

– Да се отстрани сметот од овде итно, зошто е без наша согласност. Ние тука инвестираме многу пари, а од општината добиваме смет во соседството, рекоа стопанствениците.

Од јавното комунално претријатие Тетово соопштија дека ова место е за товарење како привремена мерка. Според нив нема да нема мирис таму бидејќи отпадот не се остава повеќе од 7 часа, по што се носи во депонијата Дрисла.

Огромните количини смет деновиве има и на претоварната станица на ЈКП Тетово што се наоѓа кон селото Требош. /МИА

Намалена видливост на неколку патни правци

Намалена видливост поради појава на магла до 30 метри има на патниот правец Попова Шапка – Гајре – Тетово, до 150 метри на Плетвар, Кичево и Македонски Брод, од 50 до 100 метри во Крива Паланка и до 50 метри во Тетово – Групчин.

-Сообраќајот на државните патишта се одвива по наместа влажни коловози. Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини, од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата, информира АМСМ.

Од АМСМ препорачуваат прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има појава на утринска магла и можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево./МИА

Активистите на „Охрид SOS" преку отворено писмо бараат разрешување на тројца службеници на МЖСПП

Активистите на еколошката Граѓанска иницијатива „Охрид SOS" денеска испратија Отворено писмо до министерот за животна средина и просторно планирање, во кое укажуваат на противзаконското постапување од одредени лица на службени позиции.

Како што наведува „Охрид SOS", овие лица со своето делување ја опструираат процедурата за прогласување на Охридското Езеро и Студенчишко блато за Рамсар заштитено блатно подрачје.

Граѓанската иницијатива посочува дека лицата Влатко Трпески (раководител на Одделение за биодиверзитет, Сектор природа, Управа за животна средина, МЖСПП), Александар Настов (раководител на Одделение за биодиверзитет, Сектор природа, Управа за животна средина, МЖСПП) и Бранко Мицевски (претседател на Македонскиот рамсарски комитет и редовен професор на Институтот за биологија на Природно-математичкиот факултет), години наназад противзаконски и на штета на јавниот интерес го попречуваат прогласувањето на Студенчишко блато на Охридското Езеро за подражје што би било под посебна заштита како едно од најзагрозените низински блатни/водни живеалишта во земјата.

Граѓанската иницијатива „Охрид ЅОЅ", заедно со Здружението за заштита на животните и животната средина Е.Д.Е.Н. уште во октомври 2017 година имаат поднесено формална иницијатива до МЖСПП за прогласување на Охридско Езеро и Студенчишко блато за Рамсар подрачје.

-Од низата бесмислени преписки и бесполезни состаноци со гореименуваните, вклучително и пример на недолично однесување може многу лесно да се утврди дека сите горенаведени се ставија во функција на опструирање на постапката за прогласување на Охридско Езеро и Студенчишко блато како Рамсар подрачје за што претпоставуваме дека има неколку причини. Бранко Мицевски од позиција на стручен авторитет и претседател на МРК презентираше дезинформации во врска со Рамсарската номинација, како на пример: „недоволно податоци и потреба од дополнителни студии", „податоците не смее да се постари од 10 години", „непозната е вредноста на Студенчишко блато", „Рамсарската конвенција се однесува само на живеалиштата на птици", иако, дури и да нема ниедна птица, езерото и Студенчишко сепак би се прогласиле за Рамсар подрачје според останатите критериуми, посочуваат од „Охрид SOS".

Активистите на „Охрид SOS" во јули оваа година сами изработија детална апликација со номинација, што од страна на Рамсарскиот секретаријат е потврдена како комплетна, односно оти Охридско Езеро ги задоволува сите девет критериуми на Рамсар, така што шпреостанува само МЖСПП формално да го поднесе барањето, но тоа се уште не е сторено.

-Дописот беше воедно испратен и до МЖСПП и МРК. Оттогаш поминаа пет месеци и апликацијата уште не е поднесена. Последно, во Нацрт-планот за управување со Охридскиот Регион стои нов, веќе четврти рок за исполнување на оваа обврска – крајот на 2020 г. за што ќе треба да се обезбедат милион денари, кои се апсолутно непотребни бидејќи апликацијата е бесплатна. Рамсарската апликација, повеќе од очигледно се опструира од клучните луѓе во процесот, посочуваат од „Охрид SOS".

Рамсар номинацијата ќе додаде уште една заштитна бариера на Охридското Езеро и Студенчишко блато, оттаму што како што посочуваат од „Охрид SOS", секој степен на заштита особено меѓународна, е од непроценливо значење за регионот поради огромниот ризик од негово целосно уништување доколку управувањето и мониторингот останат исклучиво во рацете на македонските институции./МИА

Улиците во Бејрут се претворија во реки

Невреме со обилни дождови парализираше делови од Бејрут, главниот град на Либан, претворајќи ги улиците во реки и заробувајќи луѓе во возилата.

Дождот почнал да паѓа во недела во утринските часови во целата земја, но Бејрут и предградието се најмногу погодени.

Во јужното предградие водата постигнала толкаво ниво што возилата се скоро целосно потопени под вода.

Поплавите го погодија Бејрут за време на одржување протесни, покренати пред скоро два месеци, против политичките елити и корупцијата.

Секоја година кога паѓа дожд, патиштата во Либан се поплавуваат заради неадекватната канализација, пишува „АП“.

притисни ентер