Киното во „Железничката зграда" се отвора за јавни настани

Киното во „Железничката зграда" се отвора за јавни настани со фокус на културата. 

Договорот за оспособување и користење на некогашната кино сала денеска потпишаа Општина Центар, Заедницата на станари-сопственици на таканаречената Железничка зграда на ул. „Борка Талевски" бр.26 и „Здружението за култура и уметност и Факултетот за работи што не се учат".

„Железничката зграда" е редок градски пример кој во својата содржина има просторија која првенствено била наменета за жителите на зградата, а подоцна и за колективната јавност. Преку овој договор кој има за цел негување на културата и враќање на нејзината улога во колективното живеење, Општина Центар, меѓу другото, се обврзува да започне соработка со релевантни субјекти во насока на обезбедување донации за целосна реконструкција на уникатниот изглед на зградата, уредување на просторот и негово целосно оспособување за непречено функционирање, а исто така, ќе даде и поддршка и препораки за користење на овој јавен простор.

Киното претставува квалитетен архитектонски јавен простор со површина од околу 150 м2 и висина од околу 7 м. Архитектонските карактеристики на киното овозможуваат овој простор да служи за повеќенаменски културни активности кои би требало, пред сè, да служат во функција на локалната заедница, соопшти Општина Центар.

Ставањето во функција на кино салата е во рамки на проектот „Активни простори на заедницата за граѓански промени" што го имплементира Факултет за работи што не се учат, а е поддржан од УСАИД.

Во дворот на зградата вечер во 201 часот ќе се одржи дискусија со претставници на локална самоуправа, граѓански организации, индивидуални активисти и станари по што ќе следи музички перформанс со Мухамед Ибрахими.

Железничка колонија претставува повеќесемејна станбена зграда, изградена во 1946 година од архитектот Михаил Дворников. Таа е обликувана во затворен периметарски блок со внатрешен двор и заеднички поврзани тераси. Покрај станбените единици, архитектонскиот концепт вклучува и јавни простори кои жителите имале можност да ги користат и делат заедно (детски јасли, пералници, внатрешен заеднички двор и заедничко кино). Киното претставува најспецифичен дел од зградата. Истото служело за проекција на филмови и средби на станарите и куќниот совет. Киното функционирало до почетокот на 70-те години, а во него се проектирале филмови со различни социјални и историски содржини, но првенствено било наменето за самите жители на зградата. Од тој период, па сè до денес, киното се користело инцидентно за различни настани, но досега не било активирано во корист на некој поширок (јавен) интерес.

Долниот дом на Конгресот го отфрли барањето за импичмент на Трамп

Претставничкиот дом на американскиот Конгрес го отфрли предлогот за започнување процедура за импичмент на шефот на државата Доналд Трамп поради неговите навреди кон четири конгресменки од Демократската партија.

Текстот, поднесен од демократот Ал Грин, беше отфрлен со големо мнозинство (332 наспроти 92 гласа). Тоа го покажува несогласувањето по ова прашање во редовите на демократите, кои имаат мнозинство во Претставничкиот дом.

Првпат од Долниот дом на Конгресот беше побарано да се изјасни околу прашањето за започнување процедура за отповикување на претседателот Трамп, откако тој дојде на власт во 2016 година.

Возач на мотоцикл и велосипедист потешко повредени во сообраќајки во Скопје

Возач на мотоцикл и велосипедист се здобиле со тешки телесни повреди во две од вкупно 15 сообраќајки што се случиле во текот на вчерашниот ден. 

Во осум со полесни повреди се здобиле 12 лица. Во пет била причинета материјална штета.

Од СВР Скопје информираат дека вчера сообраќајната полиција санкционирала 27 возачи кои се движеле со брзина поголема од дозволената, а од сообраќај исклучила седум возачи кои го управувале возилото под дејство на алкохол, 14 возачи пред да се стекнат со право на управување моторно возило и 20 нерегистрирани возила.

Санкционирани биле и тројца почетници, пет возачи поминале на крстосница на црвено светло, тројца возачи не дале првенство на минување на обележан пешачки премин, 17 возачи за не носење заштитен шлем, 10 возачи за не  користење сигурносен појас и девет возачи кои користеле мобилен телефон за време на управување на моторно возило.

Затекнати биле 63 возила непрописно паркирани, а со помош на специјалното возило „пајак", отстранети биле 46 возила. /МИА

Обновената брана Слатино ќе биде пуштена во употреба

Во Дебарца денеска ќе биде пуштена во употреба браната Слатино, реконструирана во рамки на Програмата на Европската Унија за санација на штети од поплави.

Браната Слатино беше сериозно оштетена и имаше потреба од обемна реконструкција. Со 1,2 мил. евра, ЕУ помогна да се намали потенцијалниот ризик од поплави и да се зголеми отпорот кон идните поплавувања. Таа ги поддржа и услугите за наводнување што браната ги обезбедува за локалното население.

На настанот, што е дел од кампањата „ЕУ за ТЕБЕ", кој има за цел да ја подигне свесноста и да ја информира јавноста за помошта што Унијата ѝ ја дава на земјата, најавено е присуство на шефот на делегацијата на ЕУ, Самуел Жбогар, претставничката на УНДП Нарин Сахакјан, министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски и градоначалникот на Општина Дебарца, Зоран Ногачески. 

Проектот го спроведе УНДП во соработка со Секретаријатот за европски прашања и Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. 

ЕУ им помогна на земјата и нејзините граѓани да ги надминат последиците од поплавите со тоа што обезбеди 10 милиони евра во изминатите две години. Оваа помош од ЕУ беше наменета за приоритетните потреби и помогна да се реконструира транспортната и водната инфраструктура во најпогодените области, во согласност со принципот за одржливост „Повторно изгради подобро". /МИА

притисни ентер