Мицотакис им даде коверти на новите министри, имаат 6 месеци за задачите

Грција доби нови министри со рок на траење, членовите на кабинетот на Кирјакос Мицотакис ќе имаат шест месеци да покажат резултати во своите ресори или да си заминат од функцијата. 

На првата владина седница, на секој министер му бил даден коверт со задачи кои мора да ги сработи, со детално објаснети конкретни цели за секое министерство и начинот на кој владата ќе ја оценува нивната работа. Мицотакис на седницата покрај приоритетите, го претстави и новиот модел на управување.

-Победивме во битката со идеи, со нашата програма за подобра Грција. Сега е време да ги обединиме сите Грци во заедничка визија. Од денеска, ние покажуваме во пракса дека сме подготвени. Работата веќе започна. Повикани сме да победиме во тешка и асиметрична војна, која ниту една Влада до сега не успеала – промена на моделот на владеење. Денеска ќе добиете досие со цели и обврски за секое министерство,изјави Кирјакос Мицотакис – Премиер на Грција.

Кабинетот на Кирјакос Мицотакис брои дури 51 член, од кои 21 за прв пат влегуваат во политиката.

Според најавите, на министрите и на замениците, ќе им биде забрането вработување на роднини од прв и втор степен, а забрана за склучување на било каков договор со државата ќе имаат партнерите, како и децата на владините функционери.

На членовите од Владата, ќе им биде забранета и било каква бизнис активност, а генералните секретари во министерствата според најавите, Мицотакис ќе ги намали од 93 на 60. Новиот грчки премиер вчера разговарал и со американскиот претседател Доналд Трамп, како што соопштуваат од неговиот кабинет, Трамп му честитал на Мицотакис за изборот, а станало збор и за приоритетите на новата грчка влада.

притисни ентер