Четврта стихозбирка од Слепченскиот манастир

Освен по Демирхисарската летна школа, како интернационално духовно, културно и уметничко остварување, деновиве Слепченскиот манастир е актуелен и по издавањето на четвртата стихозбирка богољубива поезија.

Рецензенти на стихозбирката „Манастирски води - Осамен волк“, напишана од сестринството на Слепченскиот манастир, се: нашата реномирана поетеса, литературен теоретичар и критичар - академик Катица Ќулафкова, проф. д-р Владимир Мартиновски - поет, есеист, раскажувач и вонреден професор на Катедрата за општа и компаративна книжевност при Филолошкиот факултет во Скопје и Раде Силјан - поет, есеист и литературен критичар од четвртата генерација на повоени македонски писатели.

„Осаменоста е еден од најважните периоди во животот. Некои извори се отвораат само во самоста на самиот себе“ - стои во предговорот на стихозбирката потпишана со псевдонимот Кипријан Слепченски - Светителот заштитник на Светата Слепченска обител.

„Личноста почнува да зрее во осаменоста, во празнината“ - посочува сестринството, и додава: „Човекот сфаќа дека се раѓа и умира сам. Останува сам и празен насреде овој свет. Во таа празнина почнува да гледа во себе, да слуша еден тивок глас, да ги гледа своите мисли во длабочината на срцето, да ја бара границата на своето битие. И тогаш, во таа длабока самост, во себе тој открива очигледна бескрајност на постоењето, еден микрокосмос кој е честичка од севселенскиот миг на некоја вечност... И почнува таа празнина да се исполнува, да се осмислува со миговни тајни на нешто Велико и непознато. Празнината се претвора во преисполнет сад со спознанието на припадноста на Бога. Суштината на животот добива вечна смисла, заедно со гледањето на себеси во таа секосмичка динамика на живеењето и вечното постоење...“

Покрај стихозбирката „Манастирски води - Осамен волк“, Слепченската библиотека „Небесни цветови“, минатата година ја издаде првата стихозбирка „Манастирски води“, по која што следуваа: втората „Манастирски води - Лебедот“ и третата стихозбирка богољубива поезија „Манастирски води - Убавина“.

притисни ентер