Музејот во Амстердам започна со најголемата реставрација на познатото дело "Ноќна стража" на Рембрант и ги повика љубителите на уметноста од целиот свет да ги гледаат во живо.
Ремек-делото, создадено во 1642 година, е поставено во специјално дизајниран стаклен ѕид, така што сите заинтересирани можат да ја гледаат сликата додека се одвива процесот на реставрација.
Ова познато ремек дело беше последенпат реставрирано пред повеќе од 40 години.
"Ноќна стража " се смета за најамбициозно дело од Рембрант. Било нарачано од началникот на цивилната гарда на Амстердам, Френк Ванинк Кок, кој сакал групен портрет на гардистите.
Сликата е висока 4 метри и широка околу 4,5 метри и тежи 337 килограми. Покрај тоа што е позната по својата големина, сликата е позната и по драматичното светло и движењата.
Од Амстердамскиот музеј сметаат дека овој мултимилионски проект за реставрација ќе им помогне на вработените подобро да разберат во каква состојба е сликата.
"Детален преглед е потребен за да се одреди најдобриот план за обработка, во кој ќе бидат вклучени техники за снимање, фотографии со висока резолуција и напредна компјутерска анализа", велат тие. "Со користење на овие и други методи, ќе добиеме многу детална претстава за сликата - не само како обоена површина, туку секој слој одделно - од лак до платно."
Овој проект е, всушност, прва голема реставрација на ова дело од 1975 година, кога еден човек вооружен со кујнски нож ја исече сликата, велејќи им на очевидците дека "го сторил тоа за Господ".