Предлогот на неколку држави е поддржан за да се организира парламентарен дијалог меѓу земјите од Западен Балкан, се наведува во извештајот "Европа- Западен Балкан".
"Учесниците ја поддржаа идејата за меѓупарламентарен состанок пред следниот самит, а парламентите треба да ги дефинираат условите и содржината на нивните состаноци", се вели во документот.
Нагласена е поддршката за приоритетите на Западен Балкан (Агенда за поврзување), регионалната економска зона, како и зајакнувањето на владеењето на правото и основните права во регионот.
Заклучоците се однесуваат на пет поединечни области - економија, поврзаност, безбедност, добрососедски односи, помирување и решавање на билатералните проблеми.
Како задача од највисок приоритет во решавањето на билатералните проблеми, се истакнуваат случаите на исчезнати лица и воени злосторства.
Документот исто така се однесува и на иднината на Берлинскиот процес, како и на следниот самит во 2020 година, кога домаќините ќе бидат Бугарија и Северна Македонија.
Самитот се одржа во Познан бидејќи со Берлинскиот процес во моментов претседава Полска, која како приоритети на претседателството ги наведе економската, културната и безбедносната соработка, соработката во граѓанското општество и на младите луѓе, развој на енергетиката и транспортната инфраструктура.
Во рамките на берлинскиот процес досега се одржаа пет самити: во Берлин (2014), Виена (2015), Париз (2016), Трст (2017) и Лондон (2018).