Собранието утре ќе ги гласа предлозите за избор на нови членови на Владата

Собранието утре во рамки на 103. седница треба да ги гласа предлозите за разрешување на членови на Владата и за избор на нови министри.

Пратениците ќе гласаат за избор на Трајан Димковски за нов министер за земјоделство, Насер Нуредини за животна средина и просторно планирање, Хусни Исмаили за култура, Горан Милевски за локална самоуправа, Садула Дураки за политички систем и односи меѓу заедниците и премиерот Зоран Заев за министер за финансии, функција што ќе ја извршува во определен период заедно со функцијата претседател на Владата.

Собранието треба да ги разреши Драган Тевдовски од функцијата министер за финансии, Љупчо Николовски од функцијата министер за земјоделство, Сухејл Фазлиу од функцијата министер за локална самоуправа, Сабдула Дураки од функцијата министер за животна средина, Зоран Шапуриќ од функцијата министер без ресор задолжен за инвестиции и Хазби Лика од функцијата министер без ресор задолжен за спроведување на Рамковниот договор.

Имињата на новите министри во Владата, премиерот Зоран Заев ги објави во неделата во Валандово, по што предлогот беше доставен до претседателот на Собранието Талат Џафери.

Сите кадровски промени во извршната власт, Заев очекува да завршат до крајот на месецов и најави дека очекува со реконструкцијата да биде направена смена и на околу 20 места во централната власт. /МИА

Австралија ги советува своите државјани да ги напуштат Израел и палестинските територии

Австралија побара од своите граѓани да го напуштат Израел, наведувајќи ја „големата закана од воени репресалии и терористички напади“.

„Ги повикуваме Австралијците и во Израел или во окупираните палестински територии да заминат ако е безбедно да го сторат тоа“, се вели во известувањето од Министерството за надворешни работи.

Владата на Австралија претходно им порача на граѓаните да избегнуваат патување во двете области доколку е можно и, доколку се загрижени, да заминат. /МИА

Остин разговарал со Галант пред извештаите за експлозии во Иран

Американскиот секретар за одбрана Лојд Остин разговараше во четвртокот со израелскиот министер за одбрана Јоав Галант за „регионалните закани и дестабилизирачките дејства на Иран на Блискиот Исток“, соопшти денеска Пентагон.

Повикот е остварен пред Израел, како што пренесуваат медиумите, да изврши напад на територијата на Иран, а во соопштението на Пентагон не се споменува дискусија за плановите на Израел за тој напад, јави Си-Ен-Ен. Неименуван висок американски функционер за Си-Ен-Ен изјави дека Израел во четвртокот ги известил САД дека во наредните денови ќе возврати на нападот на Иран извршен минатиот викенд и дека Вашингтон не ја поддржува таа акција на Тел Авив.

Тензиите меѓу Тел Авив и Техеран се зголемија по нападот на Иран врз Израел на 13 април, со повеќе од 300 беспилотни летала и проектили. Неименуван американски функционер претходно за Си-Ен-Ен изјави дека Израел утринава извршил напад на иранска територија, а иранската државна телевизија објави дека три беспилотни летала биле забележани над небото во Исфахан и биле уништени откако системот за противвоздушна одбрана на земјата бил активиран. /МИА

САД ставија вето на барањето на Палестинците за полноправно членство во Обединетите нации

Соединетите Американски Држави ставија вето на нацрт-резолуцијата на Советот за безбедност на ОН за „државата Палестина да биде прифатена како членка на Обединетите нации“.

Нацрт-резолуцијата претставена од Алжир, која „препорачува на Генералното собрание државата Палестина да биде примена во членството на ОН“, доби 12 гласа „за“, еден против и два воздржани.

За прием на една земја во ОН, мора прво да добие позитивна препорака од Советот за безбедност (најмалку девет од 15 гласови за него, и без вето од која било постојана членка), а потоа да биде одобрена од Генералното собрание на ОН со двотретинско мнозинство.

Во септември 2011 година, претседателот на палестинската управа, Махмуд Абас, ја покрена процедурата, барајќи „пристапување на државата Палестина во ОН“, но оттогаш постапката не е завршена. И тогаш САД ставија вето.

Во ноември 2012 година, палестинската самоуправа доби статус на „држава набљудувач која не е членка“ на ОН.

Палестинците го ажурираа своето барање за членство во ОН со писмо до Советот за безбедност на ОН на почетокот на април, укажувајќи на израелската офанзива во Газа. /МИА

притисни ентер