Николовски се сретна со генералните секретари на коалиционите партнери од мнозинството предводено од СДСМ

Генералниот секретар на СДСМ, Љупчо Николовски попладнево одржа координативен, работен состанок со генералните секретари на коалиционите партнери од мнозинството предводено од СДСМ.

На средбата се разговараше за повеќе актуелни теми, за процесот на промени во интерес на граѓаните, исполнувањето на реформите за напредокот на државата како и за соработката помеѓу политичките партии во самата коалиција.

Николовски го презентираше и новиот систем за работа на СДСМ кој предвидува и подобра координација меѓу партиите во имплементација и реализација на програмските определби и реформите во интерес на граѓаните.

Промените започнаа и тие ќе продолжат во континуитет. Заеднички создаваме систем за евалуација на постигнатите резултати и придонесот на секој што презел одговороност да им служи на граѓаните.

Соработката помеѓу партнерите е добра, заедничка цел е промените и корекциите што се случуваат да ги засилат екононмските продобивки за сите граѓани.

Интересите на граѓаните и напредокот на државата се на прво место.

Беше оценето дека редовни средби на ниво на генерални секретари на партиите од коалицијата позитивно влијаат во подобрување на координацијата меѓу партиите на оперативно ниво, се наведува во соопштението на СДСМ..

САД ќе ја повлечат својата војска од Нигер

Повеќе од 1.000 американски војници ќе го напуштат Нигер во наредните месеци, објави Њујорк Тајмс.

Американски извори потврдиле дека веќе е постигнат договор за тоа меѓу заменик државниот секретар на САД Курт Кемпбел и раководството на Нигер, пренесува БТА.

Американската војска во Нигер е стационирана во две бази, вклучувајќи ја и базата за беспилотни летала позната како авиоабаза 201, изградена во близина на Агадез во централниот дел на Нигер.

Од 2018 година, базата се користи против милитантите од Исламската држава и Џамаат Нусрат ал-Ислам вал Муслимин, исламистичка организација поврзана со Ал Каеда, во регионот Сахел.

Армијата на Нигер ја презеде власта со државен удар минатата година. Пред пучот, Нигер беше клучен безбедносен партнер на САД и Франција. Но, новите власти во Нигер им се придружија на хунтите во соседните Мали и Буркина Фасо и ги прекинаа воените договори со своите некогашни западни сојузници како Вашингтон и Париз, напуштајќи го регионалниот политички и економски блок ECOWAS. Тие, исто така, започнаа поблиски врски со Русија.

Во наредните денови треба да се разговара за тоа како ќе се одвива повлекување на американските војници војници од Нигер. /МИА

Верстапен најбрз на спринтот за Големата награда на Кина

Возачот на Ред Бул, Макс Верстапен, победи во спринтот за Големата награда на Кина.

Второто место го зазеде Луис Хамилтон од Мерцедес со заостанување од 13.043 секунди.

Вториот возач на Ред Бул, Серхио Перез беше трет со 15.258, секунди послабо време од победникот.

Ова е осма победа на Верстапен во кариерата во спринт.

Главната трка од Формула 1 шампионатот за Големата награда на Кина ќе се вози утре со почеток во 9 часот по македонско време. /МИА

Северна Кореја тестирала тестирала „супер голема“ боева глава и противвоздушна ракета

Северна Кореја денеска соопшти дека тестирала „супер голема“ боева глава за крстосувачка ракета и нов противвоздушен проектил, пренесува ДПА.

Тестот на „супер-големата“ боева глава дизајнирана за стратешката крстосувачка ракета Хвасал-1 Ра-3 и пробното лансирање на противвоздушната ракета Пјољџи-1-2 се извршени во петокот, објавија државните медиуми.

- Преку пробното лансирање беше постигната зацртаната цел, објави агенцијата КЦНА.

Се наведува дека тестовите биле дел од редовните воени активности на Северна Кореја и дека немаат „никаква врска со ситуацијата во регионот“.

Резолуциите на ОН и забрануваат на Северна Кореја да тестира балистички ракети од кој било дострел, од кои некои се способни да носат нуклеарни боеви глави.

Како одговор на севернокорејската програма за нуклеарно оружје, Соединетите Држави и Јужна Кореја ја зајакнаа воената соработка, вклучително и одржување заеднички маневри. /МИА

притисни ентер