Пендаровски: Потребен ни е политички дијалог и помирување дома, мора да имаме консензус за да имаме стабилност и развој

Потребен ни е политички дијалог и потребно ни е помирување дома, без разлика на политичките интереси на различните партии, за големите прашања кои се од стратешки интерес за земјата.

– Потребен ни е политички дијалог и потребно ни е помирување дома, без разлика на политичките интереси на различните партии, за големите прашања кои се од стратешки интерес за земјата, на долг рок мораме да имаме консензус доколку сакаме нашето општество да просперира, младите да не се иселуваат и да имаме стабилност и развој. Треба да најдеме начини за соработка меѓу сите релевантни политичари, затоа што ние сите сепак работиме за интересот на граѓаните, вели претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски во интервју за порталот на албански јазик „Алмакос".

На прашање дали планира да се сретне и со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски или дали планира да ги повика на средба партиските лидери, Пендаровски изразува надеж дека наскоро ќе се види и со Мицковски.

Во врска со односите на нашата држава со Грција, Бугарија и Србија, тој посочува дека ние сме единствената земја во регионот која нема отворени прашања со соседите и која ги подобрува односите.

– Како и во секоја релација понекогаш има потреба за малку повеќе труд, но со политичка волја и ангажман секогаш може да се подобрат односите. По потпишувањето на Договорот од Преспа очигледно е дека со Грција односите ни се значително подобрени на политичко и институционално ниво, како и меѓу бизнисите, а од минатата година имаме и директен лет Скопје-Атина. Имавме во минатотото добра бизнис соработка, но секогаш има простор за повеќе. Со Бугарија и Србија имаме традиционално добри односи на ниво на бизниси, туризам, работа и образование на граѓаните. Северна Македонија има одлична соработка со Косово и Албанија, ние сме соседи и нормално е со соседите да имате цврсти релации, затоа што нашите институции, бизниси, граѓански сектор, па и секој од нас како граѓанин има најчесто соработка или размена во соседството, вели Пендаровски.

Според него, најповолно за регионот е и Северна Македонија и Албанија да добијат датум за преговори, а и другите земји да се приклучат во процесот на европска интеграција. Искуството од најновите земји-членки ни покажа дека членството во евроатлантските институции е процес низ кој се реформира општеството и се подобруваат условите граѓани.

– Интеграцијата на Албанија во ЕУ е и моја желба и заложба. Јас би рекол дека не само Албанија, туку и Косово и БиХ треба да имаат јасна европска иднина и да станат членки на Унијата кога за тоа ќе бидат подготвени, нагласува Пендаровски.

На прашање дали е оптимист што се однесува до добивање датум за членство во ЕУ наесен, Пендаровски истакнува „и од претседателот на Европскиот Совет, Доналд Туск и од високата претставничка на ЕУ за надворешна политика Федерика Могерини добивме јасна порака дека Северна Македонија е на вистинскиот пат и треба да продолжиме со реформите".

– Добивме потврда и признание дека државата направи се што се очекуваше и прашањето не е дали, туку кога ќе отпочнат преговорите. Оптимист сум за есен и очекувам како што беше наведено во заклучоците од јунскиот Совет во Луксембург дека ЕУ ќе се наврати на нашето прашање најдоцна до октомври и дека ќе добиеме датум за преговори. Заклучоците јасно наведоа дека одложувањето е поради тесната временска рамка да се разгледа извештајот и да се донесе одлука, а не поради неисполнети критериуми од наша страна. Од регионот, беше посочено на средбата, доаѓаат и добри вести, а Договорот од Преспа и Договорот со Бугарија се примери како можат тешките прашања да се затвораат со храбри одлуки, вели Пендаровски.

Во врска со неговата посета на Германија тој посочува дека Германија беше и очекуваме да остане уште посилен и појасен поддржувач на евро-атлантските аспирации на Република Северна Македонија.

– Германија е клучен политички и економски партнер, не само за Северна Македонија, туку и за регионот. Нивните долгогодишни инвестиции во политичкиот и економскиот развој беа клучни за подобрување на нашето општество, вели Пендаровски.

На прашање кој ќе биде предложен од него како член на Судскиот Совет, тој посочува дека како и за сите други назначувања кои се во ингеренцијата на претседателот ќе се труди да води консултации, со цел да избере лица кои покрај етничката припадност, со оглед на правната рамка во нашата држава која побарува правична застапеност на заедниците, критериум мора да биде, ќе бидат соодветни за позицијата, со интегритет, чесни професионалци и докажани во својата област.

Во врска со тоа дали е одлучен да не отстапи од начелата што ги прокламирал за време на предизборна кампања, Пендаровски вели дека не планира да отстапи од вредностите за кои кажал дека ќе се залага за време на изборната кампања – претседател на сите граѓани, од кој нема да се срамат граѓаните.

– Ќе бидам ликот на државата во странство, ќе работам за сите, ќе се трудам да се гледам со што е можно повеќе граѓани, а сакам да ја отворам мојата канцеларија за секој граѓанин кој има проблеми и колку можам да помогнам. Ако сакаме напредно општество, каде младите нема да се иселуваат, каде имаме истражување, развој и напредок мораме сите да работиме на правичност, солидарност и заедништво – за подобра држава за сите. Како што ветив, нема да бидам затворен во моите канцеларии на Водно, ќе одам секаде каде што ќе бидам повикан за да работиме за доброто на секој граѓанин и на државата, истакнува Пендаровски во интервјуто за „Алмакос". /МИА

Грчко МНР: Членките на ЕУ да соработуваат за реализирање на европската перспектива на Западен Балкан

Грција ги охрабрува земјите од регионот да останат посветени на патот на реформите, а паралелно ги повикува членките на ЕУ да соработуваат за реализирање на европската перспектива на Западен Балкан во корист на регионот, но и на Европа.

Велат од Министерството за надворешни работи на Грција во однос на европската перспектива на земјите од Западен Балкан, jави дописничката на МИА од Атина.

Додаваат дека Грција цврсто ја поддржува европската перспектива на Западен Балкан, „перспектива што почетната точка ја имаше на Самитот во Солун во 2003".

-Овој став, како што вчера истакна грчкиот премиер Киријакос Мицотакис на Европскиот совет во Брисел, останува една од основните и непроменети оски на грчката надворешна политика. Грција ќе продолжи да ги поддржува соодветните напори на земјите од регионот да ги исполнат потребните услови за интеграција во нашето пошироко европско семејство. За постигнување на оваа цел, ги охрабрува да останат посветени на патот на реформите кои само позитивно можат да влијаат на нивниот тек кон нивно приближување до Европската унија, но и на животот на нивните граѓани. Паралелно, ги повикува земјите- членки на ЕУ да соработуваат за реализирање на европската перспектива на Западен Балкан во корист на регионот, но и на самата Европа, соопштуваат од грчкото МНР. /МИА

Рускиот премиер Медведев во Белград

Русија е подготвена да и ја пружи целата неопходна поддршка на Србија во зачувувањето на територијалниот интегритет, порача рускиот премиер Дмитриј Медведев, обраќајќи се во српското Собрание.

Тој истакна дека му е драго што по 10 години повторно се обраќа во српскиот парламент. Од тогаш нашите односи не се променија, оцени Медведев, кој вечерва ќе се сретне и со претседателот Вучиќ. Тој пред посетата на Белград изјави дека Русија ги гледа тековните процеси и притисоците на Приштина,  поради тоа што како што оцени, таму на власт дошле ултранационалисти. Неопходно е внимателно да се следи што се случува, бидејќи очигледно е дека Балканот и понатаму останува турбулентен регион, изјави тој за „Вечерње новости“.

Новинарска проекција и прес на филмот „Врба“ пред повеќе од 80 медиуми од светот (видео)

Денеска, во Аудиториумот Парко дела Музика, каде се одвива третиот фестивалски ден на Римскиот филмски фестивал, за време на новинарската проекција на филмот „Врба“ на Милчо Манчевски беше преполно.

На прес скринингот присуствуваа повеќе од 80 светски медиуми, меѓу кои и најрелеватните италијански медиуми. На проекцијата, покрај новинарите присуствуваа и студенти од факултетите по Историја на уметност и од Факултетите за драмски уметности од Рим. Салата беше преполна до последното место. 

Веднаш по новинарската проекција, беше одржана конференија за печат на која присуствуваа режисерот Милчо Манчевски и трите хероини од „Врба“, актерките Сара Климоска, Наталија Теодосиева и Камка Тоциновски.

„Луѓето се исти, без оглед каде и кога живеат. Она што нам ни беше важно е да проговориме за човечките дилеми, болки, разочарувања и радости... од аспект на еден обичен човек, женски човек. Врба можеби не е моето омилено дрво (ако подобро размислам, повеќе ги сакам тополата, чемпресот, липата и медитеранскиот бор), ама врбата е поблиска како симбол со она што го кажува филмот. Жална врба - ова се три тажни приказни со среќен крај“, изјави Манчевски.

Трите актерки Сара, Наталија и Камка, блеснаа во полн сјај на средбата со новинарите, одговарајќи искрено и непосредно на прашања врзани со нивните ликови од филмот.

Вистински куриозитет е што на крајот од пресот новинарите ја почестија филмската екипа со френетичен аплауз.

И по завршувањето на проекцијата на Врба, се случи долга тишина, па аплауз, што е необично за прес проекции.

Официјалната гала светска премиера на „Врба“ е закажана за вечерва во 22.30 часот, а половина час претходно филмската екипа од филмот ќе помине на црвениот килим.   

Врба е во официјалната програма на фестивалот помеѓу други 32 филмови, од кои вкупно 24 се играни, останатите 9 се документарни филмови. 

„Врба“ е шестиот долгометражен филм на Милчо Манчевски. Во филмот игра млада актерска екипа: Никола Ристески, Сара Климоска, Наталија Теодосиева, Ненад Нацев, Камка Тоциновски. Во останатите улоги се Петар Мирчевски, Благој Чоревски, Ратка Радмановиќ, Ана Костовска, Лазе Манасковски, Катина Иванова, Кире Ѓоревски, Адем Карага, Јелена Јованова-Периќ и други. Музиката ја потпишува Кирил Џајковски, дизајнер на продукција е Дејвид Манс, директор на фотографија е Тамаш Добош, а продуцент на филмот е Јане Ќортошев. Филмот е во продукција на „Банана филм“ и е македонско-унгарско-белгиска копродукција, со учество и на Албанија.

притисни ентер