Пендаровски: Потребен ни е политички дијалог и помирување дома, мора да имаме консензус за да имаме стабилност и развој

Потребен ни е политички дијалог и потребно ни е помирување дома, без разлика на политичките интереси на различните партии, за големите прашања кои се од стратешки интерес за земјата.

– Потребен ни е политички дијалог и потребно ни е помирување дома, без разлика на политичките интереси на различните партии, за големите прашања кои се од стратешки интерес за земјата, на долг рок мораме да имаме консензус доколку сакаме нашето општество да просперира, младите да не се иселуваат и да имаме стабилност и развој. Треба да најдеме начини за соработка меѓу сите релевантни политичари, затоа што ние сите сепак работиме за интересот на граѓаните, вели претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски во интервју за порталот на албански јазик „Алмакос".

На прашање дали планира да се сретне и со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски или дали планира да ги повика на средба партиските лидери, Пендаровски изразува надеж дека наскоро ќе се види и со Мицковски.

Во врска со односите на нашата држава со Грција, Бугарија и Србија, тој посочува дека ние сме единствената земја во регионот која нема отворени прашања со соседите и која ги подобрува односите.

– Како и во секоја релација понекогаш има потреба за малку повеќе труд, но со политичка волја и ангажман секогаш може да се подобрат односите. По потпишувањето на Договорот од Преспа очигледно е дека со Грција односите ни се значително подобрени на политичко и институционално ниво, како и меѓу бизнисите, а од минатата година имаме и директен лет Скопје-Атина. Имавме во минатотото добра бизнис соработка, но секогаш има простор за повеќе. Со Бугарија и Србија имаме традиционално добри односи на ниво на бизниси, туризам, работа и образование на граѓаните. Северна Македонија има одлична соработка со Косово и Албанија, ние сме соседи и нормално е со соседите да имате цврсти релации, затоа што нашите институции, бизниси, граѓански сектор, па и секој од нас како граѓанин има најчесто соработка или размена во соседството, вели Пендаровски.

Според него, најповолно за регионот е и Северна Македонија и Албанија да добијат датум за преговори, а и другите земји да се приклучат во процесот на европска интеграција. Искуството од најновите земји-членки ни покажа дека членството во евроатлантските институции е процес низ кој се реформира општеството и се подобруваат условите граѓани.

– Интеграцијата на Албанија во ЕУ е и моја желба и заложба. Јас би рекол дека не само Албанија, туку и Косово и БиХ треба да имаат јасна европска иднина и да станат членки на Унијата кога за тоа ќе бидат подготвени, нагласува Пендаровски.

На прашање дали е оптимист што се однесува до добивање датум за членство во ЕУ наесен, Пендаровски истакнува „и од претседателот на Европскиот Совет, Доналд Туск и од високата претставничка на ЕУ за надворешна политика Федерика Могерини добивме јасна порака дека Северна Македонија е на вистинскиот пат и треба да продолжиме со реформите".

– Добивме потврда и признание дека државата направи се што се очекуваше и прашањето не е дали, туку кога ќе отпочнат преговорите. Оптимист сум за есен и очекувам како што беше наведено во заклучоците од јунскиот Совет во Луксембург дека ЕУ ќе се наврати на нашето прашање најдоцна до октомври и дека ќе добиеме датум за преговори. Заклучоците јасно наведоа дека одложувањето е поради тесната временска рамка да се разгледа извештајот и да се донесе одлука, а не поради неисполнети критериуми од наша страна. Од регионот, беше посочено на средбата, доаѓаат и добри вести, а Договорот од Преспа и Договорот со Бугарија се примери како можат тешките прашања да се затвораат со храбри одлуки, вели Пендаровски.

Во врска со неговата посета на Германија тој посочува дека Германија беше и очекуваме да остане уште посилен и појасен поддржувач на евро-атлантските аспирации на Република Северна Македонија.

– Германија е клучен политички и економски партнер, не само за Северна Македонија, туку и за регионот. Нивните долгогодишни инвестиции во политичкиот и економскиот развој беа клучни за подобрување на нашето општество, вели Пендаровски.

На прашање кој ќе биде предложен од него како член на Судскиот Совет, тој посочува дека како и за сите други назначувања кои се во ингеренцијата на претседателот ќе се труди да води консултации, со цел да избере лица кои покрај етничката припадност, со оглед на правната рамка во нашата држава која побарува правична застапеност на заедниците, критериум мора да биде, ќе бидат соодветни за позицијата, со интегритет, чесни професионалци и докажани во својата област.

Во врска со тоа дали е одлучен да не отстапи од начелата што ги прокламирал за време на предизборна кампања, Пендаровски вели дека не планира да отстапи од вредностите за кои кажал дека ќе се залага за време на изборната кампања – претседател на сите граѓани, од кој нема да се срамат граѓаните.

– Ќе бидам ликот на државата во странство, ќе работам за сите, ќе се трудам да се гледам со што е можно повеќе граѓани, а сакам да ја отворам мојата канцеларија за секој граѓанин кој има проблеми и колку можам да помогнам. Ако сакаме напредно општество, каде младите нема да се иселуваат, каде имаме истражување, развој и напредок мораме сите да работиме на правичност, солидарност и заедништво – за подобра држава за сите. Како што ветив, нема да бидам затворен во моите канцеларии на Водно, ќе одам секаде каде што ќе бидам повикан за да работиме за доброто на секој граѓанин и на државата, истакнува Пендаровски во интервјуто за „Алмакос". /МИА

Во чест на Мирко Попов промоција на винил издание - ПОП КУЛТУРА

 Во Eдукативниот културен центар „Лабораториум“ вечер ќе се одржи промоција на првата винил компилација посветена на современата поп продукција од млади македонски музичари - ПОП КУЛТУРА, во рамки на платформата „Силата ЕУ Младите“.

Настанот е во чест на неодамна починатиот Мирко Попов, кој ја основа платформата „Силата ЕУ младите“, која ја издаде плочата.

Како што соопштија од тимот „Силата ЕУ Младите“, компилацијата претставува значаен историски документ и запис за времето и квалитетот на македонската поп музичка сцена на докажано најквалитетниот носач на звук и се уште најценетиот во светот на музиката (винил), што е куриозитет на домашната сцена.

Компилацијата опфаќа селекција песни од најрепрезентативните млади автори на македонската поп музичка сцена: Аудио Цигла (Audio Cigla), Миа Перевска (Mia Perevska), Дина Јашари (Dina Jashari), Андреја Салпе (Andreja Salpe), Зи (Zee), Јанг Дади (Young Dadi), Матеј Фолтц (Matej Foltz) и веќе признаениот музичар Слаткаристика (Slatkaristika).

Музичкиот избор оваа вечер ќе биде на диџеите на младиот колектив Македонско Улично Радио: Скам, Аудио Цигла и Демиџ Контрол. Промотивниот настан се реализира во соработка помеѓу Силата ЕУ Младите“, Македонско Улично Радио и Лабораториум.

Платформата „Силата ЕУ Младите“, е еден од низата проекти иницирани и програмски уредени од Мирко Попов, кој континуирано и посветено работеше за поддршка на младите и креирање простор за нивно изразување, работа и препознавање како креативна и надоаѓачка сила во музиката и културата. Како продуцент и куратор го реализира и ова, 13-то по ред винил издание за дискографската куќа „ПМГ Рекордингс“.

- Во издание на „ПМГ Рекордингс“, Попов реализираше 300 изданија македонска музика од македонски автори на македонски јазик. Затоа Мирко Попов е еден од најголемите чувари на македонскиот идентитет. Ако Југославија го имаше „Пакет Аранжман“ во 1981, како пресек на тогашниот нов бран, Македонија денес го имановиот бран на поп музика на компилацијата ПОП Култура, чија историска вредност ќе се покаже во годините што доаѓаат. Голема радост за Мирко беше оваа плоча, чија промоција за жал не успеа да ја дочека, а во негова чест ќе ја промовираме овој петок во Лабораториум, се вели меѓу другото во соопштението од тимот на „Силата ЕУ Младите“.

Битолскиот театар на меѓународен фестивал во Рума, Србија

Актерите на НУ Народен театар-Битола, Викторија Степановска Јанкуловска и Никола Стефанов вечер во Рума, Србија на тамошниот меѓународен театарски фестивал ќе ја одиграат претставата „Кислород“ во режија на Иван Јерчиќ.

Фестивалот е со натпреварувачки карактер и освен македонските актери во конкуренција се и актери на театри од Унгарија, Романија, Словенија, Хрватска, Босна и Херцеговина и домаќинот Србија.

Театарската претстава „Кислород“ е фокусирана на проблемите во животот, потребата на човекот да живее, или како што велат битолските актери, да се живее живот полн со љубов, среќа, емпатија и солидарност.

Претставата „Кислород“ почнува во 21 часот и ќе се одигра на сцената на Градски театар во Рума. /МИА

Бајден со помош на Обама и Клинтон собра рекордни 25 милиони долари за својата кампања

 Кампањата за собирање средства за американскиот претседател Џо Бајден со поранешните претседатели Барак Обама и Бил Клинтон генерира над 25 милиони долари, најголема собрана сума досега во историјата на САД.

Бајден синолќа со Обама и Клинтон учествуваше во дискусија во познатата њујоршка „Радио сити мјузикл хол“, модерирана од водителот на „Лејт шоу“ (The Late Show) Стивен Колбер.

Но, настанот неколку пати беше прекинуван од демонстрантите во салата, кои скандираа против политиката на Бајден за поддршка на Израел во војната со Хамас. Еден од демонстрантите извика „Срам да ти е, Џо Бајден“. Тие исто така го прекинуваа и говорот на Обама.

Демонстрантите го прекинаа и настапот на музичарите Квин Латифа, Лизо, Бен Плат, Синтија Ериво и Леа Микеле.

Влезниците за вчерашниот предизборен митинг на Бајден чинеа од 250.000 и 500.000 долари. Дел од донаторите позираа со претседателите, а фотографиите ги направи славната фотографка Ени Лејбовиц. /МИА

притисни ентер