Османи: Дураки е носител на институционалната и политичка меморија на ДУИ

 Од петте министри во новиот владин состав четворица се млади кадри под 40 години сите образовани во европските држави. Садула Дураки е искусен политичар.

 Гледајќи го овој состав се гледа дека ДУИ прави интересен мозаик на искуство и млада енергија што испорачува резултати, изјави денеска вицепремирот за европски прашања Бујар Османи.

Прашан кои се главните адути за Садула Дураки да остане министер, Османи рече дека тој е искусен политичар кој е носител на институционалната и политичка меморија на ДУИ.

– Улогата на Дураки е да го трансформира Секретаријатот за рамковен договор во Министерство за политички систем. Имајќи предвид дека тој е дел од учесниците на подготвување на рамковниот договор нема човек кој подобро го знае духот на Охридскиот рамковен договор, изјави Османи.

Прашан за коментар за денешните протести против ДУИ во Тетово, Османи рече дека тие покажале дека народот бара сериозна програма и сериозни луѓе.

– Протестите, ако може да ги кажеме протести, покажаа дека граѓаните не поддржуваат политика на обид за доаѓање на власт преку разоткривање на приватност на функционери и преку клевети, туку бараат сериозна програма и сериозни луѓе, со багаж на претходно исксутво и сериозни проекти кои може да ги испорачуваат, изјави Османи.

Посочи дека протестите јасно и покажале на опозицијата кој пат е најдобро да го следи.

– Очигледно овој пат што сега се фатиле се покажа во неколку наврати дека е слеп пат и дека не ги носи до победа. Најдобро е да не следат нас и да разработат сериозна програма и проекти и да покажат сериозни кандидати и луѓе во кои народот има доверба и да ни конкурираат на тој начин. Ги уверувам дека само губат само време ако овој начин се обидуваат да дојдат на власт, изјави Османи. 

Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ примена во членство во Организацијата на жени на Европската народна партија

Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ е примена за членка на  Организацијата на жени на Европската народна партија (EPP Women) на Конгресот кој се одржува во Виена 18-19 октомври 2019.

На состанокот во седиштето на Австриската народна партија присуствуваат претседателката на Унија на жени, Благица Ласовска и секретарот за меѓународна соработка на Унијата, д-р Христина Рунчева Тасев.

Со овој прием, се заокружува вклученоста на сите структури на партијата во Европската народна партија, која е најбројната партија во Европскиот парламент и се потврдуваат европските аспирации на ВМРО-ДПМНЕ и придонесот на жените во креирањето на политики на европско ниво.

На Конгресот на женската секција на Европската народна партија е усвоена резолуцијата “Женски визии за подобра Европа” која се однесува на приоритетите за делување на Европската комисија во периодот 2020-2024 година.

Центар за комуникации на ВМРО-ДПМНE 

Јанушев: Продолжуваме уште посилно од сега

ВМРО-ДПМНЕ продолжува да биде меѓу граѓаните.

Денес сме во Крива Паланка каде што имаме огромен одѕив на граѓани кои се дојдени овде во акцијата „Разговори за обнова на Македонија“.  Да ги искажат своите проблеми, за кои што ние како политичка партија земаме обврска да понудиме решенија во новата изборна програма.

Она што имавме прилика да го видиме, да се случува деновите е всушност нешто што наназад некој период го кажувавме, и го соопштувавме и апелиравме всушност до криминално рекетарската влада на Заев е дека без вистински реформи Македонија не може да се придвижи напред.

За жал, на штета на сите граѓани на Република Македонија, едноставно беа со оваа одлука казнети поради погрешните политики на Зоран Заев.

Она што го очекуваме во следниот период имајќи во предвид за каков човек станува збор, нема да не изненади доколку излезе и всушност целата вина се обиде да ја префрли на ВМРО-ДПМНЕ.

Меѓутоа нашиот народ е свесен што се случува така да сметаме дека еден ваков обид ќе биде само всушност јалов обид за обид за дефокусирање повторно на јавноста.

Продолжуваме уште посилно од сега. Продолжуваме со нашата кампања за обнова на Македонија и за многу брзо се она што ќе имаме прилика да го слушнеме од граѓаните, ќе излеземе не само со програма туку и по формирањето на новата Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ тоа да го реализираме, и да овозможиме подобар живот за граѓаните на оваа држава.

Игор Јанушев, Генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ          

Грчки медиуми: Политички случувања во Скопје по ветото од Франција

Медиумите во Грција ги пренесуваат изјавите на првите луѓе на Еврокомисијата, Жан-Клод Јункер и на Европскиот совет, Доналд Туск и на шефот на француската држава Емануел Макрон, но и на претседателот Стево Пендаровски.

„Ветото од Франција предизвика политички случувања во Северна Македонија"; „Бура во Скопје по кажаното „не" од ЕУ"; „Разочараност во Северна Македонија"; „Политички земјотрес во Скопје", се дел од коментарите во грчките медиуми по завршениот Самит на ЕУ, а случувањата во земјава беа дел и од синоќешните централни изданија на вестите на грчките телевизии, но и на насловните страници на денешните изданија на весниците, jави дописничката на МИА од Атина.

Медиумите во Грција ги пренесуваат изјавите на првите луѓе на Еврокомисијата, Жан-Клод Јункер и на Европскиот совет, Доналд Туск и на шефот на француската држава Емануел Макрон, но и на претседателот Стево Пендаровски, информирајќи за вонредната лидерска средба закажана за в недела, а во текот на вчерашниот ден пишуваа и за наводна оставка на премиерот Зоран Заев.

Грчката телевизија Антена коментира дека Франција ја блокираше европската перспектива на Северна Македонија, а државната телевизија ЕРТ, во прилогот во централното издание на вестите, коментираше дека постои разочараност во Северна Македонија.

– Европа им заврти грб на Скопје и Тирана. Зоран Заев и Еди Рама се враќаат со празни раце, коментира телевизијата Стар, додавајќи дека блокадата од Макрон предизвикува разврска на Балканот.

Во текот на вчерашниот ден во грчките медиуми кружеше информацијата за наводна оставка на премиерот Заев. Дел од информативните портали во Грција се повикаа на веста објавена од италијанската новинска агенција АНСА, додека пак во централните вести на телевизиите, новинарите коментираа дека постојат шпекулации за оставка, но и демант од Владата на Македонија.

– Според новинарски информации Ангела Меркел му се јавила на Заев и побарала да не поднесува оставка, додека пак и други странски лидери го повикаа премиерот на соседната земја да продолжи по патот на реформите, пишува Катимерини.

Паралелно медиумите во Грција ги пренесуваат и ставовите на грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, кој на вчерашната прес-конференција од Брисел рече дека резултатот не е добар ни за Балканот, ни за Грција, говорејќи за проширувањето на Унијата, односно како што рече за прашањето „за кое за жал не успеавме да се договориме"./МИА

притисни ентер