Заменик министерот за образование Петар Атанасов си поднесе оставка.

Еден ден откако премиерот Зоран Заев го достави предлогот за владина реконструкција, заменик министерот за образование Петар Атанасов си поднесе оставка.

 Мојата позицијата станува неодржлива и неефективна, пишува Атанасов во објавата за неговото повлекување од заменичката функција, но и од сите други должности  во Министерството и Владата.

„Освен многуте и бескрајни формалности во работата на Министерството, овој период не се случи ништо позначајно. И тоа што навидум се тркала е далеку од потребите на системот и не ги менува севкупните состојби. Промените во образованието кои ги навестувавме, не ги остваруваме. Зошто е ова вака, веројатно Вие најдобро знаете! “, пишува Атанасов.

Атанасов на функцијата е избран пред само 10 месеци. Во објавата наведува дека и покрај неговите напори не успеал да реализира повеќе проекти, а не му било дозволено да формира тим за спроведување на ефикасни реформи во образованието.  Најави дека по оставката ќе и’ се врати на професорската катедра.

„Моја намера и лична желба е да се вратам на академската кариера, затоа што револуцијата што ја покренавме почна да ги јаде сопствените деца“, вели Атанасов.

Од СДСМ за оставката на Атанасов велат збирот на поединечни одговорности ја чини одговорноста на една партија.  Потсетуваат дека по реконструкцијата на Владата, до крајот на овој месец, процесот на промени треба да продолжи со останатите раководни позиции, како заменичките и директорските места. Атанасов денеска не одговараше на неговиот телефон за да даде информација повеќе зошто се одлучил на ваков чекор.

Далгариан: Мицотакис ќе го блокира Скопје, онолку колку што ќе му дозволат НАТО и ЕУ

Најавениот притисок врз  Македонија од страна на новата грчка Влада на премиерот Кирјакос Мицотакис ќе зависи од тоа колку ќе и дозволат НАТО и ЕУ.

 Имајќи предвид дека двете алијанси сакаат брз и непречен прием на земјата, оценува американскиот аналитичар Џек Далгариан во авторски текст за „Неоскосмос".

Далгариан во анализата под наслов „Што може да очекува Америка од надворешната политика на новата грчка Влада", наведува дека со Преспанскиот договор Атина стави крај на „за многумина странци тривијалниот спор со Скопје" околу Македонија, име и територија што беа од централно значење за грчкиот национализам уште од формирањето на современата грчка национална држава.

Авторот на текстот потсетува дека по победата на неодамнешните избори, Мицотакис најави дека ќе го почитува Преспанскиот договор, но дека ќе врши притисок врз Скопје околу употребата на терминот „македонски" во културата, јазикот и производите.

– Но, притисок што ќе може да го употреби е ограничен на тоа што ќе му го дозволат НАТО и ЕУ, кои сакаат брзо и непречено да ја вклучат  Македонија во двата сојузи, наведува Далгариан.

Според авторот, иако жителите во северна Грција во големо мнозинство на изборите гласаа за неговата Нова Демократија незадоволни од решавањето на прашањето со името со Скопје, Мицотакис знае дека неговата популарност во иднина апсолутно ќе зависи од тоа дали ќе успее да обезбеди економски раст на земјата.

Дулгариан дипломирал на Факултетот за владини и јавни политики на Универзитетот во Аризона. Тој е автор на независно истражување за надворешните политики и стратегии на политичките партии во Грција, а работел и во хуманитарни организации за помош на бегалците во Атина./МИА.

ВМРО-ДПМНЕ: Правда и правна држава нема се додека се штитат партиските функционери

Правда и правна држава нема се додека се штитат партиските функционери блиски до Заев. 

Се додека разни „Кики, Фрики и специјални обвинителки" се недопирливи за истрагата и заштитени од Заев, Македонија ќе тоне во криминал, корупција и рекет. Се додека законите не важат за градоначалници што киднапираат и малтретираат или генерални секретари што договараат тендери, Македонија нема да добие датум за преговори.

Власта на СДСМ на чело со аболицираниот Заев по кој зна кој пат застана на страната на криминалот. Криминалната банда продолжува да ги лаже и манипулира граѓаните по политичко-медиумско-криминалниот октопод.

Целта е спас на политичката кариера на еден човек, Зоран Заев. Зоран Заев е главата на новиот криминален октопод.

Токму поради оваа причина се штитат останатите поранешни и актуелни високи функционери на власта и СДСМ.

Кои се Кики и Фрики, одговор на ова прашање мора да има, мора да се дознае кои високи државни и партиски функционери биле вмешани во овој нов мега скандал?

Каква е инволвираноста на специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева и поради која причината и беше одземен телефонот?

Рускоска обвинителството мора да се ослободи од стегите на власта, овој случај мора да се расчисти до крај. Мора да се стигне до главата на октоподот на чие чело е единствениот политичар во Европа кој е три пати амнестиран за криминал. Се додека овој случај не се расчисти, и оваа криминалната банда не си замине од власт, Македонија нема Европска иднина. Правната држава е далеку од реалност, а датумот за преговори со Европската Унија само уште едно лажно ветување на Зоран Заев.

Центар за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ

Тревога на аеродромот во Белград, евакуирани 130 патници

Утринава од аеродромот „Никола Тесла” во Белград беа евакуирани 130 патници и пет члена на екипажот од авионот на германската компанија „Луфтханза“ поради најава дека има бомба во авионот.

Авионот како што пренесуваат српските медиуми бил во подготовка за лет кон Франкфурт кога пристигнала дојавата, а на аеродромот веднаш биле испратени полициски екипи.

„Сите одговорни служби, вклучувајќи ги аеродромските услуги, веднаш реагираа во согласност со процедурите за да обезбедат највисоко ниво на безбедност за патниците и авионите, како главен приоритет”, се вели во соопштението на аеродромот.

Од таму додаваат и дека воздухопловниот сообраќај, се одвива според предвидениот распоред за летови.

притисни ентер