ВМРО-ДПМНЕ: Атанасов призна одговорност за неуспехот на СДСМ

ВМРО-ДПМНЕ ја поздравува одлуката на Петар Атанасов да го напушти бродот што тоне и да не биде повеќе учесник во криминалното работење на власта.

Атанасов направи храбар чекор и и кажа не на неработливата и криминална влада, која потроши повеќе од две години од животот на граѓаните, а притоа не направи ниту еден проект.

Ги повикуваме сите функционери во власта, кои имаат личен кредибилитет и морал да се охрабрат и да не бидат повеќе соучесници во криминалната влада на Заев.

Функционерите во власта треба да се одважат и да му кажат не на криминалното работење на Зоран Заев.

Атанасов за разлика од другите одговорни во министерството за образование призна одговорност за неуспехот на СДСМ. За разлика од Рената Дескоска која бесрамно смени министерства Атанасов призна дека СДСМ нема кредибилитет затоа што ништо не направи.

Центар за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ

Се подготвува ново законско решение за пазарџиите, лиценците ќе останат

 Ново законско решение се подготвува за работењето на пазарите. Владата, односно Министерството за економија работи на решение заедно со претставници на сите стопански комори.

Ова го најави министерот за економија Крешник Бектеши денеска на прес-конференција одговорајќи на новинарско прашање.

Според него, се одложува законското решение донесено оваа година.

– Тоа нема да опстои како решение предложено пред една година. Во меѓувреме разговараме со сите засегнати страни за да најдеме решение, изјави Бектеши, додавајќи дека остануваат на предлогот пазарџиите да поседуваат лиценца за работа.

Пазарџиите согласно постојното законско решение од јануари треба да поседуваат лиценца за работа која ја обезбедуваат едно здружение, а со новото, како што се најавува, лиценците ќе ги издаваат сите стопански комори. 

Ердоган: Ако не се исполни ветувањето кое го добивме од Америка, ќе ги продолжиме воените активности во Сирија

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денес се закани дека ќе ги продолжи воените активности на североистокот од Сирија доколку не се испочитува се што е договорено со Америка.

Потсетуваме, Ердоган ги запра сите воени активности по разговорот со потпретседателот на САД Мајк Пенс, а договорот вклучува и повлекување на сите курдски борци од североистокот на Сирија.

-Доколку ветувањето кое го добивме од САД не се исполни, тогаш ќе продолжиме со нашите воени операции со уште поголема одлучност, рекол Ердоган пред заминувањето во Русија на состанок со Владимир Путин.

Ердоган и Путин ќе се состанат во Сочи пред истекот на петдневниот прекин на огнот.

-Ќе разговараме за чекорите на курдските борци и нивното присуство во тој регион, рекол турскиот претседател.

Исто така Ердоган одлучно го одбил Емануел Макрон  да се продолжи договорениот прекин на огнот.

-Таков предлог не дошол до мене. Макрон инаку, такви работи им говори на терористите, рекол Ердоган алудирајќи на состанокот на францускиот претседател и портпаролот на Сириските демократски сили Јихане Ахмед.

-Попрво преговара со терористи отколку со нас, додаде Ердоган.

Вебер: На Македонија и Албанија вратата им беше затворена пред нос

Лидерите на најголемите политички групи во Европскиот парламент едногласно го осудија одложувањето на одлуката ЕУ да направи нови чекори во пристапниот процес на земјите од Западен Балкан.

– На Балканот владее нестабилност, а ние можевме да внесеме доза на стабилност, бидејќи тоа е наша одговорност, предупреди лидерот на групата на Европската народна партија во ЕП, Манфред Вебер.

Тој за време на дебатата во Европскиот парламент оцени дека ниту  Македонија, ниту Албанија не ја добиле перспективата што ја заслужуваат.

– Баравме многу од тие земји, а сега вратата им е затворена пред нос. Го губиме кредибилитетот, и тоа е сериозно, порача Вебер.

Тој укажа на фактот дека сите лидери кои доаѓаат од конзервативната Европска народна партија на самитот во Брисел дадоа поддршка за проширувањето, а францускиот претседател Емануел Макрон и холандскиот премиер Марк Руте, кои припаѓаат на либералната опција, биле „сами против сите".

Гарсија Перес од редовите на европските социјалдемократи оцени дека проширувањето може само да донесе „нов живот" во ЕУ.

– Внесувањето на Западен Балкан не само што ќе придонесе за стабилност во регионот, туку и стабилност на цела ЕУ, нагласи Перес.

Лидерот на групата на европски либерали, во која се наоѓаат и француски пратеници од партијата на Макрон, Дачијан Цилос изјави дека проширувањето мора да остане во срцето на политиката на ЕУ.

– Не можеме да замислиме силна Европа, а да не е отворена кон соседите, посебно кон оние кои веруваат во неа можеби и посилно отколку некои земји членки, додаде Цилос.

Тој истакна дека „Европа мора да остане мотор на демократски реформи, а нејзината врата отворена".

Европските Зелени имаа можеби и најостри критики кон францускиот претседател поради одлуката да го блокира отворањето на пристапни преговори со Македонија и Албанија.

Претставникот на Зелените во ЕП, Филип Ламбертс го потенцира јасното определување на земјите од Западен Балкан да пристапат во ЕУ.

Одлуката да не се почитуваат преземените обврски од страна на ЕУ, Ламбертс ја оцени како „сериозна грешка на Европскиот совет" и побара од Унијата да направи вистинска работа доколку постои политичка волја за тоа.

– Ако се сеќавате, Емануел Макрон го поздравивме како голем Европеец. Но како одминува времето, сфаќаме дека не е ниту голем, ниту Европеец, заклучи Ламбертс.

Се уште актуелните претседатели на Европскиот совет и на Европската комисија, Доналд Туск и Жан-Клод Јункер во своето последно обраќање во Европскиот парламент нагласија дека неединството на земјите членки околу новите чекори во процесот на проширување на ЕУ е „огромна грешка". 

притисни ентер