Банкарска гаранција за посигурни туристички ангажмани?

Македонците се почесто ги избираат странските туристички дестинации за летување и зимување, а пак кај странците е се помал интересот да ја посетат земјава.

 Угостителите и туристичките работници предлагаат промена на моделот за субвенционирање странски туристи, а воедно и бараат банкарските гаранција за аранжманите за да сме побезбедни при патување во странство.

 Со цел избегнување на немилите настани кога наши туристи заглавуваат по странски аеродроми чекајќи го чартер летот за да се вратат во земјава, од Здружението за угостителство и туризам апелираат во новиот закон за туристичка дејност, кој се очекува наскоро да биде усвоен, да се воведе задолежителна банкарска гаранција за туроператорите, при што се очекува осигурителните компании веднаш да реагираат и туристите безбедно да се вратат дома.

Оттаму најавуваат и воведување задолжително здравствено осигурување при патување, а ја поздравуваат и новината за лиценцирањето на туристичките агенции, кои отсега ќе поседуваат лиценца во времетраење од 2 до 3 години за работа во дејноста, која нема да биде неограничена како досега.

Угостителите се сепак незадоволни од фактот што за разлика од лани, кога растот во туристичкиот сектор изнесувал 18%, за првите 4 месеци од годинава тој е само 2,4%. Тие предлагаат промена на моделот за субвенционирање странски туристи.

Најголем пад се забележува кај туристите од Турција – 15,5 %, но и кај оние од Србија. Раст пак, од 23% има кај туристите од Грција, а за 15% кај гостите од Бугарија.

Инаку, од Здружението за угостителство и туризам најавија дека нивна нова цел е промена јна правилникот за организирање ученички екскурзии.

Рускиот премиер Медведев во Белград

Русија е подготвена да и ја пружи целата неопходна поддршка на Србија во зачувувањето на територијалниот интегритет, порача рускиот премиер Дмитриј Медведев, обраќајќи се во српското Собрание.

Тој истакна дека му е драго што по 10 години повторно се обраќа во српскиот парламент. Од тогаш нашите односи не се променија, оцени Медведев, кој вечерва ќе се сретне и со претседателот Вучиќ. Тој пред посетата на Белград изјави дека Русија ги гледа тековните процеси и притисоците на Приштина,  поради тоа што како што оцени, таму на власт дошле ултранационалисти. Неопходно е внимателно да се следи што се случува, бидејќи очигледно е дека Балканот и понатаму останува турбулентен регион, изјави тој за „Вечерње новости“.

Новинарска проекција и прес на филмот „Врба“ пред повеќе од 80 медиуми од светот (видео)

Денеска, во Аудиториумот Парко дела Музика, каде се одвива третиот фестивалски ден на Римскиот филмски фестивал, за време на новинарската проекција на филмот „Врба“ на Милчо Манчевски беше преполно.

На прес скринингот присуствуваа повеќе од 80 светски медиуми, меѓу кои и најрелеватните италијански медиуми. На проекцијата, покрај новинарите присуствуваа и студенти од факултетите по Историја на уметност и од Факултетите за драмски уметности од Рим. Салата беше преполна до последното место. 

Веднаш по новинарската проекција, беше одржана конференија за печат на која присуствуваа режисерот Милчо Манчевски и трите хероини од „Врба“, актерките Сара Климоска, Наталија Теодосиева и Камка Тоциновски.

„Луѓето се исти, без оглед каде и кога живеат. Она што нам ни беше важно е да проговориме за човечките дилеми, болки, разочарувања и радости... од аспект на еден обичен човек, женски човек. Врба можеби не е моето омилено дрво (ако подобро размислам, повеќе ги сакам тополата, чемпресот, липата и медитеранскиот бор), ама врбата е поблиска како симбол со она што го кажува филмот. Жална врба - ова се три тажни приказни со среќен крај“, изјави Манчевски.

Трите актерки Сара, Наталија и Камка, блеснаа во полн сјај на средбата со новинарите, одговарајќи искрено и непосредно на прашања врзани со нивните ликови од филмот.

Вистински куриозитет е што на крајот од пресот новинарите ја почестија филмската екипа со френетичен аплауз.

И по завршувањето на проекцијата на Врба, се случи долга тишина, па аплауз, што е необично за прес проекции.

Официјалната гала светска премиера на „Врба“ е закажана за вечерва во 22.30 часот, а половина час претходно филмската екипа од филмот ќе помине на црвениот килим.   

Врба е во официјалната програма на фестивалот помеѓу други 32 филмови, од кои вкупно 24 се играни, останатите 9 се документарни филмови. 

„Врба“ е шестиот долгометражен филм на Милчо Манчевски. Во филмот игра млада актерска екипа: Никола Ристески, Сара Климоска, Наталија Теодосиева, Ненад Нацев, Камка Тоциновски. Во останатите улоги се Петар Мирчевски, Благој Чоревски, Ратка Радмановиќ, Ана Костовска, Лазе Манасковски, Катина Иванова, Кире Ѓоревски, Адем Карага, Јелена Јованова-Периќ и други. Музиката ја потпишува Кирил Џајковски, дизајнер на продукција е Дејвид Манс, директор на фотографија е Тамаш Добош, а продуцент на филмот е Јане Ќортошев. Филмот е во продукција на „Банана филм“ и е македонско-унгарско-белгиска копродукција, со учество и на Албанија.

Париз: Ново одлагање на Брегзит не е во ничиј интерес

Ново одлагање на Брегзит не би било во ничиј интерес, вели француски дипломатски извор по одложеното гласање за Брегзит.

„Франција ќе се консултира со европскиот парламент и не може да донесе одлука во оваа фаза“, вели изворот.

Се наведува и дека сега е оставено на британскиот парламент да го одобри договорот или не.

Британските пратеници го подржаа предлогот да се повлече гласањето за договорот за Брегзит на Борис Џонсон до усвојување на закон за негова ратификација.

притисни ентер