Еуфорија на улиците на Истанбул, масовно се слави поразот на Ердоган на локалните избори

Истанбул доби нов градоначалник – опозицискиот кандидат Екрем Имамоглу на прегласувањето од изборите во март ја зацврсти победата над против кандидатот и екс премиер Бинали Јилдирим. 

Имамоглу кој пред 3 месеци победи со 13 илјади гласови разлика, сега доби 800 илјади гласа повеќе од Јилдирим. Десетици илјади граѓани низ улиците на Истанбул до доцна во ноќта ја прославуваа победата на Имамоглу, а многумина од нив во него веќе гледаат човек кој би можел да го победи Ердоган.

Имамоглу пак веднаш по победата го повика претседателот Ердоган на заедничка соработка, а на приврзаниците им порача дека го осветлиле образот на Турција.

-Сакам да се заблагодарам на секој граѓанин на Истанбул. Вие ја заштитивте репутацијата на турската демократија во очите на светот. Подготвен сум да работам со турскиот претседател во хармонија, и се стремам кон тоа. Објавувам пред сите жители на Истанбул, дека веднаш откако ќе стапам во функција сакам да го посетам за да му ги презентирам моите планови и мислења, но и да ги слушнам неговите, Екрем Имамоглу – Градоначалник на Истанбул.

Победата на опозициската републиканска народна партија во Анкара, а сега и во Истанбул се смета за силен пораз врз Ердоган, кој во минатото има кажано дека победникот во Истанбул ја држи цела Турција. Тој доцна синоќа на социјалните мрежи ги призна резултатите од прегласувањето.

-Би сакал резултатите од изборите да бидат од корист за нашиот Истанбул. Народната волја денеска се оствари. Му честитам за Екрем Имомоглу, кој победи на изборите според неофицијалните резултати- Реџеп Тајип Ердоган – Претседател на Турција.

Tурските аналитичари за дел од странските медиуми велат дека поразот во Истанбул може и да го собори Ердоган.

Може да е почетокот на крајот за Ердоган, ако не направи две работи: Прво, тој треба да ја сопре турската рецесија и да стави крај на острите мерки против рецесијата и угнетување на народот. Силната тактика со откажувањето на резултатот од изборите во Истанбул во март не помина добро ниту кај гласачите на владејачката партија. Турците можеби немаат целосно разбирање за тоа што значи демократијата, но се грижат многу за фер избори. 

Изборите за градоначалник на Истанбул беа повторени откако беа поништени резултатите од гласањето во март на барање на владејачката партија која се пожали на нерегуларности. Имамоглу во таа прилика победи со тесна разлика и беше градоначалник само 18 дена. Повторените избори за многумина се сметаа и како своевиден тест за власта на Ердоган.

Запленет глисерот на Зоран Ќичеец

Глисерот на второ осомничениот во случајот “Рекет” -  Зоки Кичеец доцна синоќа бил запленет од обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.

Заплената е во рамки на истрагата која обвинителството ја отвори минатата недела против Боки 13 и Зоран Милески познат како Кичеец, кои се осомничени за рекет врз бизнисмени. Иако во јавноста се ширеа информации за заплена и на други предмети како џипови, мотори и скутери на вода, од обвинителството велат дека до овој момент запленет е само глисерот.

По налог на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција до овој момент е запленет глисер во сопственост на второосомничениот во случајот „Рекет". Глисерот е запленет синоќа.

Велат од Обвинителството. Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ пак и денеска прашуваат кој се крие зад идентитетот на “Кики” и “Фрики”. Од таму велат и дека се уште го анализираат предлог-законот  за спојување на СЈО во редовното обвинителство, и остануваат на ставот дека се противат на предлогот Вилма Рускоска да раководи со новото обвинителство.

За тоа кој се крие зад идентитетот на фамозните “Кики” и “Фрики”, новинарот Бранко Геровски кој изминатиот период пишуваше за случајот рекет, најави дека ќе ги открие во текот на утрешниот ден.

Рекордно високи температури во САД

Екстремно топлото време предизвикува и проблеми во Соединетите Американски Државни.

Најмалку шест лица го загубиле својот живот поради рекордно високите температури во САД. Според властите, жртвите се од сојузните држави Мериленд, Аризона и Арканзас.

Националната метеоролошка служба предупреди од „опасен топлотен бран“, кој во комбинација со зголемена влажност во земјата може да доведе до топлотен удар, доколку не се преземат соодветни мерки. Голем број настани во САД, од фестивали и концерти до спортски средби, се одложени поради невообичаените високи температури. Медиумот потсетува дека за време на топлотниот бран во јули 1995 година загинаа повеќе од 700 луѓе во Чикаго, каде температурите надминуваа 36 степени Целзиусови.

Големи пожари во Португалија, осум повредени, наредена евакуација

Во екот на туристичката сезона Португалија мака мачи со пожарите.

Осум лица се повредени во пожарите кои од синоќа беснеат во централниот дел Португалија. Во гасењето учествуваат преку 1.000 пожарникари, а на помош пристигнала и војската.

Повредени се седум пожарникари. Еден од нив има изгореници од прв и втор степен и пренесен е во болница. наредена е делумна евакуација на села во околината на пожарот. Силниот ветер ги отежнува работите на пожарникарите.

притисни ентер