Ципрас: Северна Македонија ги исполнува критериумите за почеток на пристапни преговори со ЕУ

 Климата, како што сфатив, е едногласна перцепција, позиција и став на шефовите на земјите членки на ЕУ, како што беше изразено од Европскиот совет, дека во текот на 2019 и веројатно во октомври, ќе започне пристапниот процес.

Одложувањето на пристапните преговори за Северна Македонија беше, не под изговор дека Северна Македонија не ги спроведе реформите, туку главно од процедурални причини, вели премиерот на Грција Алексис Ципрас во интервју за третиот канал на грчката државна телевизија, ЕРТ3, во врска со заклучоците на ЕУ за нашата земја и објаснува дека оваа одлука се должи на неможноста германскиот Парламент да даде одобрение, „бидејќи се затвора за летните одмори и не можеше тоа да се случи на завчерашниот самит", јави дописничката на МИА од Атина.

– Климата, како што сфатив, е едногласна перцепција, позиција и став на шефовите на земјите членки на ЕУ, како што беше изразено од Европскиот совет, дека во текот на 2019 и веројатно во октомври, ќе започне пристапниот процес, бидејќи соседот ги исполнува потребните критериуми и реформи. Знаете, отпочнувањето на пристапниот процес секако не значи членство. Има долг пат, многу реформи и многу поглавја да се отворат, вели Ципрас.

Во интервјуто за ЕРТ3, со седиште во Солун, грчкиот премиер говореше и за Договорот од Преспа, рече дека решавањето на името со северниот сосед го зголеми кредибилитетот на Грција" и изрази уверување дека „и последниот грчки граѓанин што скептично и загрижено гледаше на Договорот или беше против, сега почнува да сфаќа колку овој договор беше важен за националните интереси на Грција.

Овој негов став, Ципрас го поткрепи со аргументот дека ако не постоеше договорот, воздушниот простор на Северна Македонија ќе го надгледуваа турски Ф16 и немаше да има турски Ф16 само во Егејското Море, туку и на северната граница.

-Би сакал да потенцирам дека сите оние кои беа против нас и дури и нѐ нарекоа предавници, денес, сфаќаат колку е важен, за одбрана на нашите национални интереси, фактот дека постигнавме решение на овој проблем и таму каде што имавме „трн" на нашата северна граница, сега имаме земја пријател, а нашите вооружени сили се таму за да ја поддржат, рече Ципрас и додаде дека се чувствува целосно оправдан за постигнатиот договор.

Паралелно, грчкиот премиер говореше и за „големата хипокризија на политичките сили" во Грција, кои беа против Договорот од Преспа.

-Гледаме дека оние кои ни помалку ни повеќе, тогаш речиси и нѐ нарекоа предавници, ни помалку ни повеќе, говореа за предавнички договор, сега, господинот Мицотакис, што му вели на грчкиот народ? Дека ако биде избран, она што ќе го направи е едноставно да го надгледува верното почитување на овој, меѓу другото, предавнички договор. Ако е предавнички договор, тогаш зошто да го надгледува верното почитување? Гледаме голема хипокризија што не би требало со толку голема неодговорност да ја покажуваат оние кои сакаат да дојдат на одговорни позиции, оние кои се стремат да ја земат судбината на земјата во нивни раце, вели Ципрас во интервјуто за ЕРТ3, пренесе МИА.

Истите аргументи и истите критики до лидерот на Нова демократија, грчкиот премиер ги спомена и за време на неговиот синоќешен предизборен митинг во Флорина (Лерин). Рече дека Мицотакис преку ноќ ја заборави националната линија и позицијата на неговата партија само за да улови глас повеќе, а се осврна и на позитивните аспекти на Договорот од Преспа.

-Сакаме една Грција што ќе биде светилник на пријателството, мирот, соработката и единството на народите на Балканот. И сакам одовде од Флорина, да се осврнам на договорот што беше толку навредуван, да се осврнам на историскиот договор што се роди овде во вашиот дел, во историската Преспа. Договор кој ја враќа нашата историја, историјата на античката грчка Македонија и става крај на иредентизмот и национализмот. Договор кој ги зближува двата народа, кои ништо не ги дели. Два народа кои треба да живеат мирно и братски на нивниот заеднички пат кон напредок, просперитет и мир. Овој историски чекор, пријателки и пријатели, ги оправдува илјадниците наши сонародници од вашата област, на кои со децении апсурдноста на национализмот буквално им го уништи животот, рече грчкиот премиер осврнувајќи се на договорот меѓу двете земји./МИА.

Невреме со грмотевици и силен ветер во западна, централна и јужна Турција

Невреме со грмотевици денеска ја зафати западна и централна Турција. Силен дожд врне во многу турски окрузи, вклучувајќи ги Истанбул, Анкара и Анталија.

Жолто ниво за опасно време придружено со невреме и обилни врнежи за денеска објави Турската метеоролошка служба за вкупно 45 окрузи во земјата.

Во Анкара врне обилен дожд, придружен со силен ветер.

Во Истанбул, поради силниот ветер, откорнати се дрвја, а причинета е материјална штета на автомобилите паркирани наоколу, јавува турската телевизија НТВ.

Во морето кај Измир се формираше торнадо.

Брзината на ветрот достигна 118 км/ч во туристичкото место Кемер во Анталија, каде во невремето паднаа дрвја, јави ТВ НТВ.

Ситуацијата во округот Анталија останува сложена. Во морето се формираа големи бранови, а во голем број населени места во околината обилниот дожд предизвика проблеми во сообраќајот. /МИА

Иранскиот министер за надворешни работи повика на смирување на тензиите на Блискиот Исток

Иранскиот министер за надворешни работи Хосеин Амир Абдолахиан се заложи за намалување на тензиите на Блискиот Исток кои дополнително ескалираа по меѓусебните напади меѓу Иран и Израел, јави ДПА.

- Војната и воената тензија никому не му користат во регионот, затоа мора да се најде решение. Сите страни треба да се фокусираат на изнаоѓање политичко решение, изјави за иранските медиуми Абдолахиан кој престојува во Њујорк.

Според него, „Израел мора да престане да врши воени злосторства во регионот, за да стане стане возможна хуманитарната помош и размената на заложници за затвореници во конфликтот во Газа“.

За време на престојот во Њујорк, каде што учествуваше на неколку седници на Обединетите нации, иранскиот министер за надворешни работи, нагласи дека Иран нема да одговори на нападите врз воени цели во централната иранска провинција Исфахан, за кои се верува дека ги извршил Израел.

- Немаше штета или жртви по нападот со мало беспилотно летало соборено во близина на Исфахан, рече Абдолахиан.

Тој ги опиша нападите како обид на произраелските медиуми да ја истакнат воената супериорност на Израел.

- Малите соборени дронови беа повеќе како играчки со кои си играат нашите деца, рече Абдолахиан, но предупреди дека Иран ќе одговори „жестоко и цврсто“ на вистински напад од Израел./МИА

Ердоган во Истанбул се сретна со лидерот на Хамас, Ханија

 Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денеска во палатата „Долмабахче“ во Истанбул го прими Исмаил Ханија, лидерот на палестинската исламистичка група Хамас, јавија турските медиуми.

Не се соопштуваат повеќе детали за средбата која се одржува зад затворени врати во претседателската резиденција.

Турскиот министер за надворешни работи Хакан Фидан пред неколку дена се сретна со Ханија во Доха, каде разговараа за последните случувања во конфликтот во Газа, соопштија дипломатски извори.

Фидан и Ханија, заедно со неговата делегација, разговараа за теми поврзани со хуманитарната помош во Појасот Газа, напорите за прекин на огнот и прашањето за заложниците, велат изворите. /МИА

притисни ентер