Иселеници од САД ќе помогнат за спасувачи на вода на Дебарско Езеро

 Благодарение на поддршката на дебарските иселеници во САД, а во соработка со Општинската организација на Црвен крст, и ова лето ќе има спасувачи на вода кои ќе се грижат за безбедноста на капачите на Дебарско Езеро.

Како што соопшти Исни Телќиу, секретар на дебарскиот Црвен крст, одлуката ја донел Управниот одбор на татковинското здружение „Дибра",со седиште во Њујорк.

Според Телќиу, и годинава ќе бидат ангажирани шест спасувачи на вода кои ќе бидат лоцирани на две места  на градската плажа, во периодот од 1  јули до 31 август.

– Ова е трета сезона како имаме спасувачи на вода, што немавме еден подолг период. Тоа не би можеле да го реализираме доколку не добиевме подршка од татковинското друштво „Дибра" на дебарските иселеници во САД. Како и изминатите две лета, тие обезбедија финансиски средства за престојот на спасувачи во текот на летната сезона. Од наша страна организираме дополнителна обука за спасувачите, како и обука за давање прва медицинска помош при полесни повреди, рече Телќиу.

Ќе бидат лоцирани од 1  јули до 31 август на две места  на градската плажа каде има и најголема посетеност.

На брегот на Дебарско Езеро во летниот период дневно има стотици капачи, а за време на викендите и околу две илјади, така што спасувачките екипи се неопходност. 

„Само Вистина“ вечерва со Тодор Петров и Мухамед Халили

Во вечерашната „Само Вистина“ ќе дебатираат Тодор Петров и Мухамед Халили.

Почитувани вистинољупци, Во предизборна Македонија се’ е можно освен заедно со нашите гости Тодор Петров и Мухамед Халили да ја сокриеме вистината. Светските лидери на гости кај јапонскиот цар, нашите пак на домашен терен започнаа уште една од многуте беспоштедни изборни битки. Мицкоски удри по Заев овој му врати двојно повеќе.

Почнува ли црна кампања, толку црна што веќе ни е падната темница пред очи? Мицкоски го гушкале во Гостивар а Заев ја имал почитта од сите Албанци заедно. Толку ли е важна „албанската љубов“. Кој прв ќе ги збие редовите а кој последен ќе моли за влез во добитните изборни комбинации? Завчера му рекоа „да“ вчера се премислија. Социјалдемократите чекаат конкретен предлог од Мицкоски за да и’ кажат „не“ на Бугарија. Кој ќе излезе патриот а кој предавник пред изборите?

И Европската унија е на два ума. Ни ветуваше сигурен почеток на преговори сега пак ќе се воздржува од ветувања. Македонскиот премиер ја продолжува битката за ЕУ. Заев во Рим, Макрон во Скопје. Кој ќе плукне а кој ќе биде плукнат во македонско-европската криенка-миженка? Никако да се преброиме колку не’ има. Пописот стана невозможна мисија. Каде плови овој брод? Има ли пилот во авионот?

Вистината за сите овие прашања и многу повеќе ексклузивно и само на Канал 5 ќе ја бараме со нашите гости Тодор Петров и Мухамед Халили. Вечерва во 18:30 во „Само вистина“.

Кривичниот суд ја потврди казната затвор од девет години за Ѓоко Поповски

Кривичниот суд денеска на повтореното судење ја потврди казната од девет години затвор за поранешниот помошник-министер за внатрешни работи Ѓоко Поповски, кој е обвинет за злоупотреба на службената положба во случајот „Триста".

Судиката Добрила Кацарска, која е на чело на Судечкиот совет, повторно му ја одреди истата пресуда на Поповски.

Поповски беше осуден на казна затвор од девет години на 22 мај лани, но Апелациониот суд ја укина пресудата и случајот го врати на повторно судење во Кривичниот суд.

Тој е обвинет дека злоупотребувајќи ја службената положба и овластување извршил набавка на 300 возила за МВР во периодот од 2008 до 2012 година и го оштетил буџетот на МВР за 453.570 евра.

Прв состанок на работната група за изработка на Концепцијата за инклузивно образование

Концепцијата треба да биде упатство за сите фази од спроведувањето на инклузивното образование во државава и да одговори на сите нејаснотии за кои ќе се дискутира.

Работната група што треба да ја изработи Концепцијата за инклузивно образование, која произлезе од новиот Закон за основно образование, денеска ја одржа првата работна средба. На неа присуствуваа и министерот за образование и наука Арбер Адеми и претставничката на Канцеларијата на УНИЦЕФ во земјава, Патриција ди Џовани, кои ја потенцираа важноста на инклузијата.

Концепцијата треба да биде упатство за сите фази од спроведувањето на инклузивното образование во државава и да одговори на сите нејаснотии за кои ќе се дискутира.

Законот за основно образование кој Собранието го изгласа во јули предвидува учениците со посебни потреби да се вклучат во редовното образование и од учебната 2022-2023 година посебните училишта повеќе да не запишуваат ученици. Тие  ќе прераснат во основни училишта со ресурсни центри, кои ќе помагаат за спроведување целосна инклузија во редовните училишта.

– Мислам дека направивме храбар чекор напред со донесување на Законот за основно образование, кој сега мора да се имплементира доследно и затоа е оваа работилница. Треба да развиеме концепција за инклузивно образование со која буквално секое дете ќе има придобивка од законското решение, изјави министерот Адеми пред почетокот на средбата на работната група.

Претставничката на УНИЦЕФ, Ди Џовани истакна дека се работи за исклучително важен сегмент, треба да почне да се применува донесениот закон кој, како што рече, е пресвртница во историјата на нашата земја.

– Она што сега треба да се направи е да се увериме дека секое дете ќе може да има корист од овој новодонесен закон. Ги охрабрувам сите учесници да размислуваат на кој начин сите деца во Северна Македонија ќе може да имаат бенефит од реализацијата на овој закон, додаде претставничката на УНИЦЕФ.

На работната средба учествуваа претставници на МОН и Бирото за развој на образованието, од факултетите за наставници, вклучително и од институтите за педагогија, психологија, специјална едукација и рехабилитација, претставници од НВО-секторот, наставници од редовните училишта, директори на специјални училишта, како и родители на деца со посебни потреби.

Образовните експерти се согласуваат дека по оваа крупна новина имале реакции и сомнежи дека тоа може да профункционира, но велат дека инклузијата никогаш нема да се случи ако некогаш не се почне да се работи на тоа прашање.

Тие нагласуваат дека е важно сите страни да се вклучат во доаѓањето до целта – секое дете да има квалитетно образование, посочувајќи дека инклузијата не се однесува само на деца со пречки во развојот, туку за сите деца кои во текот на школувањето наишле на каков било проблем,

Законот предвидува Концепцијата за инклузивно образование да биде изработена за шест месеци, така што работната група ќе има состаноци во наредните месеци, под водство на Бирото за развој на образованието.

Ќе се користат и позитивни меѓународни искуства што ќе бидат приспособени на потребите на нашето општество. На денешниот прв состанок на работната група учествуваа двајца странски експерти за образование – Филомена Периера од Португалија и Љиљана Симиќ од Србија.

притисни ентер