Заев: Ќе раководам со финансии бидејќи ова е економска година

Премиерот Заев попладнево ги објави имињата на новите министри. Најголемо изненадување е тоа што премиерот покрај претседател на владата ќе биде и нов министер за финансии.

Најавена во април, метлата на премиерот Зоран Заев донесе промена во шест министерства. Најголемото изненадување е што освен на премиерската функција Заев ќе биде и министер за финансии. Ова е прв случај премиер на македонска влада истовремено да биде и министер за финансии. Од СДСМ брифираат дека потегот на премиерот е прецизен показател дека после надворешната политика следуваат храбри чекори во економијата, социјалната политика и финансиите. Заев вели дека на оваа позиција ќе биде одредено време, но не ја исклучи можноста да менаџира со државната каса до следните парламентарни избори.

На чело на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство доаѓа Трајан Димковски, кој беше советник на претходниот министер Љупчо Николовски. Од пратеничките клупи во Министерството за локална самоуправа заминува Горан Милевски од ЛДП. Нов министер за животна средина и просторно планирање ќе биде Насер Нуредини. Тој е инвестициски банкар и финансиски советник за банкарство во Лондон и во Виена. Досегашниот министер за животна средина Садула Дураки ќе биде на чело на новото министерството за политички систем и односи меѓу заедниците. А за култура нов министер ќе биде Хусни Исмаили.

За опозициската ВМРО ДПМНЕ измените се козметички, а за економската катастрафа како што велат ќе биде одговорен лично Заев.

Реагираа и од НДП од каде велат дека се незадоволни поради одлуката на премиерот министерството за локална самоуправа да им го даде на ЛДП.

Заев ги разреши вицепремиерот за спроведување на рамковниот договор Хазби Лика и министерот без ресор задолжен за регулатива за подобрување на инвестициската клима Зоран Шапуриќ. Им се заблагодари и на досегашните министри за локална самоуправа Сухејл Фазлиу, и за култура Асаф Адеми.

Списокот со новите министри е доставен до Собранието, по што се очекува предлогот да биде ставен на усвојување на собраниска седница во текот на следната недела. По реконструкцијата на Владата, како што најави Заев ќе следуваат промени во вториот и третиот ешалон со кој треба да бидат опфатени дваесетина директори на претпријатија.

Видео: Интернет го исмева Маск за позите што ги изведе на црвениот тепих

„Никогаш не сум видел некој толку очаен да биде сакан од сите, а во исто време никого да не го сака“

Во текот на викендот, познати личности, спортисти и милијардери присуствуваа на 10-тата годишна церемонија на наградата „Breakthrough Prize Ceremony“ (позната како Оскари на науката), каде што врвните научници беа признати со награди од 1 милион долари.

На настанот се појави и Илон Маск, а неговото позирање на црвениот тепих беше... Па, прилично непријатно за гледање. Видеото се прошири на социјалните мрежи. Некој од публиката му викна да ги стави рацете во воздух и тогаш се случи ова:

„Никогаш не сум видел некој толку очаен да биде сакан од сите, а во исто време никого да не го сака“, „Како 12-годишно дете да се обидува да биде кловн во класот“, „Тој е толку скржав“, се само дел од коментарите на Твитер.

Извор: Индекс.хр

Од почетокот на руската инвазија во Украина како исчезнати се водат 37.000 лица

Украинските власти денеска објавија дека од почетокот на руската инвазија исчезнале околу 37.000 цивили и војници, што е нецелосна бројка бидејќи Русија окупирала речиси 20 отсто од националната територија, јави Бета.

„Речиси 37.000 лица исчезнаа, вклучувајќи деца, цивили и војници. Оваа бројка може да биде уште поголема“, напиша украинскиот комесар за човекови права Дмитро Лубинец на својот профил на Фејсбук.

Од почетокот на руската инвазија, на 24 февруари 2022 година, загинаа неколку десетици илјади лица, цивили и војници, но не постои општа проценка утврдена од сигурни извори.

Процедурите за идентификација на загинатите и исчезнатите може да траат неколку месеци.

Украинската и руската армија само во ретки прилики објавуваат биланс на загинати војници.

Не е познат и бројот на цивилни жртви бидејќи нема сигурни информации на териториите окупирани од Русија од почетокот на инвазијата./МИА

Белата куќа објави ново партнерство со 50 земји за борба против идните пандемии

Американската влада ќе работи со земјите за да ги подобри нивните методи на тестирање, скрининг, комуникација и подготовка за такви избувнувања.

Администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден ќе им помогне на 50 земји да идентификуваат и да одговорат на појавата на заразни болести со цел да се спречи нова пандемија како Ковид-19, која остро го наруши нормалниот ритам на животот ширум светот во 2020 година.

Американската влада ќе работи со земјите за да ги подобри нивните методи на тестирање, скрининг, комуникација и подготовка за такви избувнувања, рече висок претставник на администрацијата на Бајден кој сакаше да остане анонимен. Официјалниот претставник не кажа за кои земји станува збор.

Соопштението доаѓа во момент кога земјите се обидуваат да се договорат за меѓународен одговор на идните пандемии. Четири години по пандемијата Ковид-19, изгледите за договор во оваа насока што ќе го потпишат 194-те членки на Светската здравствена организација изгледаат сè понејасни.

Програмата на САД ќе се потпира на неколку владини агенции, вклучувајќи го Стејт департментот, Центрите за контрола и превенција на болести, Американската агенција за меѓународен развој и други, за да им помогнат на земјите да го подобрат својот одговор на појавата на заразни болести. /МИА

притисни ентер