Како што објави на Твитер канадското МНР, тие изразуваат задоволство што набргу ќе и посакаат добредојде на нашата земја како 30 – та членка.
– Канада со задоволство го ратификуваше пристапувањето на Северна Македонија во НАТО. Додека славиме 70 години НАТО, со нетрпение очекуваме да ве поздравиме како 30-та членка на Алијансата во блиска иднина, објави канадското МНР.
Со ова досега 18 членки на НАТО го ратификуваа протоколот. Прва држава што го ратификуваше Протоколот беше Грција, а по неа тоа го сторија и Словенија, Албанија, Бугарија, Хрватска, Црна Гора, Романија, Литванија, Данска а во април Полска и Словачка. Во мај и на почетокот на месецов тоа го сторија и Португалија, Латвија, Норвешка, Германија, Естонија и Белгија. Зелено светло се уште не дале парламентите на Исланд, Велика Британија, Холандија, Франција, Шпанија, Италија, Република Чешка, Словачка и Унгарија.
Во меѓувреме, во тек е постапката за ратификација и во Сенатот на САД, и се очекува во Вашинготн да ја заврши процедурата до крајот на летово.
Целиот процес се очекува да заврши до крајот на годинава, а на Самитот на НАТО во Лондон во декемеври, земјава и формално да биде примена како полноправна членка на Алијансата. Сепак неизвесно е кога тоа ќе го направи Турција. По стравувањата дека Анкара може да го услови потпишувањето на протоколот за НАТО во замена на екстрадицијата на членовите на ФЕТО во земјава, заменик министерот за надворешни на Турција Фарук Кајмакџи минатиот месец тврдеше дека пречка нема да има.
Но денеска турската амбасадорка во земјава Тулин Еркал Кара рече дека со шефот на државата Стево Пендаровски разговарале околу прашањето, но не даде конкретен одговор кога тоа ќе се случи.
Во врска со барањето на официјална Анкара за екстрадиција на неколку лица осомничени за терористички активности, според последните информации од Министерството за правда од петнаесет случаи кои се побарани од страна на Турција до сега, петмина не се наоѓаат на македонска територија, за пет се во тек судските процедури, а за останатите пет државата побарала дополнителни детали од турските власти.