Меѓународен ден на бегалците

 Во земјава денеска ќе биде одбележан Меѓународниот ден на бегалците.

По тој повод на Правниот факултет „Јустинијан Први" во Скопје, на свеченост ќе се обрати Моника Сандри, претставничка на УНХЦР во Скопје, проф. д-р Сашо Ѓорѓиевски, претставник на Правната клиника на Правниот факултет „Јустинијан Први", Љупка Новеска Андоновска, претседателка на Управниот одбор на Македонското здружение на млади правници и Младен Чадиковски, претседател на Здружението на новинарите на Македонија.

Во рамките на одбележувањето ќе им бидат доделени награди на победниците на Награда за професионално известување за состојбата на бегалците при мешаните миграциски движења за 2018 година во  Македонија, како и сертификати за студентите кои успешно ја завршија практикантската работа на Правната клиника. 

Во сабота нестабилно време, в недела сончево и топло до 36 степени

 Топло, но нестабилно време со пороен дожд, најавува УХМР за денеска попладне и утре. 

Во недела и понеделник ќе преовладува сончево и топло време со мала до умерена облачност.

Температурата денеска ќе достигне максимални 33 степени. Во деновите од викендот ќе достигне 36, а во понеделник 38 степени.

Од вторник ќе биде ветровито со услови за локален пороен дожд. Дневните температури ќе бидат во интервал од 27 до 36 степени.

Македонија и Србија ќе соработуваат во размена на знаење и искуства од дигитализацијата

На почетокот на следната година веб-страниците на Владата и министерствата ќе бидат редизајнирани и унифицирани во насока на поголема транспарентност и отчетност и интерактивност со граѓаните,.

најави денеска министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски за примената на новиот концепт, што е дел од реформите на администрацијата преку дигитализација на процесите, при што ќе се користат искуства на Србија.

Со Меморандумот за соработка што Манчевски го потпиша со директорот на Канцеларијата за информациски технологии и електронска управа во Владата на Република Србија, Михаило Јовановиќ, се предвидува размена на знаење и искуства од дигитализацијата на српската јавна управа во изминатите две години.

– Колегите од Србија воведоа конкретен механизам за комуникација со граѓаните кој можат преку веб-страницата на Владата да упатат конкретно прашање и има конкретни рокови во кои мора да добијат одговори од соодветната институција, изјави Манчевски, наведувајќи пример за функционалноста на концептот.

Како што дополни министерот, на многу едноставен и лесен интерактивен начин граѓаните веднаш ќе добиваат одговори од институциите, а има и јавна статистика на бројот на одговори и времето што било потребно да бидат доставени.

– Менувањето и унифицирањето на веб-страниците на Владата и министерствата е многу повеќе од менување на нивниот изглед и подобрување на нивните функционалности. Станува збор за менување на целиот начин на којшто ќе комуницираме со граѓаните и ќе објавуваме информации, нагласи Манчевски.

Јовановиќ, од своја страна, посочи дека Меморандумот за соработка во дигитализацијата е продолжение на активностите во таа насока од дигиталните самити за Западен Балкан, што се одржаа во Скопје и во Белград.

– Програмата и концептот за дигитализација што премиерката Ана Брнабиќ го постави во приоритетите на Владата на Република Србија за две години доведе до развој на нови системи за електронска управа. Веќе забележуваме дека државите од регионот ги препознаа значењето и можностите по електронски пат да се направи трансформација на јавните управи во ефикасен сервис во којшто граѓаните и стопанството се во центарот на вниманието, рече Јовановиќ.

Како што најави Манчевски, следен чекор во соработката во областа на дигитализацијата со Србија е потпишување договор за меѓусебно признавање на електронски сертификати, што се планира за почетокот на септември. 

Влада: Откажана лидерската средба, одбиваме партиски ултиматуми и блокада на напредокот на земјата

Владата на  Македонија денеска преку соопштение информира дека не се создадени услови за постигнување консензус за организирање на лидерската средба закажана за денеска и дека таа нема да се одржи.

 Владата, се додава, одбива да прифаќа ултиматуми од неодговорниот партиски претседател на ВМРО-ДПМНЕ кој заштитата на криминалот и заложбата за блокади и изолации ги става пред државните интереси за напредок на нашата земја.

Во соопштернието, се посочува дека Претседателот на Владата на Македонија Зоран Заев на 15 јули на отворен настан, а потоа и со покани, ги повика претседателите на ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ и на Алијансата за Албанците, на лидерска средба со единствена цел да се обедини придонесот во заокружувањето на реформските процеси во правосудството, изборниот законик, како и за спроведување на пописот, како теми од посебно значење за граѓаните и за нашата земја во пресрет на европските интеграции и одлуката за почеток на преговорите за членство во унијата.

-За жал, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, наместо да прифати принципиелен разговор и договор за нов Изборен законик, избра да застане на спротивна страна на интересите на граѓаните, на спротивна страна на интересот на државата и побегна од разговорите. Овие клучни теми за продолжување на реформите и економскиот развој на земјата Мицкоски ги деградира со алиби барања кои произлегуваат единствено и само во интерес на теснопартиското профитирање. Тој одби да види дека лидерската средба е можност до следните избори да се обезбеди легислатива прифатливa за сите, со вградени препораки од ОДИХР и со можност да се отвори дебата и за нов изборен модел, се наведува во соопштението.

Тоа, се додава, укажува дека целта не била да се разговара за предвремени избори туку да се побегне и од оваа тема.

-Наместо да прифати дека е време за договор во корист на правната држава и владеењето на правото и како клучно да се обезбеди јавно обвинителскиот систем на државата со вградено СЈО за правда без селективност, која овие денови добива силен подем, Мицкоски и натаму останува на позициите да го брани криминалот на неговите претходници и политички ментори. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, за жал, не може да ја препознае ниту суштинската важност за консензус дека пописот не треба да се политизира и дека сите политички партии треба да се обврзат дека ќе ги овозможат сите услови да се реализира успешен попис, како строго професионална статистичка операција спроведена од Државниот завод за статистика, се потенцира во соопштението.

Премиерот Заев, се дидава, со иницијативата за лидерската средба покажа подготвеност да се прифатат сугестиите и предлозите за овие прашања, за да бидат вградени во програмските активности на Владата во претстојниот период, но нема да прифати ултиматуми кои единствено имаат за цел да го блокираат напредокот на Македонија.

-Стратешките интереси на државата, реформите и подобрувањето на квалитетот на животот на граѓаните, не смеат да бидат предмет на уцена на опозицијата. Националните интереси и правдата за граѓаните се неприкосновени и со нив нема и не смее да има компромиси, се посочува во соопштението и воедно се најавува за денеска прес-конференција во Владата на која пред новинарите и пред јавноста ќе се обрати премиерот Заев за причините за одлагање на лидерската средба, како и за чекорите што се налагаат и ќе бидат преземени на патот на напредувањето на  Македонија. 

притисни ентер