Една година Преспански договор : Северна Македонија на прагот на НАТО, наесен датум за преговори со ЕУ

Во малото населено место Нивици на грчката страна на Преспанското Езеро точно пред една година Никола Димитров и Никос Коѕијас го ставија својот потпис на Преспанскиот договор, со кој се стави крај на речиси тридеценискиот спор меѓу Скопje и Атина. 

Со решавањето на спорот со Грција се одблокираа интегративните процеси на земјава во НАТО и Европската унија. Македонија согласно договореното се преименува во Република Северна Македонија, државјанството остана македонско/државјанин на Република Северна Македонија, а јазикот македонски.

Во земјава се спроведоа уставни измени, а согласно Договорот Грција прва го ратификува Протоколот за членство на Северна Македонија во НАТО, што досега го сторија 17 земји-членки и се очекува до крајот на годинава или на почетокот на следната и официјално земјава да стане дел од Алијансата. За преговорите со ЕУ очекувањата беа дека ќе добиеме зелено светло овој месец, но по најавата дека германскиот Бундестаг за последниот извештај на ЕК ќе расправа во септември, сега очекувањата за датум се поместија за наесен.

Договорот има голема поддршка од меѓународната заедница, која го оценува како своевиден пример за решавање спорови, во регионот, но и во светски рамки, а поради него Северна Македонија во последниот извештај на Европската комисија беше наречена светол пример во регионот.

Конечната спогодба за решавање на разликите опишани во резолуциите 817 и 845 на Советот за безбедност на Обединетите нации за престанување на важноса на Времената спогодба од 1995 година и за воспоставување на стратешко партнерство меѓу страни е официјалниот наслов на Договорот.

Димитров и Коѕијас на свечената церемонија во Псарадес или Нивици на 17 јуни лани ги ставија потписите на Договорот, во присуство на премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас , посредникот во преговорите Метју Нимиц, еврокомесарот за проширување Јоханес Хан, високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини и други високи меѓународни претставници, како и претставници на двете земји.

Тие низ целиот процес на постигнување на компромисот, а и по потпишувањето се обидуваат да покажат дека тоа што е договорено е од корист за двете држави. Димитров и Коѕијас беа архитеките на Договорот, ги усогласуваа ставовите, особено откако преговорите се подигнаа на ниво на шефови на дипломатии.

Основата на Договорот е тоа што во него на пријателски начин и прецизно е утврдено како Грција го толкува поимот „Македонија“ и „македонски“ и како ние за нас го толкуваме поимот Македонијаи македонски.

Со членот 7 се прави јасна дистинкција дека поимот Македонија и македонски во Грција го означува Хеленскиот дел од историјата.Утврдено е дека Македонија и македонско во наш контекст ги отсликува нашата теротирија, нашиот јазик, народ со сите атрибути, историја, култура и наследство – различни од оние во Грција.

Химната, грбот и знамено не се менуваат, како и кодовите МК-МКД, додека регистерските таблички не се дел од меѓународната кодификација и го следат духот на Договорот.

Државните институции го следат принципот на Договорот – новото утврдено име на државата. Сите други организации/компании/здруженија може слободно да се именуваат како македонски и да ја користат придавката македонски.

Мицкоски и Мицотакис остануваат на линија против Договорот – непроменлив став или предизборни калкулации

Опозициите во двете земји, ВМРО-ДМНЕ на Христијан Мицкоски кај нас и Нова демократија на Кирјакос Мицотакис во Грција негативно реагираа на договореното од самиот почеток. Двете опозициите со став дека не го прифаќаат Договорот, со него се уриваат според едни интересите на Македонците и нивниот идентитет, според другите интересите на Грција и нивните идентитетски обележја. И двете опозиции ги обвинуваат владите дека го поделиле народот.

Македонската опозиција на ставот дека договорот е капилутански за Македонија. ВМРО-ДПМНЕ во повеќе наврати побара оставка од шефот на дипломатијата Никола Димитров, кој според нив ја предал својата држава, ставајќи потпис на договореното.

Мицкоски постојано повторува дека Договорот е штетен за државата, се губи македонскиот идентитет, се распарчува земјата, се продава историјата, се поткопува волјата на граѓаните, изразена на референдумот на 30 септември. Неодамна во телевизиско интервју не ја отфрли можноста да се репреговара Преспанскиот договор доколку Киријакос Мицотакис победи на предвремените парламентарни избори во Грција.

-Ако Мицотакис победи во Грција, а тој вели дека ќе ја отвори таа тема, и доколку бидеме поканети – зошто повторно да не седнеме на преговарачка маса и повторно го преговараме Преспанскиот договор кој е капитулантски и штетен за Република Македонија. Тоа нема да го правиме монополизирано како што тоа го правеше двоецот Заев – Ципрас, туку со сериозна екипа од експерти зад нас. И ние, и другата страна, имаме принципиелна позиција дека овој договор е штетен. Доколку формираме влада, ќе седнеме и ќе го репреговараме договорот, но на сериозен начин, со група експерти кои ќе бидат наша логистика за да го направиме подобар, рече Мицкоски.

За грчката опозициска Нова демократија Догорот е во интерес на северниот грчки сосед, Ципрас ја продал нацијата и всушност правел политички пазарања за да остане на власт./МИА

Полска тврди дека НАТО прави планови за соборување на руски проектили

НАТО ги разгледува плановите за соборување руски ракети доколку се приближат до границите на алијансата, тврди Полска, откако проектил залутал во нејзиниот воздушен простор.

Анджеј Шејна, заменик-министер за надворешни работи на Полска, изјави за локална радио станица дека „различни концепти се анализираат во рамките на НАТО... вклучително и соборување на такви проектили кога тие се многу блиску до границата на Алијансата“,пишува Телеграф.

„Но, тоа би морало да се случи со согласност на украинската страна и земајќи ги предвид меѓународните последици“, додаде тој.

Во неделата вечерта, Варшава соопшти дека руската крстосувачка ракета истрелана на цел во западна Украина поминала околу 1,6 километри во полскиот воздушен простор, поминувајќи 39 секунди.

Полското Министерство за одбрана ги активираше системите за противвоздушна одбрана и борбените авиони на НАТО, Ф-16 откако објектот залута преку границата на Алијансата во близина на Осердово, село во земјоделски регион во близина на границата со Украина.

Крстосувачките проектили можат да ја променат својата траекторија во воздух за да избегнат одбранбени системи.

Владислав Косинијак-Камис, полскиот министер за одбрана, подоцна им изјави на новинарите дека проектилот би бил соборен доколку имало знаци дека се движи кон цел во Полска.

Една од опциите за одбрана е да се соборат ракетите пред да преминат од Украина во воздушниот простор на НАТО. Сепак, ова може да го искористи Москва како оправдување за ескалација во поширок конфликт надвор од границите на Украина.

Претходните лансирања на руски ракети и беспилотни летала во воздушниот простор на НАТО останаа без одговор, и покрај сугестиите дека членот 5 на алијансата за взаемна одбрана може да биде активиран како одговор на таков инцидент.

Во вторникот САД објавија дека се подготвени да ги исполнат обврските кон НАТО и да ја бранат Алијансата во случај на напад.

Запрашана за изјавите на Полска, Сабрина Синг, портпаролка на Пентагон, рече: „Она што го зборуваше администрацијата е дека ќе ја браниме секоја педа од НАТО“.

Хјундаи во наредните три години ќе инвестира 47 милијарди евра, пред сѐ за електрични возила

Компанијата Хјундаи денеска објави дека ќе инвестира 68 трилиони вони (околу 47 милијарди евра) во текот на три години во Јужна Кореја, главно за да го зголеми производството на електрични возила (ЕВ) и да вработи 80.000 нови работници во секторот.

Јужнокорејската компанија наведува дека повеќе од половина од таа инвестиција ќе биде наменета за електрични возила, односно за нова истражувачка и развојна инфраструктура, како и производствени линии, пренесе Ројтерс.

Агенцијата забележува дека зголемувањето на инвестициите се случува во време кога другите етаблирани производители на автомобили го намалуваат производството.

Главниот оперативен директор на Hyundai, Хозе Муњоз, на саемот за автомобили во Њујорк најави дека бројот на електрични возила ќе се удвои.

„Многу сме посветени на пазарот на Соединетите Американски Држави“, истакна тој.

Hyundai во ноември објави дека инвестира 11,6 милијарди евра во нови посебни капацитети за производство на електрични возила и батерии во Грузија, што е најголема инвестиција надвор од Јужна Кореја.

Додека јужнокорејската компанија ги зголемува инвестициите во електрични возила, конкурентските производители на автомобили планираат да го намалат производството на ЕВ и да го префрлат капиталот главно на хибридни модели.

Руски воен авион се урна во близина на Крим

Руски воен авион денеска се урна во морето во близина на кримското пристаниште Севастопол, изјави гувернерот на регионот назначен од Русија.

„Пилотот безбедно се катапултирал и бил спасен. Цивилни објекти не се оштетени“, изјави гувернерот на Севастопол, Михаил Развозаев, пренесува Ројтерс.

Претходно руските канали Телеграм објавија дека руски борбен авион Су-35 се урнал во близина на Севастопол.

Не е јасно како дошло до инцидентот.

притисни ентер