Гостивар и околината пет часа ќе бидат без вода за пиење

Корисниците приклучени на градскиот водовод во Гостивар денеска ќе имаат прекин во снабдувањето со вода за пиење.

Од ЈП „Комуналец" информираа дека прекинот е предвиден во перидот од 7:00 до 12:00 часот и при тоа нема да се испорачува вода до градот и околните населби кои се снабдуваат од градската водоводната мрежа.

Петчасовниот прекин е предвиден поради изведување приклучок на нова водоводна линија со пречник Ф-500 во близина на поранешната фабрика „Силика". 

Уредување на постоечкото и новото зеленило во Карпош 4

 Во Општина Карпош се уредува зелениот агол меѓу ул. „Љубљанска" и бул. „Партизански одреди".

 На површина од 5.300 метри квадратни, се поставува нова тревна површина, украсни грмушки и растенија, со цел да се зголеми и оплемени зеленилото во овој дел од Општината.

За одржување на постоечкото и новото зеленило, ќе се постави и нов систем за наводнување. Изведбените активности за уредување на овој јавен простор се предвидуваа да траат 30 дена во зависност од временските услови, информираат од Општината.

Оттаму додаваат дека оваа акција за зголемување на зеленилото ја спроведува ЈП Паркови и зеленило, а е во рамки на акцијата за уредување на повеќе јавни површини на пофреквентни локации. Исто така, локалната самоуправа иницираше да бидат дислоцирани и времените објекти (трафиките) кои се наоѓаат во оваа близина.

– Во изминатиот период се постави и нов зелен појас на потегот долж булеварот „8 Септември". Овие активности за уредување на повеќе запуштени јавни површини беа најавени на почетокот на месец април, а претставуваат и стратешка определба на Општината, во борбата за заштита на животната средина и надоместување на изгубеното зеленило, се додава во соопштението. 

Неправилности за МојДДВ се пријавуваат на 198

 Неиздавање фискални сметки и неможност за нивно скенирање, се најчестите неправилности кои граѓаните ги пријавиле досега на дежурниот број 198 во УЈП во врска со спроведувањето на мерката МојДДВ односно повратот на 15 отсто од пресметаниот ДДВ

Од 1 јули 2019 година, кога почна примената на мерката, најголем дел од пријавите се однесуваат на ресторани, маркети, мини маркети, колонијални продавници, фризерски студија и друго.

Некои правни лица се пријавувани и по повеќепати, а има и општини за кои граѓани тврдат дека речиси ниту едно правно лице не издава фискални сметки, соопшти УЈП.

Најмногу пријави за недоследности има на територијата на Скопје и тоа најчесто во општините Аеродром, Центар и Чаир.

Во Општина Аеродром на бројот 198 граѓаните пријавиле неиздавање на фискална сметка во продавници за храна, фризирско студио, кафе бар и други, каде што граѓани или не добиле фискална сметка или им била издадена невалидна.

Во Општина Чаир граѓани се пожалиле дека не добиле фискална сметка во слаткарница, механичарски сервис, бутик и други.

Во повеќе делови од Скопје пријавени се недоследности при издавањето на фискалните сметки од страна на механичарски сервис, гостилница, трафика, бутик, перална за автомобили,…

Во Општина Тетово граѓанин дојавил дека му била издадена фискална сметка за купен телефон, а неколку граѓани пријавиле дека фискални сметки не издаваат бензиска пумпа, неколку маркети и кафе барови.

Јавување за недоследности во повеќе продавници и кафе барови пријавиле и граѓани на Крива Паланка.

Управата за јавни приходи е известена за нерегуларности и во Општина Охрид. Фискална сметка не им била издадена во ресторан и на место каде се продавале билети.

Во Општина Прилеп, граѓаните се соочиле со неиздавање на фискални сметки во продавница за храна, како и со издавање невалидни фискални сметки од страна на мини маркет.

Во Општина Свети Николе, повеќе фискални сметки издадени во маркет биле со испрекинат бар код поради што не може да се вчита.

Бледи фискални сметки, со нечитлив бар код забележале и граѓаните од Битола, Куманово и од повеќе делови на Скопје за што пријавиле на 198.

Во Струмица пријавени се недоследности кај колонијал кој според пријавата на граѓани не издава фискални сметки, како и стовариште.

Од општина Дебар има реакции за неиздавање фискални сметки од страна на кафе барови и бутик.

На 198 граѓани пријавиле и нерегуларности при плаќање услуга во угостителски објект во Галичник.

Се почести се јавувањата за купување од продавници кои своите производи ги нудат и преку интернет, најчесто облека за што на граѓаните нарачаниот производ им се доставува без да им биде издадена фискална сметка.

Согласно пријавите и по службена должност, ќе бидат спроведени интензивни контроли со цел проверка и утврдување на фактичката состојба на терен, информираат од УЈП.

Обвинение за штипјанец кој злоупотребил средства од ЕУ фондовите

 Триесет и двегодишен штипјанец е обвинет за  измама и злоупотреби средства од фондовите на Европската Унија.

Како што соопшти Јавното обвинителство, обвинението следи по сеопфатна  истражната постапка водена од јавен обвинител на Основното јавно обвинителство Скопје, во која се прибрани  материјални и вербални докази, по чие разгледување и анализа е утврдено дека обвинетиот искористувајќи ист траен однос со преземање на временски поврзани дејствија, во текот на временскиот период од 2015 до 2017 година ги извршил кривичните дела – злоупотреба на службена положба и овластување  и измама на штета на средства на ЕУ.

Обвинетиот, како што е наведено во соопштението, кривичното дело го извршил како одговорно лице – управител на правното лице „БАЛКАН ЕКО ФРУИТ" ДОО Свети Николе, каде содружник е и правното лице „АГРОПИОНЕР" ДОО Скопје управувано од државјанин на Саудиска Арабија.

– Употребувајќи средства спротивно од одобрената намена за која се добиени од Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој, како и со искористување, пречекорување и неизвршување на своите овластувања и должности обвинетиот нанел штета на  оштетеното правно лице во кое бил управител и тоа во вкупен износ од  69.825.499,00 денари, велат од Обвинителството.

Имено, обвинетиот со образложение за потреба и користење на средства од ИПАРД програмата склучил договор со Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој за користење на средствата за плаќање на 50 отсто од вредноста на опрема,  со што добил парични средства во износ од 14.989.596,00 денари. Истовремено од  „Стопанска Банка" АД Скопје за долгорочно финансирање мултивалутна кредитна рамка подигнал парични средства во износ од 1.600.000 евра. Но, наместо  согласно договорот паричните средства од ИПАРД програмата да ги трансферира на сметката на правното лице „БАЛКАН ЕКО ФРУИТ" ДОО Свети Николе во Стопанска Банка АД Скопје согласно договорот за долгорочно финансирање заради наплата на дел од кредитот, обвинетиот без согласност на правното лице – содружник, ги трансферирал средствата на сметка на правното лице „БАЛКАН ЕКО ФРУИТ" ДОО Свети Николе во Комерцијална  Банка АД Скопје од каде средствата  се  уплатувани на правни лица блиски до него по различни основи  во вкупен износ од 6.406.206,00 денари. Остатокот од паричните средства во износ од 8.583.390,00 денари тој ги исплатил на други правни лица за тековни фактури по разни основи.

Во периодот кој бил предмет на истрага на Основното јавно обвинителство, обвинетиот во својство на управител, без согласност на содружникот правно лице, електронски одобрил и исплатил шест трансакции во вкупен износ од 13.720.147,00 денари, по што испорачувал разни материјални добра на правното лице  кон други правни и физички  лице во вкупен износ од 15.690.491,00 денар за кои изготвил само испратници и приемници без да преземе дејствија за наплата  на побарувањата.

Обвинетиот исто така склучил и 36 договори за откуп на овошје и четири договори за деловно техничка соработка – заедничко производство на домати, притоа не вршејќи наплата на побарувањата и обврските од истите, со што нанел штета на правното лице во износ од 2.188.873,00 денари. Во истиот период , обвинетиот без согласност на содружникот, дозволил влез  и производство во просториите на  фабриката „БАЛКАН ЕКО ФРУИТ" ДОО на други правни лица од кои не ја наплатил закупнината, платата за вработените и останатите режиски трошоци со што нанел штета на правното лице во висина од 23.236.392,00 денари.

Со сите преземени дејствија, обвинетиот 32-годишен штипјанец, ги сторил кривичните дела за кои надлежен јавен обвинител од ОЈО Скопје поднел обвинителен акт до Основниот кривичен суд- Скопје. 

притисни ентер