Заев се сретна со Меркел, Берлин во септември ќе даде зелено светло за преговори

40-минутната средба меѓу канцеларката Меркел и премиерот Заев го потврди она што неколку дена Брисел се обидуваше да го каже во позавиена форма.

Македонија летово ќе го мине без датум за преговори, но овој пат, со јасно ветување од Меркел дека Берлин својата работа ќе ја заврши на есен.

-Канцеларката Меркел информираше дека Бундестагот ќе донесе одлука во септември за одобрување на старт на преговорите на ЕУ со Северна Македонија, согласно утврдените процедури на СР Германија за прашањата за проширување на унијата. На средбата канцеларката потенцираше дека Северна Македонија го испорача очекуваното и дека таа и Берлин на тоа гледаат многу позитивно, изјави Заев по средбата во Берлин.

Меркел не даде изјава. Својот став го искажа преку писмено соопштение, срочено во неколку општопознати реченици и без прецизни детали за средбата.

-Фокусот беше ставен и на „прашање од надворешната и европската политика. Германија заедно со Франција си поставија цел – зајакнување на стабилноста на балканскиот регион. Важен чекор кон тоа беше решавањето за спорот со името „Македонија", се вели во дел од соопштението од Кабинетот на Меркел.

Сепак, потврда дека Бундестагот во септември ќе даде зелено светло, стигна од пратеникот на партијата на Меркел, Јохан Вадефул, кој за „Франкфуртер алгемајне цајтунг“ се обиде да ги расчисти дилемите поради како што потенцира непотребната нервоза во Северна Македонија.

-Не разбирам зошто е толку голем проблем одложувањето за три месеци на одлуката за преговори со Северна Македонија, особено што веќе е решено дека отворањето на првите поглавја од преговорите ќе се случи во декември. Не е од помош, ширењето страв од трети сили или земји, вели Јохан Вадефул од ЦДУ.

Сега единствената енигма е каков заклучок ќе добие земјава на министерскиот Совет во Луксембург во вторник, кога Македонија ќе се најде на дневен ред. Во пресрет на состанокот, добра вест синоќа стигна од традиционално скептичната Холандија, чиј парламент практично ги разводи Македонија и Албанија од пакетот за членство. Пратениците со огромно мнозинство ја поддржаа резолуцијата Албанија да биде блокирана, а на Македонија да и биде дозволено да ги почне преговорите, чекор кој се толкува како јасен сигнал на Хаг при носењето одлуки за двете земји.

Тевез итно пренесен во болница

Поранешниот аргентински репрезентативец Карлос Тевез синоќа беше примен во болница со силни болки во градите. 

40-годишниот поранешен напаѓач, кој моментално е тренер на локалниот клуб Индепендиенте, беше пренесен во болница во Буенос Аирес откако се почувствувал лошо, но првичните тестови не покажале ништо сериозно за неговата состојба.

-Нашиот тренер Карлос Тевез беше примен во болницата „Ла Тринидад“ во Сан Исидро со болки во градите. Тој ги направи соодветните тестови и тие беа задоволителни. Денеска тој ќе продолжи со нова серија на однапред планирани тестови како дел од поопшт преглед, се вели во официјалното соопштение од клубот, кој ја потврди ситуацијата.

Според локалните изданија, проблемите на Карлос Тевез се поради стрес.

Поранешниот репрезентативец на „гаучосите“ боледувал од висок крвен притисок и редовно се подложувал на тестови и се следи неговата состојба.

Ова доведе до шпекулации во локалниот печат за можноста тој да ја заврши тренерската кариера во обид да го намали притисокот и стресот околу него.

Се уште не е јасно дали Тевез ќе присуствува на денешниот тимски тренинг. /МИА

Мбапе подготвен да игра на нова позиција во Реал Мадрид

Напаѓачот Килијан Мбапе ја прифатил улогата за која е планиран по трансферот во Реал Мадрид, тврди „Ас“. 

Иако официјално не е објавен трансферот на фудбалерот од Пари Сен Жермен, на „Сантијаго Бернабеу“ веќе размислуваат како Французинот најдобро ќе се прилагоди во составот следната сезона.

За време на неговиот престој со парижаните, напаѓачот јасно стави до знаење дека претпочита да игра на левото крило на нападот на тимот, што му овозможува да се потпира на повеќе слободни простори на предните позиции. Во Реал оваа улога вообичаено му се доделува на Винисиус Јуниор, а ова е претпочитана позиција и за Родриго.

Сепак, според „Ac“, Мбапе е подготвен да игра повеќе во центарот на нападот како број 9 следната сезона, а тоа се поврзува и со неговата голема желба да ја освои „Златната топка“, бидејќи оваа позиција се смета за поволна за реализација на повеќе голови.

Францускиот репрезентативец оваа сезона постигна 41 гол на 43 натпревари за ПСЖ во сите натпреварувања. /МИА

Инцидент во грчкиот Парламент – пратеник физички нападна друг пратеник

На нападнатиот веднаш му била пружена прва помош од лекарот во Парламентот.

Независниот пратеник Константинос Флорос, кој беше избран со малата радикално десничарска партија Спартанци, претпладнево физички го нападнал пратеникот од Грчко решение Василис Граменос во Парламентот, пред салата во која се одржува пленарната седница, јави дописничката на МИА од Атина.

На инцидентот му претходела вербална расправија во самата сала, што во ходникот се претворила во физичка пресметка, кога Флорос со тупаници го нападнал Граменос.

На нападнатиот веднаш му била пружена прва помош од лекарот во Парламентот.

Медиумите во Грција коментираат дека станува збор за инцидент без преседан во Парламентот.

Претседателот на Парламентот Константинос Тасулас за насилното однесување на пратеникот побара највисока казна предвидена со правилникот на работа, односно исклучување на Константинос Флорос од Парламентот на 15 дена, а паралелно ќе биде побарано и одземање на пратеничкиот имунитет и кривично да одговара.

Флорос на изборите во јуни минатата година беше избран со малата радикално десничарска партија Спартанци, која подоцна ја напушти и стана независен пратеник.

Спартанци се поврзува со поранешниот пратеник од Златна зора Илиас Касидиарис кој издржува затворска казна./МИА

притисни ентер