Спасовски најавува камери за електронски надзор на сообраќајот

Министерството за внатрешни работи изготува законски измени со цел да се воведе електронски систем во надзор на безбедноста на сообраќајот со поставување безбедносни камери.

Камерите ќе можат да препознаат одредени прекршоци и директно да изрекуваат казни за сторителите со што ќе се намали еветнуалното влијание на човечкиот фактор и ќе се скрати времето на изрекувањето на казните.

Ова го изјави денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, кој учествуваше на тркалезната маса за проектот „Безбедно дома", а давајќи коментар на состојбата со сообраќајните несреќи, пред се вчерашната на булеварот „Борис Трајковски" во која загинаа 21-годишно момче и 48-годишен маж.

Спасовски не прецизираше кога би се случиле законските измени, кои би овозможиле  поставување безбедносни камери за сообраќајните прекршоци, но напомена дека во земјава е потребно подигнување на јавната свест и зголемување на сообраќајната култура.

Истакна дека на булевар „Борис Трајковски" од јануари до мај се изречени 369 казни за брзо возење, а еден од учесниците во вчерашната сообраќајка, во која за жал имаше смртни последици, имал изречено 16 казни од јануари оваа година.

-Сето ова покажува колку сите треба да бидеме свесни како се однесуваме во сообраќајот. Упатувам апел до сите граѓаните да помислат на своите деца кога седнуваат зад воланот, рече министерот за внатрешни работи.

Вчерашната несреќа, како што информира МВР, се случила околу 22 часот при судир на две возила „голф" и „пежо".

Во Скопје во изминатото деноноќие се случиле вкупно девет сообраќајки. 

Бојан Јовановски денеска повторно на распит за „Рекет"

Во Јавното обвинителство за организиран криминал и корупција на распит денеска треба повторно да биде спроведен првоосомничениот за случајот „Рекет" Бојан Јовановски – Боки 13, кој се наоѓа во притвор во КПУ Затвор Скопје.

Ова е втор исказ на Јовановски за случајот „Рекет". Бојан Јовановски – Боки 13 на 15 јули годинава беше приведен на распит во Обвинителството заедно со второосмоничениот Зоран Милевски.

По неколкучасовниот распит Јовановски беше изведен пред Суд, каде на барање на Јавното обвинителството му беше одредена мерка притвор.

Во изминатиот период во врска со овој случај во Обвинителството сведочеа бизнисменот Силјан Мицевски, водителката Лила Филиповска и пратениците Фросина Ременски и Александар Кирацовски, како и претседателката на Собранието на Меѓународниот сојуз Агапи Дика и бизнисменот Зоран Азманов.

Поранешната шефица на СЈО Катица Јанева, која исто така, се наоѓа во притвор како третоосомничена исказ ќе дава во вторник.

Во случајот „Рекет" што го отвори Обвинителството за организиран криминал и корупција осомничени се  Бојан Јовановски и Зоран Милевски-Кичеец, како и специјалната јавна обвинителка Катица Јанева. Сите тројца се во притвор. /МИА

Претседателот Пендаровски во посета на Велес

Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски денеска ќе престојува во посета на Општина Велес.

Посетата на Пендаровски, како што соопштуваат од неговиот кабинет, е во рамки на проектот „Лице в лице".

Пендаровски заедно со градоначалникот на Велес Аце Коцевски ќе засади садници на опожарените места крај езерото Младост, а потоа ќе ги посети ООУ „Св. Кирил и Методиј" и Територијалната противпожарна единица во овој град./МИА

На првиот есенски ден променливо време и локален дожд

Од денеска почнува есента на северната хемисфера, а истовреме на јужната хемисфера почнува пролетта.

На првиот ден од есента, Сонцето во Скопје ќе изгрее во 06:20 часот, а ќе зајде во 18:32 часот. Денот ќе трае 12 часа и 12 минути.

Синоптичарите за денеска најавуваат променливо облачно време со сончеви периоди. Попладне и кон крајот на денот се очекуваат повремени локални врнежи од дожд кои наместа ќе бидат проследени со ретки грмежи. Врнежи ќе има и во вторник кога на места ќе биде нестабилно со пороен дожд, грмежи и засилен ветер./МИА

притисни ентер