Канцеларијата на Меркел без детали за сребата со Заев

Канцеларијата на германската канцеларка Ангела Меркел објави кусо соопштение по денешната средба со премиерот Зоран Заев во Берлин.

Меркел и Заев, како што се наведува, разговарале за билатералните односи, а фокусот бил ставен и на „прашање од надворешната и европската политика".

Во соопштението не се прецизира ставот на Меркел за очекувањата на Владата на Северна Македонија за одредување датум за почеток на преговорите со ЕУ.

– Германија заедно со Франција си поставија цел – зајакнување на стабилноста на балканскиот регион. Важен чекор кон тоа беше решавањето за спорот со името „Македонија". Под покровителство на ОН, балканската држава од 12 февруари 2019 година се преименува во Северна Македонија, со што се стави крај на спорот за името со Грција што траеше од 1991 година. Во април премиерот Зоран Заев, исто така, присустрвуваше на состанокот за Западен Балкан, што го организираа германската канцеларка Ангела Меркел и францускиот претседател Емануел Макрон, се наведува во соопштението од Канцеларијата на германската канцеларка Ангела Меркел објавено по 40-минутната средба со премиерот Зоран Заев.

Бојан Јовановски денеска повторно на распит за „Рекет"

Во Јавното обвинителство за организиран криминал и корупција на распит денеска треба повторно да биде спроведен првоосомничениот за случајот „Рекет" Бојан Јовановски – Боки 13, кој се наоѓа во притвор во КПУ Затвор Скопје.

Ова е втор исказ на Јовановски за случајот „Рекет". Бојан Јовановски – Боки 13 на 15 јули годинава беше приведен на распит во Обвинителството заедно со второосмоничениот Зоран Милевски.

По неколкучасовниот распит Јовановски беше изведен пред Суд, каде на барање на Јавното обвинителството му беше одредена мерка притвор.

Во изминатиот период во врска со овој случај во Обвинителството сведочеа бизнисменот Силјан Мицевски, водителката Лила Филиповска и пратениците Фросина Ременски и Александар Кирацовски, како и претседателката на Собранието на Меѓународниот сојуз Агапи Дика и бизнисменот Зоран Азманов.

Поранешната шефица на СЈО Катица Јанева, која исто така, се наоѓа во притвор како третоосомничена исказ ќе дава во вторник.

Во случајот „Рекет" што го отвори Обвинителството за организиран криминал и корупција осомничени се  Бојан Јовановски и Зоран Милевски-Кичеец, како и специјалната јавна обвинителка Катица Јанева. Сите тројца се во притвор. /МИА

Претседателот Пендаровски во посета на Велес

Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски денеска ќе престојува во посета на Општина Велес.

Посетата на Пендаровски, како што соопштуваат од неговиот кабинет, е во рамки на проектот „Лице в лице".

Пендаровски заедно со градоначалникот на Велес Аце Коцевски ќе засади садници на опожарените места крај езерото Младост, а потоа ќе ги посети ООУ „Св. Кирил и Методиј" и Територијалната противпожарна единица во овој град./МИА

На првиот есенски ден променливо време и локален дожд

Од денеска почнува есента на северната хемисфера, а истовреме на јужната хемисфера почнува пролетта.

На првиот ден од есента, Сонцето во Скопје ќе изгрее во 06:20 часот, а ќе зајде во 18:32 часот. Денот ќе трае 12 часа и 12 минути.

Синоптичарите за денеска најавуваат променливо облачно време со сончеви периоди. Попладне и кон крајот на денот се очекуваат повремени локални врнежи од дожд кои наместа ќе бидат проследени со ретки грмежи. Врнежи ќе има и во вторник кога на места ќе биде нестабилно со пороен дожд, грмежи и засилен ветер./МИА

притисни ентер