Заев за ФАЦ: ЕУ ни вети – испорачајте вие, ќе испорачаме и ние

Премиерот Зоран Заев, кој е во посета на Германија, во интервју за германскиот „Франкфуртер алгемајне цајтунг" вели дека ЕУ и шефовите на европските држави дале ветување дека доколку се реши спорот со Грција, земјата ќе напредува на патот кон ЕУ.

– ЕУ останува голем поттик за нас. Сакаме да се подобриме, како држава и како општество. Но исто така е точно дека ЕУ, канцеларката Меркел и многу други шефови на европски влади ни дадоа ветување во однос на решавањето на спорот со Грција и спроведувањето на внатрешните реформи. Ни беше речено: Исполнете вие, ќе исполниме ние. Уште од 2005, значи веќе 15 години сме кандидат за членство во ЕУ. Нерешениот спор со Грција сиве овие години беше голема пречка. Во февруари 2018 бев во Берлин, и пораката од Ангела Меркел беше големо охрабрување за сите нас – Доколку го решите спорот за името и ги започнете важните реформи, и Европа ќе се држи до својот збор. Канцеларката Меркел не посети и на нашиот Ден на независноста и ја повтори оваа порака, вели Заев во интервјуто што го пренесува Дојче веле.

Неотворањето на преговорите со ЕУ, смета него, ќе го засили влијанието на трети држави. – Кинеските економски интереси во регионот се познати. Русија е видливо поактивна во Србија, но традиционално е заинтересирана за Балканот- за нас, за Бугарија, Грција и Босна. Европа не смее дополнително да ја засилува прераспределбата на влијанието во регионот, оценува Заев.

Доколку не се добие датум за преговори, според Заев, постои можност да го изгуби мнозинството во Парламентот, а на прашањето дали тоа значи оти на земјата и се закануваат нови избори, тој одговара потврдно.

Недобивањето датум, според Заев, нема да значи и крај на напорите на земјата да се реформира, но предупредува дека ќе се загуби еланот на тој пат.

– Доколку Европа не се држи до своето ветување, ние сепак ќе ја донесеме Европа во Северна Македонија, со тоа што ќе ги спроведеме европските реформи и без процес на преговори. Но без процесот на преговори, без атрактивноста на ЕУ на хоризонтот, мотивацијата за тоа нема да биде иста, истакнува Заев.

Во интервјуто, Заев вели дека не го загрижува иднината на Преспанскиот договор доколку на изборите во Грција победи Нова демократија, но додава дека постои можност новата грчка влада да ја блокира земјата во текот на преговорите со ЕУ.

–  Делови од нашиот договор се уште треба да се имплементираат, како што е воведувањето на новите пасоши и други документи со новото име, или промената на историските учебници. Тоа може во секој момент да доведе до компликации во нашите преговори за членство, вели Заев./МИА 

Заврши собраниската седница: разрешени Тевдовски, Фазлиу и Лика

Собранието ги  разреши владините министри во досега најголемата реконструкција од владата на Зоран Заев.

Скоро едногласно од фунцијата беа разрешени Драган Тевдовски, Сухејл Фазлиу и Хазби Лика.

Во жестока атмосфера која траеше скоро цел ден, најголема дебата отвори предлогот на премиерот Заев да биде и министер за финансии.Сепак, уште на самиот почеток тој го повлече предлогот, откако претходно реагираа Антикорупциската комисија и опозицијата.

Со реконструкцијата, политичката партија НДП го загуби министерското место во локална самоуправа, а на тоа жестоко реагираше лидерот Весел Мемеди.

Утре продолжува расправата за избор на новите министри.

Борисов: Очекувам Бугарија и Северна Македонија да ги задржат добрите соседски односи

Очекувам Бугарија и Република Северна Македонија да ги задржат добрите соседски односи, изјави денеска бугарскиот премиер Бојко Борисов во обраќањето на Пловдивскиот економски форум.

Борисов изрази надеж дека на претстојната средба на земјите од Берлинскиот процес, што ќе се одржи во Познањ, ќе биде донесено решение Република Северна Македонија и Бугарија да бидат заеднички домаќини на следниот собир во овој формат.

– Историски ние сме војувале со сите соседи, како резултат на тоа регионот на Балканот заостана. Сега ги сменивме работите. Се надевам дека ќе ги надминеме сите потешкотии, изјави Борисов.

Тој потсети дека за време на претседавањето со ЕУ минатата година, Бугарија во рамки на Унијата ја наметна „најсложената, опасна и тешка тема" за евроинтеграцијата на земјите од Западен Балкан. – Се надевам дека колегите еден ден ќе го ценат тоа, додаде Борисов.

– Имаме ретка шанса, на оваа територија наречена Балкан, која е толку натопена со крв како ретко кое друго место, сите ние да создадеме прекрасна бизнис клима, порача Борисов во обраќањето пред учесниците на Форумот.

Пловдивскиот економски форум се одржува втора година по ред и на него присуствуваат претставници на владите, бизнисот и невладиниот сектор од повеќе европски земји, кои разговараат за предизвиците поврзани со економскиот раст и конкурентноста на Бугарија и Југоисточна Европа.

Дел од темите за кои ќе се дискутира на овогодишниот Форум се поврзани и со перспективите на земјите од Западен Балкан, очекувањата од новиот Европски парламент и новата Еврокомисија, како и со демографските и здравствените проблеми. 

Данската полиција во голема акција против криминалци од земјите на Западен Балкан

Данската полиција денеска уапси 31 криминалец , членови на голема криминална група , која шверцувала и продавала оружје и дрога на територијата на ЕУ.

Меѓу другото, групата се товари за криумчарење и шверц на 1 650 килограми кокаин.  Данската полиција во акцијата под име ,,Голдфингер” , насочена против криминалци од земјите на Западен Балкан , изврши претрес во куќи на 40 локации , каде се најдени огромно количество оружје , дрога и пари во кеш.

Акцијата е спроведена во соработка со полициските служби во Германија , Холандија , Словенија , Шведска и Албанија , соопшти Европол.

Тројца експерти од Европол биле вклучени во акцијата , кои им дале и аналитичка поддршка , како и организација на состаноци во седиштето на Европката полиција во Данска.

притисни ентер