„Економист": Одбивањето на Северна Македонија за ЕУ би било сурово, самопоразувачки и погрешно

– Да се одбие Скопје за почеток на преговорите за членство би било сурово, самопоразувачки и погрешно, оценува влијателниот британски магазин „Економист" во написот „ЕУ мора да си го одржи ветувањето кон Северна Македонија.

-Внатрешните проблеми во ЕУ не треба да го одвлекуваат вниманието од вонредниот напредок на земјата, која од февруари е преименувана како Северна Македонија. По неколку години авторитарна власт, новата влада, предводена од Зоран Заев, започна со справување со корупцијата и реформирањето на судството. Во регионот погоден од етнички судири, македонската и албанската заедница имаат добри односи. И најважното од се, минатата година Владата на Заев го потпиша Преспанскиот договор со Грција, завршувајќи апсурден, но дестабилизирачки спор околу името на земјата со додавање на географска одредница, пишува „Економист".

Потсетува дека на земјата и беше ветено дека со исполнување на обврските ќе може да ги почне преговорите со ЕУ и пристапувањето во НАТО, што му овозможи на премиерот Заев да го истурка дома Договорот од Преспа. Во јуни 2018 година препораката за почеток на преговорите беше одложена за една година. Но, сега е можно понатамошно одложување, а таквиот чекор, не само што е нефер, туку и  опасен, предупредува „Економист".

За да ги започне преговорите за членство, неопходно е секоја земја од ЕУ да даде согласност. Досега камен на сопнување беа Франција и Холандија. Но, сега, како што го омекнува Макрон, се појави нова пречка – Германија. На Владата на Ангела Меркел и е неопходно зелено светло од Бундестагот за да одобри почеток на преговорите, но пратениците од нејзината ЦДУ се спротивставуваат. Тие тврдат дека им треба повеќе време за дебата. Тоа им оди во прилог на противниците на проширувањето. Некои и забележуваат на Албанија за судскиот систем, но кандидатурите на двете земји би можеле и да се одвојат. Други, пак, сакаат да и наштетат на Меркел, а и нејзиниот авторитет се намалува како што оди кон завршување на политичката кариера.

„Економист" наведува дека првичниот план беше за одлуката за преговори да се решава на состанокот на Советот на ЕУ ​​на 18-ти јуни. Но, тоа сега изгледа невозможно. Посебен самит на лидерите би можел да се свика во јули на кој би можела да помине одлуката за Северна Македонија. Но, Бундестагот наскоро ќе започне со летниот распуст. Друга можност нема да се појави до октомври, а дотогаш може да се вкорени навиката на постојани одложувања.

– Секој ден изгубен е опасен за владата на Заев. Откако веќе доживеа едно одложување, гласачите стануваат скептични. Опозицијата, која сé уште е лута од паѓањето од власт, ќе се засили на првиот знак на неуспех. Покрај тоа, до есен Грција веројатно ќе има нова централно-десничарска влада која ќе се соочи со притисок од гласачите против Договорот Преспа да стави вето за преговорите. Дополнително за ЕУ, ​​толку дрското прекршување на ветувањето на една балканска држава ќе ги зајакне лидерите и силите во другите земји, кои велат дека на Европејците не може да им се верува. Тоа ќе наиде на одобрување од другите сили кои душкаат наоколу, како Русија, Кина и Турција.

Спротивно на тоа, отворањето на преговорите со Северна Македонија ќе ги зајакне проевропските реформатори низ целиот Балкан. Започнувањето на прегооврите не е гаранција и за нивно успешно завршување, а пример за тоа е Турција, која ги започна преговорите во 2005 година. Пристапот на Хрватска траеше осум години. ЕУ не треба да ја изгуби довербата во нејзиното најмоќно оружје за надворешна политика. Одбивањето на Северна Македонија би било сурово, самоуништувачко и погрешно, заклучува „Економист"./МИА

Заев во Њујорк на Генералното собрание на ОН, утре прва средба со Мицотакис

Владина делегација предводена од премиерот Зоран Заев од денеска до сабота ќе престојува во Њујорк каде што ќе учествува на 74. Генерално собрание на Обединетите нации. Утре, според грчки извори, ќе биде реализирана и средба Заев-Мицотакис.

Ова ќе биде прва средба на двајцата премиери откако Кирјакос Мицотакис победи на изборите што се одржаа на почетокот на јули во Грција.

Во агендата на премиерот Заев е предвидена и официјална средба со генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш, како и присуство на приемот на покана од претседателот на САД Доналд Трамп и сопругата Меланија по повод одржувањето на 74-тото Генералното собрание на ОН.

Официјалното обраќање на премиерот Заев на Генералното собрание на ОН е предвидено за сабота во претпладневната сесија.

Во состав на владината делегација се и вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи, министерот за надворешни работи Никола Димитров, министерот за здравство Венко Филипче и министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини.

Министрите ќе учествуваат во работата на форумите во рамки на четирите самити кои годинава се посветени на климатските промени, на универзалниот пристап до квалитетни здравствени услуги, на целите за одржлив развој и на финансирање на развојот. /МИА

Нова средба на работните групи за законот за јавно обвинителство

Работните групи на власта и опозицијата денеска во Собранието ќе одржат нова средба за законот за јавно обвинителство, потврдија за МИА од Министерството за правда.

Според лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, на СДСМ не му одговара да се донесе законот за јавно обвинителство и го кочи целиот процес, затоа што СДСМ, како што изјави во интервју за МИА, „сака да имплементира правно насилие во пресметката со политичките неистомисленици".

Премиерот Зоран Заев, пак, смета дека работните групи не се далеку од постигнување договор за законот за јавно обвинителство. Тој е оптимист и е подготвен да седне повторно со Мицкоски на маса, но откако преговарачките тимови ќе направат чекор напред.

Министерката за правда Рената Дескоска вели дека идеална ситуација би била законот да се донесе, но додава дека има отпор од страна на опозициската ВМРО-ДПМНЕ за донесување заеднички солидни решенија коишто ќе ги имплементираат европските стандарди.

-Мојата опција е дека би било подобро да не донесеме закон отколку да донесеме лош закон,  во случај ако имаме ситуација во која треба да имаме закон којшто ќе внесе поретроградни решенија од постојните, кој нема да значи напредок на нашето законодавство кон европското, вели Дескоска во емисијата Стадион на Канал 77.

Денешната средба на работните групи за законот за јавно обвинителство е прва по лидерската средба на Заев и Мицкоски која се одржа на почетокот на овој месец и од која не произлезе никакво решение./МИА

Бојан Јовановски денеска повторно на распит за „Рекет"

Во Јавното обвинителство за организиран криминал и корупција на распит денеска треба повторно да биде спроведен првоосомничениот за случајот „Рекет" Бојан Јовановски – Боки 13, кој се наоѓа во притвор во КПУ Затвор Скопје.

Ова е втор исказ на Јовановски за случајот „Рекет". Бојан Јовановски – Боки 13 на 15 јули годинава беше приведен на распит во Обвинителството заедно со второосмоничениот Зоран Милевски.

По неколкучасовниот распит Јовановски беше изведен пред Суд, каде на барање на Јавното обвинителството му беше одредена мерка притвор.

Во изминатиот период во врска со овој случај во Обвинителството сведочеа бизнисменот Силјан Мицевски, водителката Лила Филиповска и пратениците Фросина Ременски и Александар Кирацовски, како и претседателката на Собранието на Меѓународниот сојуз Агапи Дика и бизнисменот Зоран Азманов.

Поранешната шефица на СЈО Катица Јанева, која исто така, се наоѓа во притвор како третоосомничена исказ ќе дава во вторник.

Во случајот „Рекет" што го отвори Обвинителството за организиран криминал и корупција осомничени се  Бојан Јовановски и Зоран Милевски-Кичеец, како и специјалната јавна обвинителка Катица Јанева. Сите тројца се во притвор. /МИА

притисни ентер