Полицијата казнила 13 возачи без дозвола и 12 возеле пребрзо

Во текот на изминатиот ден на подрачјето на Секторот за внатрешни работи Скопје преземени се мерки и активности и констатирано е дека 12 возачи управувале возила со брзина поголема од дозволената.

Од сообраќај се исклучени 14 возачи од кои: 13 возачи затоа што управувале возила без да се стекнат со право за управување на моторно возило и еден возач – почетник, кој не ги почитувал законските ограничувања. 

Исто така, исклучени од сообраќај се и 22 возила бидејќи 17 биле нерегистрирани, четири возила затоа што биле технички неисправни и едно возило поради претовар.

Санкционирани се осум возачи поради поминување на крстосница на црвено светло, седум поради недавање првенство на минување на пешаци, еден возач поради неправилно престројување, шест возачи на мотоцикли поради неносење заштитен шлем, четири возачи поради неносење сигурносен појас за време на управување на моторно возило и 11 возачи поради користење на мобилен телефон при управување на возило.

Во однос на пешаците, санкциониран е еден пешак поради поминување коловоз  на црвено светло. Во текот на изминатиот ден издадени се 80 мандатни платни налози и 49 возила се подигнати со специјално возило „пајак".

Конференција за регионалната соработка за унапредување на родовата еднаквост

Клубот на пратенички во соработка со Националниот демократски институт денеска во Собранието организира конференција посветена на регионалната соработка во областа на унапредувањето на родовата еднаквост и борбата против говорот на омраза.

На конференцијата ќе се обратат претседателката на Клубот на пратенички Ѓулумсер Касапи, претседателката на Комисијата за еднакви можности Даниела Рангелова, директорот на Националниот демократски институт Крис Хеншоу и извршната директорка на Македонското женско лоби Даниела Димитриевска. /MИА

Заев во Њујорк на Генералното собрание на ОН, утре прва средба со Мицотакис

Владина делегација предводена од премиерот Зоран Заев од денеска до сабота ќе престојува во Њујорк каде што ќе учествува на 74. Генерално собрание на Обединетите нации. Утре, според грчки извори, ќе биде реализирана и средба Заев-Мицотакис.

Ова ќе биде прва средба на двајцата премиери откако Кирјакос Мицотакис победи на изборите што се одржаа на почетокот на јули во Грција.

Во агендата на премиерот Заев е предвидена и официјална средба со генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш, како и присуство на приемот на покана од претседателот на САД Доналд Трамп и сопругата Меланија по повод одржувањето на 74-тото Генералното собрание на ОН.

Официјалното обраќање на премиерот Заев на Генералното собрание на ОН е предвидено за сабота во претпладневната сесија.

Во состав на владината делегација се и вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи, министерот за надворешни работи Никола Димитров, министерот за здравство Венко Филипче и министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини.

Министрите ќе учествуваат во работата на форумите во рамки на четирите самити кои годинава се посветени на климатските промени, на универзалниот пристап до квалитетни здравствени услуги, на целите за одржлив развој и на финансирање на развојот. /МИА

Нова средба на работните групи за законот за јавно обвинителство

Работните групи на власта и опозицијата денеска во Собранието ќе одржат нова средба за законот за јавно обвинителство, потврдија за МИА од Министерството за правда.

Според лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, на СДСМ не му одговара да се донесе законот за јавно обвинителство и го кочи целиот процес, затоа што СДСМ, како што изјави во интервју за МИА, „сака да имплементира правно насилие во пресметката со политичките неистомисленици".

Премиерот Зоран Заев, пак, смета дека работните групи не се далеку од постигнување договор за законот за јавно обвинителство. Тој е оптимист и е подготвен да седне повторно со Мицкоски на маса, но откако преговарачките тимови ќе направат чекор напред.

Министерката за правда Рената Дескоска вели дека идеална ситуација би била законот да се донесе, но додава дека има отпор од страна на опозициската ВМРО-ДПМНЕ за донесување заеднички солидни решенија коишто ќе ги имплементираат европските стандарди.

-Мојата опција е дека би било подобро да не донесеме закон отколку да донесеме лош закон,  во случај ако имаме ситуација во која треба да имаме закон којшто ќе внесе поретроградни решенија од постојните, кој нема да значи напредок на нашето законодавство кон европското, вели Дескоска во емисијата Стадион на Канал 77.

Денешната средба на работните групи за законот за јавно обвинителство е прва по лидерската средба на Заев и Мицкоски која се одржа на почетокот на овој месец и од која не произлезе никакво решение./МИА

притисни ентер