Коциќ: Концетрациите на арсенот во почвата загрижувачки, најголеми кај целерот

 Концетрации на арсенот во почвата се на загрижувачко високо ниво. Помалку концетрации има во зелката и морков, но фрапирачко висока е во целерот, во кој има 16 пати поголема концетрација од дозволеното.

Ова се резултатите од анализите направени од испитувањето на нивото на загаденост на почвата во Скопскиот регион, што денеска во Скопје ги презентираше еколошкото друштво „Вила зора".

Ненад Коциќ од „Вила зора" рече дека проектот е спроведен во четири општини Тетово, Велес, Кавадарци и Скопје заедно со партнери од здружението „Балкански мостови"

– Направени се испитувања врз основа на препораките на експертите за она што најмногу имаа сомневање, а тоа е кадмион и арсен. Концетрациите на арсенот во почвата се загрижувачки. За жал, многу е високо присуство на арсенот во одредени испитувани растенија со помалку концетрации во зелката и во морков, меѓутоа фрапирачко високи концетрации во целерот, со негде до 16 пати поголема концетрација од дозволената, рече Коциќ.

Додаде дека одредени земјоделски производи се навистина токсични по здравјето на луѓето и оти крајно време е да се преземат конкретни мерки во смисла на намалувањето на загадувањето на почвата, а со тоа и создавање на услови за присуство на здрава храна.

На прашањето каде е забележано најголемо присуство на арсен освен во целерот, тој појасни дека се загрозени и растенијата со помали корени.

– Растенијата што имаат подлабоки корени немаат големо влијание од загадувањето затоа што корењата се длабоки и апсорбираат хранливи материи во подлабоките површини каде што загадувањето на стасува. Меѓутоа во сите градови што ги испитувавме има многу ефектирани растенија кои имаат поплитки корења, до кај 40/50 сантиметри и кои што се хранат од овој површински слој, појасни тој.

Посочи дека причината за големото пристуство на арсен е од загадување на водата и од загаденоста во околина на железара, односно тешките метали во воздухот се спуштаат и паѓаат во почвата, со дождовите одат се подлабоко и остануваат во производите што се произведуваат кај храната што ја конзумираме.

Според него, проблемот може да се реши само со намалување на загадувањето, но потребно е и да се изврши деконтаминација на почвата на повеќе начини.

Миткова од Факултет за Земјоделски науки и храна појасни дека почвата може да не биде контаминирана, но доволно е да има контаминација во воздухот или во водите, па тие контаминентите да ги донесат во почвата, а контаминирана почва бидејќи е во контакт со нивните сфери, загадувачките материи може да ги пренесат и во биосферата на растенијата, во подземните водите, и во водите за наводнување на храната.

– Почвата не е изолиран систем. Таа е во контакт и со другите сфери, и има многу функции има почвата, но една е најважна, тоа е производство на биомаса односно производство на храна. Се повеќе и повеќе имаме недостаток на храна во светот, иако некој ја фрла храната не знае што да прави со храната гледаме страшни слики на интернет, или по медиумите каде што огромен број од населението, умира токму како резултат од недостиг на храна. Ние имаме дури 12,17 отсто од непродуктивно земјиште и тоа од година во година се зголемува на сметка на обработливата површина. Затоа сериозно да и се посветиме на почвата, да ја запознаеме и да ја чуваме./МИА.

Хуманитарен настан за лекување на Кара Селовска

Општина Центар во сабота во Паркот на Франкофонија организира музички хепенинг за собирање средства за лекување на 12-годишната Кара Селовска, која се лекува во Барселона.

Настанот е во организација на сите осум основни училишта на подрачјето на општина Центар и со поддршка на Општина Центар.

Кара е ученичка во ООУ „Јохан Хајнрих Песталоци“ во Општина Центар, а поради сериозни компликации во моментот е хоспитализирана на клиниката во Барселона поради дијагностицирање на нејзината болест.

- Ова е втора акција која Општина Центар ја организира за собирање средства за лекување. Претходно, пензионерите од Центар организираа аукција на слики преку која собираа донации за Кара, информираат од Општината.

Њу Орлеанс последен избори плејоф во НБА-лигата

Кошаркарите на Њу Орлеанс пеликанс рано утрово забележаа победа над Сакраменто кингс со 105:98 во плејин натпреварот одигран на домашен терен.

Најефикасен играч на натпреварот беше Де'Арон Фокс ос Сакраменто кој постигна 35 поени.

Во победничкиот состав се истакна Брендон Инграм со 24 поени.

Пеликанс се пласираа во плејофот каде во првото коло ќе играат против Оклахома.

Покрај Њу Орлеанс место во разигрувањето за трофејот преку плејин обезбедија и Лос Анџелес лејкерс, Мајами Хит и Филаделфија.

Плејофот во најсилната кошаркарска лига на светот почнува вечер со натпреварите:

Кливленд кавалирс – Орландо меџик и

Минесота тимбервулвс – Феникс санс. /МИА

Стапуваат во сила дополнителните обврски од ДСА за „Порнхаб“, „Стрипчет“ и „ИксВидеос“

Новите обврски за „Порнхаб“ и „Стрипчет“ почнуваат да важат од утре, а за „ИксВидеос“ од втроник.

Интернет сајтовите со содржини за забава на возрасни „Порнхаб“, „Стрипчет“ и „ИксВидеос“ ќе мора да се усогласат со дополнителни обврски што произлегуваат од Законот за дигитални услуги на ЕУ (ДСА), откако изминуваат четири месеци од нивното назначување за „многу големи онлајн платформи“.

Дополнителните обврски, кои мора да ги почитуваат сите „многу големи онлајн платформи“, односно социјални мрежи, пребарувачи, страници за е-трговија и сајтови кои месечно имаат над 45 милиони корисници од ЕУ, се однесуваат на поднесување извештаи за проценка на ризик до Европската комисијата, воспоставување мерки за справување со системските ризици поврзани со услуги што ги нудат, усогласување со правилата за транспарентност и за емитување рекламите, како и за обезбедување пристап на истражувачите до нивните податоци.

Новите обврски за „Порнхаб“ и „Стрипчет“ почнуваат да важат од утре, а за „ИксВидеос“ од втроник.

Целта на Законот за дигитални услуги на ЕУ е да ги натера онлајн платформи да преземат поголема одговорност за обезбедување побезбеден и потранспарентен интернет простор, со тоа што, меѓу останатото, ќе спречат ширење на илегални содржани и ќе ги намалат ризиците по малолетниците.

Општите одредби од Законот за дигитални услуги, покрај за „многу големите онлајн платформи“, од 17 февруари годинава почнаа да важат за сите интернет страници независно од нивната големи. Меѓу овие одредби се и обврските за упатување на известување за соодветност на одредена содржина на возраста на корисниците, забрана за целно таргетирани реклами, пред се насочени кон деца и зголемена транспарентност. /МИА

притисни ентер