Спасовски: Ги заокруживме реформите во безбедносниот сектор

 Македонија веќе две години посветено и реализирано работи на исполнување на сите критериуми што се очекуваат од нас.

Се заложивме да испорачаме резултати во реформите во клучни области од итните реформски приоритети како што се судството, борбата против корупција и организиран криминал, разузнавачките служби, реформата на јавната администрација.

Ова денеска го изјави министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, кој се обрати на вториот состанок на Управната група за преземени обврски за безбедност во рамки на Берлинскиот процес, во организација на Британското Министерство за надворешни работи и работи на Комонвелтот.

– Неспорно е дека безбедноста на разузнавачките служби има круцијална улога во заштитата на националната безбедност и почитување на владеењето на правото. Нивната цел е да се соберат, анализираат и пренесат информации што се неопходни за заштита на безбедноста, без разлика дали е тоа национална, регионална или глобална и за заштита на човековите слободи и права, со акцент на превентивната улога, рече Спасовски.

Покрај силно изразената политичка волја за целосно исполнување на препораките на Прибе, како што рече, силна мотивација со која се пристапи кон спроведување на реформите е враќање на довербата во државните институциите, довербата дека постапуваат почитувајќи го законот и во согласност со високи етички и професионалнистандарди.

– Исполнувањето на реформите во безбедносниот сектор беше еден од клучните предуслови за членство на Македонија во Европската Унија. Првата спроведена реформа е онаа што ја направивме во следењето на комуникации со формирање на Оперативно-техничката агенција. Втората реформа е носењето на законите за Агенцијата за национална безбедност и Законот за координација на безбедносно-разузнавачката заедница во земјава. Во целиот овој процес најважно беше агенцијата да се постави врз начела и принципи што ќе овозможат формирање модерна и ефикасна служба по примерот на европските, да се одземат полициските овластувања и да се тргне превезот на тајната полиција, од која се плашат граѓаните, а сето тоа е процес за кој треба да се крева јавната свест, посочи Спасовски.

Преку конструктивен пристап, во соработка со опозицијата и следејќи ги насоките на нашите меѓународни партнери дојдовме до, како што рече, квалитетно законско решение, коe од една страна значи гаранција на човековите права и приватноста, а од друга страна креирање предуслов за силен механизам за ефикасна борба против организираниот криминал, тероризам и закани во глобални размери по безбедноста и сигурноста на сите граѓани.

– По донесувањето на Законот за следење на комуникациите и Законот за оперативно –техничката агенција, и со донесувањето на Законот за агенција за национална безбедност ги заокруживме реформите во безбедносниот сектор што со години меѓународната заедница ни ги препорачува и се еден од условите на нашиот евроатлански пат, рече Спасовски.

Министерот Спасовски потенцира дека нашата држава е сигурен и стратешки партнер што знае да се придржува на договор, да ги исполнува своите обврски и очекува дека Македонија ќе добие поддршка од земјите членки на ЕУ.

– Тоа е важно за и нас и за целиот овој регион. И добра порака за сите е дека овие простори треба да бидат во силно партнерство со ЕУ, рече Спасовски.

„Војаџер 1“ повторно испраќа корисни и употребливи податоци

Леталото полета пред 46 години и седум месеци и сега се наоѓа на над 24,3 милијарди километри далечина од планетата Земја.

Американската Национална воздухопловно-вселенска администрација - НАСА првпат по пет месеци доби конкретни и употребливи податоци од „Војаџер 1“, откако инженерите изнајдоа решение за комуникацискиот проблем со леталото што досега отишло најддалеку во Вселената.

Се работи за систем за собирање информации што потоа се комбинираат со инженерските податоци и така ја покажуваат моментната состојба на уредот - оддалеченоста, средината што го опкружува и сл. Компјутерите на леталото испраќаа бескорисни податоци од ноември лани, но научниците од НАСА успеаја повторно да го оспособат уредот, инаку лансиран 1977 година.

Контролата на мисијата на Земјата ги прима тие податоци во бинарен код - низа од единици и нули. Од минатиот ноември, системот на „Војаџер 1“ испраќал радиосигнал, но податоците немале никаква корисна цел, ниту пак, смисла, јави „Еј-би-си њус Австралија“.

- Денеска беше голем ден за „Војаџер 1“. Ја вративме комуникацијата со вселенското летало. Со нетрпение очекуваме повторно да добиваме научни податоци, изјави Линда Спилкер - една од научниците кои работат на мисијата.

Од 20 април, засега, се чини дека „Војаџер 1“ е во добра состојба. Леталото полета пред 46 години и седум месеци и сега се наоѓа на над 24,3 милијарди километри далечина од планетата Земја.

Видео: „Мона Лиза“ рапува со помош на вештачка интелигенција

„Мајкрософт“ ја претстави новата технологија со вештачка интелигенција наречена „ВАСА-1“, што може да сними фотографија и аудиоисечок и да ги комбинира во реалистична видеоснимка.

За почеток, технолошкиот гигант претстави видео на кое „Мона Лиза“ на ренесансниот уметник Леонардо да Винчи „ја рапува“ песната „Paparazzi“... Но, овде не се работи за хитот на Лејди Гага, туку рап-верзијата што Ен Хатавеј ја изведе во „Емисијата на Конан О'Брајан“ во 2011 година.

„Ова е толку смешно, плачам од смеење“, „Само Да Винчи да можеше да го види ова“, „Уште едно страшно видео со вештачка интелигенција“, „Ова е морничаво“ - се дел од коментарите.

Видеото набрзо собра над 7,1 милиони прегледи на само еден профил на „X“.

Мадуро размислува повторно да се отвори Канцеларијата на ОН за човекови права во Венецуела

Мадуро најави дека е подготвен да се сретне со претставникот на Канцеларијата на ОН за човекови права.

Венецуелскиот претседател Николас Мадуро најави дека е подготвен да се сретне со претставникот на Канцеларијата на ОН за човекови права, откако претходно, во февруари, венецуелската Влада побара од вработените во Канцеларијата да ја напуштат земјата во февруари.

-Добив предлог за повторно отворање на Канцеларијата на високиот комесар на ОН за човекови права во Венецуела и се согласувам дека треба да ги надминеме нашите разлики, изјави Мадуро за венецуелската национална телевизија, за време на заедничкиот говор со главниот обвинител на Меѓународниот кривичен суд, Карим Кан.

Мадуро додаде дека е подготвен наскоро да се сретне со Фолкер Тирк и дека претставникот на Канцеларијата е добредојден да дојде на разговори за разликите што ги имаат и начините за надминување на конфликтот што произлезе.

Откако кон средината на февруари од персоналот на Канцеларијата за човекови права на ОН беше побарано да ја напушти Венецуела, владата најави дека во рок од еден месец ќе ги ревидира техничките услови за соработката.

Венецуелската влада потоа го критикуваше „колонијалистичкиот, навредлив и насилен однос“ на ОН, откако специјалниот известувач рече дека венецуелската програма за храна не се занимава со основните причини за гладта во земјата, потсетуваат британските медиуми. /МИА

притисни ентер