Шокантни сведоштва: Медиумско-политичка банда изнудува пари од бизнисмени

Постои ли опасна медиумско-политичка банда, која изнудува пари за рекламирање.. Секојденвено се споменуваат примери и нови сведоштва за кои досега нема докази, но според некои информации постојат и аудио и видео снимки.

Во новинарските и политичките кулоари деновиве тема број еден се информациите за постоење на спрега составена од една телевизија и функционери кои со закани и уцени изнудуваат пари од бизнисмени. За еден таков случај во својата последна колумна пишува и новинарот Бранко Геровски. Случката била во хотел во еден туристички центар, а на средбата присуствувале  сопственик на хотелот кој бил и политички истакнат, потоа двајца членови на раководството на неговата партија, сопственикот и уредникот на медиумот како и бизнисменот жртва на изнудата.  Од него било побарано да склучи годишен договор за рекламирање, а тој откако ги ислушал изразил подготвеност да одвои четири до пет илјади евра. Но, на ова жестоко реагирал сопственикот на медиумот во текстот наречен со псевдонимот Коки, име за кое Геровски пишува дека совршено би му одговарало.   

-“ Штоооооо?!!! – Што е ова вие со мене ли ќе се зафркавате ? Јас за годишен договор не разговарам за сума под двесте илјади евра! “ – извикал сопственикот на медиумот.

Оваа приказна според пишувањето на Геровски се завршила добро за жртвата, но вели дека има многу кои ја платиле бараната сума.

- “ Велат дека ова „двесте илјади евра“ овој познат лик го има изговорено во повеќе слични прилики, со истиот бесен, пискав и феминизиран тон.  “ пишува во текстот.

За овие информации во синоќешното интервју на “Топ тема” беше прашан и лидерот на опозицијата Мицкоски.

 “ Има написи дека постои група одредена блиска до власта која рекетира сопственици бизнисмени газди на хотели заедно со одреден медиум, тоа се шпекулации, но дали вие како опозиција имате такви сознанија, сте работеле на таква истрага и дали нешто сте дознале во врска со тоа?

- Еве ќе ве потсетам, јас прв го отворив сомнежот, на една ваква дебата, со еден новинар, на една телевизија.

Дали вие знаете за што се работи?

-Замислете на ден пред изборите по допрен глас ДКСК отвори истраги за мене , за овој за оној , итн, а никако по допрен глас да отвори истрага за ова, еве што не отворат истрага, што не отвори Јавното обвинителство истрага по допрен глас истарга.

За што всушност се работи за каква спрега?

- Сега, како да Ви кажам би бил несериозен да навлегувам во подлабинско коментирање на ова кое навистина ќе биде срам за македонската држава кога ќе се објави.“

Мицкоски во интервјуто за кое говори постави  јавно прашање дали е точно дека има медиуми кои делат дел од платата на рака , а сомнежи дека еден медиум се злоупотребува за изнуда на спонзорства кажа во изјавата даденапос средбата со коалиционите партнери на 13ти март.

 “ Јас имам индиции дека близок роднина на специјалната јавна обвинителка е дел од менаџментот на една телевизија и се користи нејзината позиција во комуникација на потенцијални спонзори на таа телевизија.”

Канал 5 се обрати до МВР и до Основното јавно обвинителство, но од таму за сега нема информации за одредена постапка.

Нова средба на работните групи за законот за јавно обвинителство

Работните групи на власта и опозицијата денеска во Собранието ќе одржат нова средба за законот за јавно обвинителство, потврдија за МИА од Министерството за правда.

Според лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, на СДСМ не му одговара да се донесе законот за јавно обвинителство и го кочи целиот процес, затоа што СДСМ, како што изјави во интервју за МИА, „сака да имплементира правно насилие во пресметката со политичките неистомисленици".

Премиерот Зоран Заев, пак, смета дека работните групи не се далеку од постигнување договор за законот за јавно обвинителство. Тој е оптимист и е подготвен да седне повторно со Мицкоски на маса, но откако преговарачките тимови ќе направат чекор напред.

Министерката за правда Рената Дескоска вели дека идеална ситуација би била законот да се донесе, но додава дека има отпор од страна на опозициската ВМРО-ДПМНЕ за донесување заеднички солидни решенија коишто ќе ги имплементираат европските стандарди.

-Мојата опција е дека би било подобро да не донесеме закон отколку да донесеме лош закон,  во случај ако имаме ситуација во која треба да имаме закон којшто ќе внесе поретроградни решенија од постојните, кој нема да значи напредок на нашето законодавство кон европското, вели Дескоска во емисијата Стадион на Канал 77.

Денешната средба на работните групи за законот за јавно обвинителство е прва по лидерската средба на Заев и Мицкоски која се одржа на почетокот на овој месец и од која не произлезе никакво решение./МИА

Бојан Јовановски денеска повторно на распит за „Рекет"

Во Јавното обвинителство за организиран криминал и корупција на распит денеска треба повторно да биде спроведен првоосомничениот за случајот „Рекет" Бојан Јовановски – Боки 13, кој се наоѓа во притвор во КПУ Затвор Скопје.

Ова е втор исказ на Јовановски за случајот „Рекет". Бојан Јовановски – Боки 13 на 15 јули годинава беше приведен на распит во Обвинителството заедно со второосмоничениот Зоран Милевски.

По неколкучасовниот распит Јовановски беше изведен пред Суд, каде на барање на Јавното обвинителството му беше одредена мерка притвор.

Во изминатиот период во врска со овој случај во Обвинителството сведочеа бизнисменот Силјан Мицевски, водителката Лила Филиповска и пратениците Фросина Ременски и Александар Кирацовски, како и претседателката на Собранието на Меѓународниот сојуз Агапи Дика и бизнисменот Зоран Азманов.

Поранешната шефица на СЈО Катица Јанева, која исто така, се наоѓа во притвор како третоосомничена исказ ќе дава во вторник.

Во случајот „Рекет" што го отвори Обвинителството за организиран криминал и корупција осомничени се  Бојан Јовановски и Зоран Милевски-Кичеец, како и специјалната јавна обвинителка Катица Јанева. Сите тројца се во притвор. /МИА

Претседателот Пендаровски во посета на Велес

Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски денеска ќе престојува во посета на Општина Велес.

Посетата на Пендаровски, како што соопштуваат од неговиот кабинет, е во рамки на проектот „Лице в лице".

Пендаровски заедно со градоначалникот на Велес Аце Коцевски ќе засади садници на опожарените места крај езерото Младост, а потоа ќе ги посети ООУ „Св. Кирил и Методиј" и Територијалната противпожарна единица во овој град./МИА

притисни ентер